Москва и Вашингтон против Брисел
Оваа мисла, која се поврзува со реалистичката школа на Хенри Кисинџер, произлегува од неговото долгогодишно искуство како американски државен секретар и архитект на глобалната политика во времето на Студената војна. Во своите анализи на меѓународниот поредок, особено во делата како „Дипломатија“ (Diplomacy) и „Светски поредок“ (World Order), Кисинџер постојано нагласува дека правото никогаш не функционира во вакуум, туку зависи од рамнотежата на моќта меѓу државите. За него, меѓународното право не е автономен систем што сам по себе гарантира правда, туку инструмент чија ефикасност зависи од тоа дали постои сила што ќе го поддржи и спроведе. Токму затоа, неговата мисла денес звучи особено актуелно во контекст на судирот меѓу големите сили и слабеењето на европската правна автономија.
Денес, оваа логика се рефлектира во сè поотворениот судир меѓу големите сили – САД, Русија и Кина – каде што меѓународното право не служи како неутрален арбитер, туку како продолжение на геополитиката со правни средства. Вашингтон го користи како инструмент на санкции и институционален притисок, Москва како средство за правна контраофанзива и делегитимирање на западните позиции, додека Пекинг внимателно гради сопствена интерпретација на меѓународните норми во согласност со своите долгорочни интереси. Во таков триполарен контекст, правилата повеќе не се универзални, туку се предмет на интерпретација, адаптација и – кога е потребно – игнорирање.
Во исто време, Брисел, кој со децении самоуверено се прогласуваше за глобален чувар на правото, сè повеќе наликува на бирократски проповедник во свет што одамна престанал да слуша проповеди. Европската Унија останува најгласниот поборник на мултилатерализмот – но без вистински инструменти да го наметне, да го заштити или да го одбрани. Таа упорно инсистира на правила во момент кога другите сили веќе ги користат како алатка, а не како обврска.
И токму тука лежи суштинскиот парадокс: додека Вашингтон и Москва го користат правото како оружје, Брисел сè уште се однесува како да е катедра по меѓународно право – уверен дека аргументот е доволен, дури и кога реалноста одамна го демантира. Во свет на големи сили, таквата вера не е доблест, туку луксуз што лесно се претвора во слабост.
ВАШИНГТОН ПРОТИВ БРИСЕЛ: КОГА ПРАВОТО СТАНУВА ИНСТРУМЕНТ НА КАЗНА
Политичката атмосфера во Европа во текот на 2024 година значително се промени под влијание на војната во Газа. Во низа европски престолнини – од Даблин до Мадрид и Брисел – се засилија критиките кон Израел, а во мај 2024 година, по барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за издавање налози против израелското раководство, темата доби јасна правна димензија. За првпат, дел од европските политички елити отворено го поддржаа пристапот дека меѓународното право мора да се применува без исклучоци – дури и кога станува збор за блиски сојузници.
Оваа позиција, иако во согласност со декларативните принципи на Европската Унија, брзо наиде на отпор од Вашингтон. Историјата веќе понуди јасен преседан: во 2020 година, администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против претставници на МКС поради истрагите за американски активности во Авганистан – директен удар врз една меѓународна правосудна институција. Иако администрацијата на Џо Бајден формално ги укина овие мерки во 2021 година, суштинската позиција остана непроменета.
Но зад оваа позиција не стои само политика – туку и јасна правна аргументација. САД и Израел не се потписници на Римскиот статут, основачкиот акт на Меѓународниот кривичен суд. Оттука произлегува нивниот клучен став: Судот нема јурисдикција над нивните државјани. За Вашингтон, секој обид МКС да гони американски или израелски функционери претставува нарушување на принципот на државен суверенитет и недозволена екстратериторијална примена на правото.
Дополнително, американската позиција се потпира и на принципот на комплементарност – аргументот дека МКС може да интервенира само ако националните судови не се способни или не сакаат да постапуваат. САД и Израел тврдат дека нивните правосудни системи се функционални и независни, па оттука нема правна основа за интервенција на судот.
Во овој правен рамкиран аргумент, секоја постапка на МКС против израелското раководство не е акт на правда, туку акт на надминување на овластувањата (ultra vires).
Кога судот во 2024 година ја премина токму таа линија, реториката од Вашингтон повторно се заостри. Американски политичари јасно сигнализираа дека евентуално кривично гонење на израелското раководство ќе се третира како политички мотивиран акт, а во Конгресот повторно се отвори прашањето за санкции против МКС. Но овој пат заканите не останаа само на ниво на реторика.
