Според податоците од земјите, собрани од страна на Европската комисија/ЕАЦЕА/Евридика, официјалните почетни годишни бруто-плати во ниското државно средно образование во текот на 2020/2021 се движеле од 4.233 евра во Албанија до 69.076 евра во Луксембург. Просечната годишна наставничка бруто-плата во земјите на ЕУ изнесувала 25.055 евра
Истражување за највисоките и најниските примања во образовниот сектор
Наставниците често се нарекуваат херои што треба да се слават, но во многу држави нема многу причини за славење, зашто тие не се задоволни од своите плати и услови за работа. Во почетокот на септември, илјадници образовни работници протестираа во Будимпешта, барајќи повисоки плати. Исто така, наставниците во Велика Британија планираат да штрајкуваат за подобри плати.
Низ европските земји постојат големи разлики во платите на наставниците. Според податоците од земјите собрани од страна на Европската комисија/ЕАЦЕА/Евридика, официјалните почетни годишни бруто-плати во ниското државно средно образование (ИСЦЕД2) во текот на 2020/2021 се движеле од 4.233 евра во Албанија до 69.076 евра во Луксембург. Просечната годишна наставничка бруто-плата во земјите во ЕУ изнесувала 25.055 евра.
Наставниците во Италија и во Франција заработуваат двојно помалку од своите колеги во Германија
Ако го оставиме Луксембург настрана, годишната почетна плата била над 50.000 евра само во две земји, и тоа во Швајцарија (66.972 евра) и во Германија (54.129 евра). Годишната наставничка плата во Франција и во Италија била двојно помала од онаа на наставниците во Германија. Најниска почетна годишна плата од сите европски членки имала Бугарија, каде што наставниците земале 7.731 евро. Под 10.000 евра биле платите и во неколку други членки на Унијата, како на пример во Летонија, Словачка, Унгарија, Романија и Полска.
Стандардот за куповна моќ (ППС) е „вештачка валутна единица“, дефинирана од страна на „Евростат“, каде што, теоретски гледано, со една единица ППС може да се купи исто количество стоки и услуги во секоја од земјите. Пресметувањето на платите во ППС „испегла“ некои од разликите во однос на животните трошоци меѓу земјите, но и понатаму постојат големи диспаритети. Набљудувани низ објективот на ППС, платите на наставниците се движат од 7.824 ППС во Албанија, па до 50.357 ППС во Германија. Иако почетната годишна бруто-плата за наставници генерално се движи помеѓу 20.000 и 30.000 ППС, таа е сè уште под 20.000 ППС дури во десет членки на ЕУ: Естонија, Малта, Чешка, Романија, Грција, Бугарија, Полска, Унгарија, Латвија и Словачка. Балканските земји Црна Гора и Македонија, кои не се членки на Унијата, имаат повисоки плати изразени во ППС од неколку членки на ЕУ. Изненадувачки е фактот што Турција е значително подобро рангирана во ППС (28.455) одошто во номиналната плата (8.330 евра). Додека во однос на номиналната плата беше рангирана на 28-то место од вкупно 36 земји, во однос на плата изразена во ППС, таа се најде на 11-то место.
Какви се платите на наставниците во споредба со минималната плата?
Соодносот меѓу наставничката и минималната плата покажува колку заработуваат наставниците, споредбено со минималната плата во секоја земја. Тој се пресметува така што бруто-платата на наставниците се дели со минималната бруто-плата. Коефициентот е највисок во Германија и изнесува 2,8, додека најнизок е во Полска, само 1,1. Со други зборови, наставничката плата во Полска е многу блиску до минималната плата, додека наставниците во германските државни училишта заработуваат речиси трипати повеќе од износот на минималната национална плата.
