Писателот Васил Мукаетов во посета на ООУ „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје
Во училишната библиотека на ООУ,,Невена Георгиева-Дуња“ во општината Кисела Вода, Скопје, во пресрет на патронатот, минатата недела беше реализирана книжевна работилница со афирмираниот писател на детска литература Васил Мукаетов.
– Тој е неуморен автор на повеќе книги со поезија наменети за децата. Секогаш e меѓу децата, каде што неговите стихови виреат и содејствуваат на хумористични случки, згоди, неволји, возбудливи авантури и гатанки. Сите овие збирки од песни создадоа фантастични и волшебни светови во кои учениците од вторите одделенија уживаа и со подзинати усти го следеа со љубопитност писателот кога ги читаше своите песни. А, дали во нив се пронаоѓаа и тие? Секако дека се пронаоѓаа, бидејќи тие беа неговите главни протагонисти, неговите главни јунаци за кои писателот вешто ги интерпретирал нивните подвизи поврзани во и надвор од училиштето – ни рече библиотекарката во ова училиште, м-р Маја Трајковиќ.
Во чест на партизанката Невена Георгиева-Дуња, по која ова училиште со гордост го носи името, писателот Васил Мукаетов на учениците им раскажа за нејзината храброст, чесност, пожртвуваност и искреност и ги советуваше децата да се како неа храбри, чесни, пожртвувани и искрени другари, бидејќи другарството е поважно од секакво материјално богатство.
Вторачињата заедно со своите наставнички и библиотекарката Маја Трајковиќ со интерес го следеа неговото перо, кое го замени со креда и ја нацрта петката како оценка, но и кочијата како мотив во една негова песна, сосема непознато превозно средство за децата. Таквата паралела отвори нови хоризонти на кои децата се подучија и се збогатија со нови зборови од нивното секојдневие, преполно со нивните тротинети и велосипеди.
Покрај неговите исцртани цртежи на таблата, тој ги поттикнуваше малите умни главчиња да размислуваат и да ги погодуваат неговите гатанки, преполни со древна мудрост, измудрувана од неговата богата ризница на поезија. Вторачињата цитираа и стихови од песните на писателот, но ги прочитаа и своите песнички!
– Нашата училишна библиотека беше збогатена со неговите книги како драгоцени подароци, кои ги заслужија почесните места во полиците и кои ветија дека ќе ги оживуваат децата додека ги читаат. Детството не е детство ако не се чита, не се препрочитува и не се раскажува! Затоа и ние од нашето училиште ќе ги читаме, препрочитуваме, раскажуваме и ќе твориме наши песнички и наши гатанки! Знаете ли зошто? Оти сме мали мудреци! Оваа средба изроди нови средби, на кои си ветивме како негови читатели да му прочитаме на писателот за нашите јунаштва – посочи Маја Трајковиќ.
Ваквите средби на писателите за деца со своите млади читатели остануваат засекогаш врежани во нивните спомени, но се и поттик тие уште повеќе да го засакаат читањето и почесто да позајмуваат книги од училишните библиотеки.
М.Т.
Другарство
Со другарот секогаш
нешто убаво ќе ти се случи.
И кога си играш
и заедно учиш.
Со другарите се раскажуваат смешки,
помагаат кога решаваш
задачи потешки.
И дома
кога се враќаме,
другарски се поздравуваме.
И утре, пак шегување.
И никој не се лути.
Другарството шета
низ училишните клупи.
Дежурен сум
Доаѓа ден
кога сум најважен во класот
ми се слуша гласот.
На пример:
– Од мене се бара
да објаснувам
дали се сите тука,
и кој отсуствува
а кој задоцнува.
И уште:
Да биде изведено
и таблата и сунѓерот
и кредите
сѐ да биде средено!
И уште
меѓу двете ѕвончиња
да се изразговараат.
Ни мува да се чуе
наставниците
вратите кога ги отвораат.
Денот ми е бурен,
во едно сум сигурен:
– Чест ми е да бидам дежурен.
Васил Мукаетов
(Од книгата „Сѐ е игротека“)