Карате-клубот Аеродром од Скопје е доста активен на полето на спортот и неговото доближување до младите. Оваа пролет негови членови настапија на неколку меѓународни турнири, на државното првенство за деца, а успешно беше организиран и натпреварот со најдолга традиција во Македонија, 49-от „Лорд куп“, на 11 мај.
Натпреварот се одржа во СЦ „Борис Трајковски“ со натпреварувачи од Македонија и од околните земји.
Турнирот се одржа под мотото „Парите не се најважни – детската радост нема цена“. За добредојде, секој доби тетратки, учесничка диплома, етикета со симболот и други подароци. Да спомнеме, годинашниот симбол е посветен на 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.
Над двесте учесници како претставници на 23 клуба имаа 293 настапи во конкуренција за медали и „оскари“ во дисциплините: екипно кати, поединечно кати и борби.
Најуспешни беа КК Сансаи од Кавадарци, потоа како втори со голем број медали се закитија каратистите од КК Форца, Скопје, КК Шкендија, Тетово итн.
Треба да се додаде дека и другите клубови учесници со своите членови не заминаа со празни раце во своите домови, понесувајќи радост од настанот.
За долгогодишното пријателство и соработка, организаторот му додели карате-оскар на спортскиот портал Ипон.мк. Натпреварот „Лорд куп“, кој се одржа по 49. пат, за отворен го прогласи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
На 30 мај беше одржано полагање за почетни и напредни појаси. Дваесет кандидати беа успешни, што резултираше со освоени нови појаси.
Како завршен дел на оваа прва половина од годината, каратисти од клубот ќе учествуваат на ЛеСОК – летен спортско образовен камп од 21 до 30 јули, што ќе се одржи во прекрасниот амбиент на Отешево.
На овој камп покрај редовните три тренинзи дневно ќе има предавања за судиските карате-правила и часови по народни ора. На крајот на семинарот ќе се одржи полагање за повисоки појаси за оние што цела година вежбале, а не полагале.
Вкупниот број каратисти ќе биде над дваесет, а со придружните членови од семејствата ќе бидат сместени над 30 лица.
Се надеваме дека и времето ќе нѐ послужи за да се реализира целокупната замислена програма и да се искористи песочната плажа за тренинг, рекреација и пливањето во Преспанско Езеро од страна на младите каратисти.
Димче Јанковски, претседател на КК Аеродром