„Големиот бел заговор“ раскажува и за тоа колку Курт е изморен од сѐ и дека му е потребна пауза

Војо Цветановски, режисер

„Големиот бел заговор“ е целовечерна театарска претстава поставена во форматот – реализам. Раскажани се последните неколку дена од животот на рокенрол-ѕвездата и лидер на бендот „Нирвана“, Курт Кобејн.
Автор на текстот е Димитрије Војнов, а режисер Војо Цветановски.
Улогите ги играат Марјан Наумов, Ана Грамосли, Томислав Давидовски, Антонио Ташкоски, Здравко Стојмиров, Енџи Николоска. Првата реприза на претставата е закажана за 20 ноември, во 20 часот, како дел од роденденскиот репертоар во Народниот театар – Битола.
– За понатаму ќе се договараме бидејќи ова е надворешен проект, односно копродукција. Важно е дека сега е ставена на репертоарот на НТБ за ноември. За понатаму ќе видиме. Секој проект што го работам во животот, па и овој, го третирам како да ми е дете. Треба да го растеме за да созрее и да стане мудро. Колку ние ќе се покажеме како добри родители кон „Големиот бел заговор“ за тоа, само времето има одговор – вели Војо.

Каков е синопсисот на претставата?
Пред да почнеме, веднаш да разјасниме. Ова е драма. Ова е класична театарска претстава, која раскажува за последните денови и ужасната состојба во која се наоѓа Курт Кобејн. Ова не е музичка претстава, тука не се гледаат концертните изведби на „Нирвана“, но, сепак, ова е претстава за музиката, која раскажува како ОВА ВЕЌЕ НЕ Е РОКЕНРОЛ. Ова е ужас! Ужасот на еден млад човек.
„Големиот бел заговор“ е претстава што фрла една особено специфична дамка на сето она што се случи пред триесетина години кога физички засекогаш Курт Кобејн го напушти овој свет. Претставата раскажува за бескрупулозните притисоците што ги врши индустријата врз него и неговиот кревок карактер постојано, раскажува за тоа како таа – индустријата, не избира средства, ајде така да се изразам – брутална е во вршењето притисок кон него и неговото семејство за само уште еднаш тој да отсвири за неа, овој пат, конкретно за отворањето на 25. издание на фестивалот „Вудсток“, со што таа повторно и повторно ќе ја продава неговата приказна, приказната на „Нирвана“, преку која, во оние времиња, средината на деведесеттите години заработува милиони долари. Индустријата бара од него нешто што тој веќе не сака да го прави, односно да создаде уште еден нов албум налик на оној на „Nevermind“, кој таа го продаде во најголем тираж. Само тоа ја интересира, нов „Nevermind“.
Паралелно со оваа драматуршка линија, кон претставата директно и без никаква затскриеност, дејството раскажува и за состојбата на Курт, за тоа колку тој всушност повеќе не сака да биде дел од шоу-бизнисот и колку не сака да прави нов „Nevermind“, колку ѝ се противи на индустријата и е подготвен целосно да престане да свири во „Нирвана“. Претставата раскажува за неговото евентуално повлекување од „Нирвана“ или, можеби, привремено паузирање, ако се земе предвид како факт неговото „последно (проштално) писмо“, во што сите се сомневаат – дека тоа е некакво последно, а уште помалку проштално писмо, односно писмо во кое човек се откажува од животот.
Големиот бел заговор раскажува и за тоа колку Курт е изморен од сѐ и дека му е потребна пауза, а и сака да направи промена на звукот, сака да оди на рехабилитација и да се излекува од зависноста во која е длабоко потонат, зависноста од хероинот, дека си го сака семејството и сака нормално да продолжи со животот. Се разбира, на индустријата воопшто не ѝ се допаѓа сето тоа, тој да престане да свири. „Нирвана“ да престане да постои. Тоа за неа едноставно е неприфатливо! Единствениот начин за повторно „успешно да ја продаде“ приказната на „Нирвана“ е ликвидација на Курт Кобејн, ликвидација што ќе биде претставена како самоубиство, со што, потоа, од неговата умирачка (самоубиството) ќе направи маркетинг од епски размери и, и тоа ќе го продава. Што ѝ успева, до ден-денес. Денес „Нирвана“ е бренд, не е бенд! За жал. Се разбира, почитувани, сето ова е фикција, измислено драмско дело за тоа како веројатно би можело да биде. Официјално, смртта на Курт Кобејн до ден-денес се води како самоубиство. И толку. Крај!