Просечниот коефициент во 21 европска земја изнесува 1,86, додека во Франција и Грција тој е само 1,4. Исто така, во повеќето европски држави, наставниците што почнуваат да работат во државно училиште, во просек заработуваат значително помалку од националниот бруто-домашен производ (БДП) по жител. Нивната законска почетна годишна бруто-плата била повисока од БДП по жител само во седум од вкупно 36 земји. Највисок коефициент на плата во однос на БДП по жител бил забележан во Македонија (1,28), додека најнизок бил во Ирска (0,45).
Иако Германија е една од земјите со највисок БДП по жител во Европа, соодносот во неа е 1,26, што значи дека помладите наставници сè уште заработуваат повеќе од просечниот БДП по жител. Наспроти ова, во Франција овој сооднос изнесува само 0,71.
Колку се променија наставничките плати во последнава деценија?
Последниот извештај на „Евридика“ содржи податоци и за периодот 2009/2010 година. Во тоа време, годишните почетни бруто-плати на наставниците варирале од 2.743 евра во Романија до 63.895 евра во Луксембург. Просекот за 2009/2010 година во 26-те земји на ЕУ изнесувал 19.563 евра. Сепак, во шест членки на Унијата тој бил под 5.000 евра, како во Словачка (4.824), Полска (4.462), Литванија (4.275), Летонија (4.166), Бугарија (2.761) и во Романија (2.743). Во другите земји на ЕУ, просекот генерално се движел од 18.000 до 30.000 евра, додека почетните плати во Германија и Данска биле над 35.000 евра.
Најголемата промена во годишните почетни бруто-плати на наставниците во периодот помеѓу 2009/2010 и 2020/2021 се случила во Литванија, каде што платите во текот на тие 11 години се зголемиле за 269 отсто. Последните земји што влегоа во Унијата – Романија и Бугарија – во текот на последнава декада исто така забележале драматичен пораст во наставничките плати, односно 193 и 180 отсто.
Иако веќе имаше втора највисока почетничка наставничка плата во периодот 2009/2010 година, Германија повторно ја покачи за 42 отсто. Во шест од земјите на ЕУ, тој пораст е под 10 отсто, односно во Кипар, Португалија, Шпанија, Италија, Словенија и Луксембург. Турција е единствената земја на списокот каде што почетната наставничка плата во текот на изминатава деценија забележа пад, односно се намали за 876 евра, или 10 отсто, што најверојатно се должи на падот на турската лира во последниве неколку години.
Во периодот помеѓу 2009/2010 и 2020/2021 година, највисок номинален пораст на почетните годишни наставнички бруто-плати меѓу истражуваните држави забележал Исланд, со зголемување од 25.720 евра. По него следуваат Германија (15.915) и Шведска (15.135). За над 10.000 евра пораснаа и платите на наставниците во Австрија, Литванија и Данска.
Дали наставниците се задоволни од своите плати?
Краткиот одговор гласи не. Според Меѓународната студија за настава и учење (ТАЛИС), спроведена во 2018 година, гледано во просек, само 26 отсто од наставниците во земјите-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и во економиите што учествувале во ТАЛИС, изјавиле дека нивната работа е општествено ценета, додека 39 отсто биле задоволни од својата плата.
Во 2020 година, општите образовни трошоци на владите во ЕУ изнесувале 671 милијарда евра, или пет отсто од националниот БДП. Европски земји што трошат најголем дел од својот БДП за образование биле Шведска (седум отсто), Белгија и Естонија (6,6 отсто) и Данска (6,4 отсто). Од земјите надвор од Унијата, Исланд потрошил 7,7 отсто од својот БДП за образовни цели. Најниски степени на трошоци за образование изразени во БДП биле забележани во Ирска (3,1 отсто), Романија (3,7 отсто) и Бугарија (четири отсто).
Последен, но не и помалку важен е фактот што во европските држави постои загрижувачки недостиг од наставници. На почетокот на оваа учебна година, во Германија останаа над 30.000 непополнети наставнички работни места. Во Полска тој недостиг изнесува 20.000, во Унгарија 16.000, додека француското министерство за образование соопшти дека од вкупно 27.300 нови работни позиции за наставници, дури 4.000 останале непополнети.