Во 2025 година, тие се претворија во конкретна акција: санкции насочени кон судии на МКС, меѓу кои и европски државјани како францускиот судија Никола Гијо, поради нивната улога во процесите поврзани со Газа. Овие мерки не беа симболични, туку системски дизајнирани да создадат притисок. Тие се темелат на Извршната наредба 14203 („Imposing Sanctions on the International Criminal Court“) од 6 февруари 2025 година, со која американската администрација си дава право да воведе финансиски и визен режим против лица поврзани со постапки на МКС насочени кон САД и нивните сојузници. Овие мерки не произлегуваат од законодавна постапка ниту од одлука на Конгресот – Извршната наредба е донесена директно од претседателот, врз основа на неговите уставни овластувања, без гласање во Сенатот. Токму во тоа лежи нејзината сила: правото како инструмент што може брзо да се активира, без долги политички процедури. Оваа извршна наредба предвидува замрзнување имот, забрана за финансиски трансакции со американски субјекти и ограничување на пристапот до услуги од американски компании – мерки што во пракса значат исклучување од глобалниот финансиски и дигитален систем. Но нејзината суштинска тежина е уште поголема: таа претставува де факто инструмент за екстратериторијална примена на американското право врз странски, вклучително и европски, граѓани, без оглед на нивната државна припадност или локација.
Во пракса, тоа значи нешто многу подлабоко од класична санкција: европски судија, во Европа, може да биде оттурнат од банкарски услуги, од платежни системи, па дури и од секојдневни технолошки алатки. Па така, сметките може да им бидат замрзнати доколку се поврзани со системи под американска јурисдикција, трансакциите во долари се забранети, а банките – од страв од секундарни санкции – едноставно одбиваат да работат со нив. Во таков режим, картичките (Visa и MasterCard) престануваат да функционираат, а пристапот до основни услуги – од летови и резервации до дигитални платформи – може да биде блокиран, што практично значи целосна финансиска и дигитална изолација. Судија што треба да го штити меѓународното право се соочува со реалност во која токму правото не може да го заштити.
Ова е суштината на новиот модел на притисок: не директен напад врз институцијата, туку дисциплинирање на нејзините поединци. Пораката е јасна – не постои формална забрана за работа на судот, но постои цена за секоја одлука што ги преминува „црвените линии“ на големата сила.
Иронијата е очигледна: Брисел се обидува да го примени принципот на универзалност на правото, повикувајќи се на норми што сам ги промовира со децении, додека Вашингтон демонстрира дека тие норми имаат јасни граници кога се судираат со геополитички интереси.
Во таков однос, правото престанува да биде заеднички јазик – и станува средство за притисок, сигнал и казна.
И можеби најнепријатното сознание за Европа не е самата конфронтација со САД, туку фактот дека таа се одвива на терен што Брисел не го контролира: финансискиот, технолошкиот и институционалниот систем на глобалната моќ.
МОСКВА ПРОТИВ БРИСЕЛ: ПРАВОТО КАКО БУМЕРАНГ
Фјодор Достоевски еднаш забележал дека „Русите многу повеќе знаат за Европа отколку што Европа знае за Русија“. Оваа мисла денес звучи не како културна опсервација, туку како геополитичка дијагноза. Додека Брисел со децении ја градеше својата визија за свет заснован на правила, Москва внимателно го проучуваше тој систем – не за да му се покори, туку за да научи како да го користи.
Руската школа на меѓународно право, за разлика од европската нормативна традиција, е длабоко втемелена во реалполитиката. Нејзините корени се протегаат уште од царска Русија, но особено се обликуваат во советскиот период, кога правото се развива како инструмент на државната политика. Советските правни теоретичари, како Евгениј Коровин и Григориј Тункин, го поставуваат концептот дека меѓународното право не е над државите, туку произлегува од нивната волја и интереси.
По распадот на СССР, оваа традиција не исчезнува – туку се адаптира. Современата руска правна мисла задржува една клучна претпоставка: меѓународното право е валидно само доколку е во рамнотежа со интересите и моќта на државите. Оттука, за разлика од европскиот пристап што го третира правото како нормативен идеал, руската школа го третира како динамичен инструмент – средство што може да се користи, да се толкува или да се оспорува во зависност од контекстот.
Токму затоа, одговорот на Москва на европските санкции и замрзнувањето на руските средства не е само економски или политички – туку пред сè правен.
По 2022 година, Европската Унија замрзна околу 200–300 милијарди долари руски девизни резерви, најголемиот дел сместени во европски финансиски институции. Во Брисел сè поотворено се дискутира и за нивна конфискација – чекор што би претставувал преседан во современото меѓународно право. Аргументот на ЕУ е политички и морален: Русија мора да плати за штетите од војната во Украина.
Но Москва одговара со сосема поинаков јазик – правниот. Руската позиција се темели на еден од најстарите принципи на меѓународното право: суверен имунитет на државниот имот. Според ова правило, средствата на една држава, особено централнобанкарските резерви, се заштитени од конфискација од страна на друга држава. Оттука, секој обид за нивно трајно одземање Москва го третира како незаконит акт, отворајќи простор за правни постапки, компензациски барања и контрамерки.
Во пракса, ова веќе се претвора во конкретна правна стратегија. Русија и поврзани правни субјекти започнаа постапки пред повеќе форуми: национални судови во земји членки на ЕУ, особено каде што се наоѓаат замрзнатите средства (Белгија, Франција), инвестициски арбитражи врз основа на билатерални договори за заштита на инвестиции, како и потенцијални постапки пред Меѓународниот суд на правдата (ICJ), со аргумент дека станува збор за повреда на основни принципи на меѓународното право.