Како се појави идејата на театарските штици да ги прикажете последните неколку дена од животот на рокенрол-ѕвездата и лидер на бендот „Нирвана“, Курт Кобејн? И зошто токму Кобејн?
Курт Кобејн, како и врз многумина на целата Земјина топка така и врз мене, влијаеше многу, односно приказната на „Нирвана“ и целиот тој правец – панк рок 101 (гранџ), кој во оние средни деведесетти години тој го наметна. Можеби ќе звучи претенциозно, но, тој, сигурно е еден од оние што влијаеја врз мене за денес јас да бидам ова што сум. Имаше, има и засекогаш ќе има посебно место во моето срце за него, односно имам одвоено посебен фолдер во мојата душа именуван „Курт“. Пред некој ден напишав: во средината на деведесеттите години од дваесеттиот век бев дете што беше фасцинирано од еден чичко, денес, почетокот на дваесеттите години од дваесет и првиот век, сум чичко што прави театарска претстава за тоа дете што тогаш за овој чичко беше чичко. Ова му го должев нему, си го должев себеси, нам двајцата, на целата наша генерација што растеше со правецот Панк рок 101 (Гранџ).
До 2009 година немав претстава дека постои текстот „Големиот бел заговор“, сѐ додека не се сретнав со Димитрије во Белград, кој тогаш ми кажа дека има напишано пиеса за последните неколку дена од животот на Курт Кобејн, а и дека претставата се игра на репертоарот во белградското „Ателје 212“. Тоа за мене беше шок. Имаш текст за Курт? Го сакам! – му реков. Димитрије веднаш ми го даде текстот. Се вратив во Скопје. Сакав веднаш да почнам да го работам, но постојано нешто ми се испречуваше на патот, тоа го читав како знак дека „сега не е време за ова“. И, го оставав, го враќав во фиока, но го оставав најгоре – секогаш да биде на врвот на ракописи што „ме чекаат“. Секоја година, оттогаш па наваму, за Нова година тајно сам си посакував желба да го сработам ова дело годинава. Секоја година, изминативе четиринаесет, се убедував себеси дека, еве, оваа година ќе ја направам претставата. И така беше сѐ до оваа 2023 г., четиринаесет години подоцна, кога и конечно го оживеавме ракописот на сцена.
Во кој сегмент од животот на Кобејн подлабоко нурнувате за да ѝ го доближите на публиката?
Курт Кобејн минува низ најразлични етапи во својот краток живот, кој било сегмент да го одбереме нема да погрешиме. Буквално. Тој е оригинален во секоја секунда од својот живот, почнувајќи од оние моменти кога „Нирвана“ е „обичен“ гаражен панк-бенд од дождливиот Сиетл и го создава „Bleach“, првиот албум – кој, според многумина, веројатно е сето она што „Нирвана“ навистина е, па сѐ до мегапопуларноста што му ја носи „Nevermind“. Тој несомнено беше човек што поседуваше икс-фактор. Од оваа позиција денес, не мислам дека тој беше нешто многу поразличен музички од оние што создаваа музика паралелно со „Нирвана“ во она време („Перл Џем“, „РЕМ“, „Соник Јут“, „Стоун роузис“, „Алис ин чеинс“…), но тој го имаше икс-факторот – формула што индустријата прецизно успеа да ја препознае и успешно да ја продаде, односно, како што вели еден од протагонистите во нашата претставата: „Успеаја на младите деца од белите квартови да им ја продадат маката на ’Нирвана‘ и од тоа да направат мега и успешна приказна“.
Секој сегмент од животот на Курт Кобејн е длабок на различен начин, но, доколку јас треба да го одберам најдлабокото, односно она што тој најгласно го искажува како мачнина што ја чувствува, која, патем, сѐ поинтензивна станува во неговата 27. година, а тоа да биде рефлектирано низ неговата музика, секако тоа е последниот албум на „Нирвана“, „In Utero“. Тој албум, ќе си дозволам да претерам, ќе кажам дека 99 отсто реално кореспондира со нашата претстава, а е напишано од него, не од нас.
Како од ракурс на режисер изгледаше целата подготовка на претставата?
