Кој смета дека Македонија е подготвена за ЕУ, а кој е сомничав за ефикасноста на внатрешно спроведуваните реформи? Кој тврди дека во најдолгиот период на подготовки на која било држава во историјата на Европа за влегување во ЕУ ние сме биле најдобро подготвениот кандидат, а кој смета дека долгиот временски период не бил доволно добро искористен од наша страна за здрави домашни реформи? Кој смета дека веќе сме доволно добра „правна држава“, а кој смета дека „владеењето на правото“ сѐ уште не може да се препознае како наш атрибут?

Каква ни е реалната почетна позиција при отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ

Во амбиент на различни очекувања од процесот на преговори на Македонија за членство во ЕУ, во контекст на досега покажаната (и теоретски и практично) трансформативна моќ на македонското општество, се поставува прашањето каква ни е реалната почетна позиција при евентуалното отворање на поглавјата во преговорите со Унијата.

Теоретски, усогласеноста на македонското
законодавство со она на ЕУ е поголемо отколку она на земји што веќе десетина години преговараат

Меѓу охрабрувачките наративи за македонските евроинтеграции, попречувани со серија апсурдни услови, неприменети за ниту една земја-членка, па ни за земја-кандидат, е тоа што усогласеноста на македонското законодавство со она на ЕУ е поголемо отколку и на земјите што веќе десетина години преговараат, како Србија и Црна Гора.
Дури и претседателот Пендаровски, при неодамнешната посета на германскиот претседател Штајнмаер на Македонија, изјави дека ако нема историски услови, преговорите на земјава за полноправно членство во ЕУ ќе течат рекордно брзо.
– Уверен сум дека ако процесот на преговори со ЕУ не биде базиран предоминантно на историја, ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние ќе ги завршиме во рекордно време тие преговори… Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на која било држава во историјата на ЕУ. Ние сме најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ. Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина – изјави претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер во Скопје.
Оптимизмот на претседателот за хипотетичката брзина на македонските евроинтеграции (доколку не се обременети со историја) го одржува и вицепремиерот за евроинтеграции, во своите извештаи за текот на скрининг-процесот на ЕУ за Македонија, пренесувајќи позитивни оцени.
– Имаме постигнато доволно добро ниво и мораме да ги забрзаме реформите, кои ќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните, но има уште многу што да се направи… Приоритет на македонската администрација и правосудни органи мора да остане исполнувањето на обврските во оваа област, со цел задржување на динамиката и напредокот во преговорите. Скринингот и текот на преговорите очекуваме да дадат брзи мерливи резултати, кои квалитативно ќе се одразат на целиот процес и на целокупниот општествен амбиент – порача од Брисел вицепремиерот Маричиќ, во обраќањето на првиот ден од дводневниот билатерален скрининг за поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права.

Во практиката имаме тешкотии за спроведување ефикасни реформи,
предупредуваат и странски дипломати и експерти

Поглавјето 23 во преговарачкиот процес на ЕУ веќе неизбежно се објаснува во предупредувачката констатација – прво се отвора, а последно се затвора. Иако како некаков Дамоклов меч над почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ виси условот за уставните промени, вграден во францускиот предлог на преговарачката рамка, претставниците на ЕУ и на САД во земјава потсетуваат на предизвиците што ни претстојат во постигнување на стандардите за владеење на правото, правната држава и справувањето со корупцијата и организираниот криминал. Во контекстот на овие предизвици, тие отворено ги изразуваат својата зачуденост и изненаденост од изборот на прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а постојано се повикуваат и на алармантно загрижувачкиот процент од 8 отсто доверба на јавноста во правосудството, со тенденција за намалување по сите подоцнежни афери што се случија по тоа мерење на јавното мислење.
– Сега, кога ги отворивме преговорите и скрининг-процесот е во тек, нашиот фокус е поголем и удвоен. Нашиот фокус на владеењето на правото за време на преговарачкиот процес ќе биде присутен во секоја фаза од процесот, од почетокот до самиот крај. И тој фокус нема да биде само колку земјата се усогласила со законите со оние на Европската Унија туку и нивната имплементација. Европската Унија и нејзините земји-членки вложија голема техничка експертиза и финансиска поддршка во областа на владеењето на правото, вклучувајќи и во Обвинителството. Ние очекуваме, како што очекуваат и обичните граѓани, резултати од таа поддршка. Што мислам под резултати? Во областа на владеењето на правото мислам на судии и обвинители што се професионални и независни, кои дејствуваат со интегритет, ослободени од политички и финансиски влијанија, бидејќи на тоа почива довербата во судството, обвинителството и владеењето на правото во генерална смисла. Но ние не сме таму. Иако има некои достигнувања на патот кон владеењето на правото, потребно е многу повеќе. Она што е потребно е одлучна акција во областа на владеењето на правото и внимание кон некои од овие клучни прашања – изјави неодамна евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир.
Во амбиент на спротивставеност на очекувањата за и од процесот на преговори на Македонија за членство во ЕУ, во контекст на неговата трансформативна моќ на македонското општество, се поставува прашањето каква ни е реалната почетна позиција при евентуалното отворање на поглавјата во преговорите со Унијата.

– Министерот за европски прашања и вицепремиер Бојан Маричиќ кажува дека е задоволен од досегашниот тек на скринингот, но тврди дека и Брисел е задоволен бидејќи Македонија има подготвени презентери што реално ја претставуваат состојбата во институциите од каде што доаѓаат. За граѓаните на Македонија воопшто не е битно тоа што Маричиќ и Брисел биле задоволни од досегашниот тек на скринингот бидејќи сме имале подготвени презентери, кога е познато дека 92 отсто од граѓаните немаат доверба во обвинителите и судиите, кога секој ден се случува понекој скандал или коруптивна афера, кога се знае дека државата со корупција се наоѓа во група со Етиопија и со Колумбија, кога од земјата секоја година бегаат по сто илјади млади луѓе. Реформи во државната администрација не можат да спроведат и да се борат против корупцијата истите тие што со години крадат од својот народ и ја партизирале администрацијата со знаење на Брисел – оценува Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во првата влада од независноста на Македонија.