НА ГОДИНЕШНИОТ ИЛИНДЕНСКИ МАРШ

Таа има само 14 години, а срце како полнолетна девојка. Тоа е Ана Марија Андреска од селото Острилци, Демирхисарско, најмладиот член на Кичевската коњаница, која учествува на годинашниот Илинденски марш. Таа не се чувствува нималку инфериорно како припадничка на понежниот пол што е дел од оваа коњаница, каде што доминантно е присуството на машките членови.
– Пресреќна сум што и годинава учествувам во Кичевската коњаница. Љубовта кон коњите ја стекнав уште од најмали години, бидејќи нашето семејство отсекогаш поседуваше барем еден коњ, кој ни служеше за обработка на земјоделските површини и за снабдување со дрва. Годинава ми е уште полесно што сум дел од Кичевската коњаница, бидејќи огненото крштевање го имав минатата година, кога за првпат бев учесничка на Кичевската коњаница. Воопшто не бев во дилема дали да се качам на коњот за да ги изодам неопходните 160 километри за да стигнам во славно Крушево за Илинден. За релаксираното учество во коњаницата годинава значително ми помогна и присуството на исто така младите девојки Викторија од Кичево и Андреа од Гостивар – вели Ана Марија.
Таа потсети дека, како и ланската година, очекува и годинава да има големо разбирање и добра соработка со припадниците на посилниот пол од Кичевската коњаница, во која би сака да учествува и в година.

Текст и фото: Зоран Антоски