Домување
Златното правило против привлекување мравки и други инсекти во домот е чистотата. Погрижете се куќата да биде чиста и без мали остатоци од храна насекаде. Ако е можно, чувајте го ѓубрето надвор од куќата, во дворот или на балконот. Внимавајте на влага, бидејќи многу инсекти се привлечени од области со вода. Меѓутоа, со одредени трикови можете да ги држите инсектите надвор од вашиот дом.
Мирисот на оцет им пречи на инсектите, па ќе ги оддалечи од вашите прозорци и врати, а со тоа и од вашиот дом. Мешавина од оцет и вода ќе го спречи влегувањето на летачките инсекти, но и на пајаците, мравките…
Во сооднос 1:1 истурете бел оцет и вода во шише со распрскувач. Добро протресете и испрскајте околу рамките на сите прозорци и врати во домот. Со истата смеса можете да ги избришете и прозорците, дамките полесно ќе се отстранат, а прозорците ќе светат на сонце.
Инсектите ќе ги спречите да влезат во вашиот дом со мешавина од вода, оцет и есенцијално масло. Во шише со распрскувач ставете половина шолја алкохолен оцет, 20 капки есенцијално масло од нане и шолја и пол вода, протресете и испрскајте околу прозорците и вратите.
Ниту мирисот на цимет не е пријатен за инсектите, па бегаат од него. На пример, мравките ќе ги одвратите ако ги посипете со малку цимет. Можете да ставите и стапче цимет во платнена вреќичка за да ја заштитите облеката од молци.