За мене беше исклучително важно да ја раскажеме претставата брутално – да изгледа панкерски (читај: гаражно, празно, сиромашно, со кабли насекаде, засилувач, гитара, микрофон на сцена), но и да се случува директно пред очите на сите, во случајов сите оние што ќе ја погледнат претставата. Сакам сите да видат што се случи, да бидат директни сведоци на маката на Кобејн. За тоа да се случи, природно се наметна прашањето: како да го направам ова? Тука, сите заедно се исправивме пред уште еден уште опасен предизвик, можна стапица, која, како театарски ансамбл, може да нѐ голтне, а тоа е првата половина од претставата да ја играме во публика, онаму каде што сѐ се гледа, каде што лагата не поминува. И одигравме. Искрено и чисто. За мене лично, тоа беше и повеќе од возбудливо бидејќи тоа беше единствениот начин да ги вклучиме присутните во делото, да се почувствуваат како директни сведоци на голготата низ која минува Кобејн. Пред очи да им се случува вистината. Не знам, веројатно успеавме во тоа, ќе оставам времето да каже колку сум бил во право за ова.
Она што исто така беше огромен предизвик за мене, беше тоа што работев со млади актери, кои, пред сѐ, на почетокот требаше да ги убедам дека можат да се носат со овој исклучително осетлив и тежок материјал. Тие веднаш ми покажаа дека се подготвени да влезат во огнот, односно од ден на ден за време на процесот, овие „деца“ ми покажуваа дека всушност веќе се сериозни актери – актери со големо „А“, а пред кои, слободно можам да кажам дека се исправа светла иднина. Ќе бидам краток: работеа на ова дело и кога сонуваа. Пристапот што го имаат кон работата (и тука не мислам само на оваа претстава) е зачудувачки професионален и без ни малку двоумење можам да кажам дека овие генерации актери што доаѓаат на македонското глумиште се во голема мера подготвени, можат и ќе ја вивнат македонската театарска сцена многу високо. Во тоа сум сигурен. Благодарен сум им од прв до последен на сите еднакво што се одлучија заедно да влеземе во оваа хиперпредизвикувачка авантура: Марјан Наумов, Ана Грамосли, Томислав Давидовски, Антонио Ташковски, Здравко Стојмиров и Енџи Николоска, што без никаква предрасуда, максимално посветено и професионално до последната капка крв во себе се дадоа себеси и влегоа во целиот овој процес со полна душа и срце. Без нивната стопроцентна заложба оваа претстава немаше да биде ништо повеќе од само уште една претстава – никому важна. Ништо помалку целосно беа вклучени и другите соработници, на кои сум исклучително горд, кои, исто така се максимално вредни, талентирани, присутни во процесот и подготвени да поместуваат граници во уметничка смисла на зборот, од Лука Тошев, кој, за мене е неверојатен музички гениј, а чиј, патем и голем фан сум приватно, кој успеа низ минималистички дисторзирани звуци да ја создаде духовната состојба на Курт, што е многу тешка задача, па сѐ до нумерата „Иронија“, која тој ја создаде така што истата таа да изгледа/звучи како да е некоја необјавена песна на „Нирвана“.
Истрајноста на другите, Милена Цветановска (костими и ПР), Наташа Ѓорѓиоска (сценографија) и Петар Ѓорѓиоски, кои цело време беа до мене.
Како го избравте НУ Народен театар – Битола за место во кое ќе ги обелодените вашето дело и труд, целата приказна?
Што и да кажам за битолскиот театар ќе биде малку во секоја смисла на зборот, од историјатот на театарот, продукцијата, организацијата, можностите за работа што ги нуди, професионализмот итн. За мене беше, а сега веќе и ми е остварена желба моето име и презиме, името на претставата под која сум потпишан како режисер, плакатот, да се стојат рамо до рамо покрај сите оние велики имиња во театарска смисла на зборот што работеле во овој извонреден театар во годините што се зад нас. Меѓу другото, јас сум еден од оние што си стојат на зборот.

Минатата година со директорот на НТБ, Иван Јерчиќ, договоривме дека не би било лошо ваков вид претстава да се постави и на сцената на НТБ. По апликација во Министерството за култура од каде што беше поддржан проектот веднаш стапивме во контакт и договоривме дека кон крајот на годината претставата „Големиот без заговор“ ќе има премиера во Битола. И, ете, се случи. За оваа можност што ми ја даде сум му бескрајно благодарен, се надевам дека нашата претстава ги задоволи високите критериуми на НТБ, а и се надевам дека соработката нема да застане тука, туку ќе продолжиме и понатаму да создаваме и да креираме театар што ќе има силно влијание воопшто.