Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, за време на посетата на Даблин, изјави дека би сакал да види обединета Ирска, изразувајќи уверување дека обединувањето секако ќе се случи во одреден момент, пренесоа светските новински агенции.
– Не сакам да правам проблеми, но ќе ви кажам дека би сакал да ја видам обединета. Имам пријатели на двете страни, прекрасни луѓе. Мислам дека тоа би било голем успех за сите доколку се случи. Тоа на крајот сепак ќе се случи – рече Трамп во Даблин, каде што се сретна со ирскиот премиер Микеал Мартин.
Според Трамп, обединувањето би можело да се случи и сега.
– Разговараме за тоа, а овде го имате вистинскиот човек кој може да го покрене тоа. Секако, Обединетото Кралство ќе има што да каже за тоа. Но, мислам дека тоа би била одлична работа. Како би можело тоа да биде лошо? – додаде американскиот претседател.
На оваа изјава на Трамп реагираше портпаролот на премиерскиот Кабинет на „Даунинг стрит“.
-Нема промена во ставот на британскиот премиер Анди Барнам во однос на прашањето за обединувањето на Ирска – соопшти портпаролот од „Даунинг стрит“.
Тој посочи дека ставот што Барнам го изрази оваа недела пред пратениците останува непроменет.
За време на парламентарното сослушување во средата, Барнам одговори на прашање од пратениците за можен референдум за издвојување на Северна Ирска од Обединетото Кралство и нејзино обединување со Република Ирска, при што истакна: „Не ми е познато дека постои голема јавна поддршка за нов референдум и додека тоа не се промени, нема да има изјаснување“.
Република Ирска е независна држава и членка на ЕУ, додека Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство.






