Па така, Русија и поврзаните субјекти отворија постапки пред Судот на Европската Унија, каде што компании како „Роснефт“, ВТБ банка и Сбербанк директно ги оспоруваат санкциите против Советот на ЕУ, принудувајќи го Брисел постојано да ги брани сопствените мерки во судница. Истовремено, пред националните судови во Белгија и Франција се водат случаи против институции како Евроклир, со што се отвора правен ризик околу управувањето со стотици милијарди евра руски средства. На трето ниво, преку инвестициски арбитражи (ИЦСИД и УНЦИТРАЛ) се градат основи за идни барања за милијардски обесштетувања поради индиректна експропријација. Паралелно, Русија ја активира и Светската трговска организација (СТО) против Европската Унија, оспорувајќи санкции како нелегални трговски бариери.
Но најважно – резултатите веќе се видливи. Европските судови во повеќе наврати укинаа или делумно поништија санкции против поединечни руски субјекти поради недоволна правна основа. Нема ниту една финална одлука за конфискација на руските централнобанкарски резерви што директно ги покажува правната воздржаност и стравот од пораз. Во одредени постапки се изречени и привремени мерки (interim measures), кои го ограничуваат располагањето со средствата и бараат дополнителна правна проверка. Во исто време, преку руските арбитражни судови, Москва веќе презеде контрола врз имот на компании како „Унипер“ и „Фортум“, демонстрирајќи дека секоја мерка има симетричен одговор.
Сликата е јасна: санкциите не се недопирливи – тие се правно ранливи. А Европа, иако политички одлучна, правно игра на терен каде што исходот веќе не е сигурен.
Иако овие одлуки не се финални, нивното значење е суштинско: тие покажуваат дека санкциите не се правно недопирливи и дека дури и во рамките на европските правни системи постои простор за нивно оспорување.
Досегашните резултати се мешани, но индикативни. Нема финални пресуди за конфискација на централнобанкарските резерви – што само по себе открива правна воздржаност кај европските влади. Причината не е само политичка туку и правна: ризикот од долгорочни тужби и обврски за обесштетување од милијарди евра за Русија.
Истовремено, Москва возвраќа симетрично: со законски измени овозможува заплена или управување со имот на компании од „непријателски држави“ на руска територија, претставувајќи го тоа како легитимна контрамерка во рамките на меѓународното право. А Брисел тука е немоќен!
Така се создава нов правен фронт: не класична судница, туку мрежа од паралелни постапки, арбитражи и контрамерки, каде што секоја страна се повикува на истите принципи – но со спротивни заклучоци.
Со други зборови, стратегијата е едноставна, но ефективна: со свој камен – по своја глава.
И тука лежи најнепријатната вистина за Брисел: Европа не се воздржува од конфискација само од политички причини – туку затоа што знае дека на крајот може да изгуби на сопствен терен: правото.
КОЈ ГО КОНТРОЛИРА ПРАВОТО – ТОЈ ГО КОНТРОЛИРА СВЕТОТ
На крајот, се открива една непријатна, но неизбежна вистина: денешниот свет не е поделен околу тоа што е право, туку околу тоа кој има право да го толкува и применува. Вашингтон го користи меѓународното право како инструмент на санкции, притисок и дисциплина. Москва го претвора во средство за контраудар, симетрија и правна одмазда. А Брисел, фатен меѓу сопствените принципи и реалноста на моќта, сè уште се однесува како правилата да имаат сила сами по себе.
Во една позната дипломатска сцена, Голда Меир му бара поддршка на Хенри Кисинџер, на што тој ладно одговара дека „прво е Американец, а потоа Евреин“. Нејзиниот одговор е брутално едноставен: „Тоа е во ред – но ние читаме од десно кон лево. Ти си прво Евреин, а после сѐ друго!“ Во таа размена нема дипломатија – има реалност: редоследот на принципите секогаш го одредува интересот.
И токму тука Брисел греши. Додека другите го „читаат“ правото според својата моќ и позиција, Европа упорно го чита како учебник – ред по ред, правило по правило, уверена дека текстот е поважен од контекстот.
Но правилата никогаш не функционираат сами. Во свет каде што правото не ја ограничува моќта, туку моќта го обликува правото, Европа сè почесто се наоѓа во позиција да ги брани принципите – без да има капацитет да ги спроведе. Нејзината најголема сила – правото – полека се претвора во нејзина најголема слабост.
И токму тука се затвора кругот: додека Брисел се повикува на правото како на вредност, другите го користат како инструмент. Во таков поредок, меѓународното право повеќе не е заштита, ниту гаранција за правда. Тоа е алатка на моќта – и, кога е потребно, оружје во рацете на оние што имаат сила да го употребат.
МАКЕДОНИЈА: ВРЕМЕ Е ЗА ПРАВНА ОФАНЗИВА
Во поредок каде што правото сè почесто се злоупотребува како алатка, а не се почитува како правило, Македонија повеќе нема луксуз да биде нем сведок на сопствените неправди. Улогата на вечен апелант и жртва, кој повикува на принципи и чека некој друг да ги спроведе, е одамна исцрпена и политички и историски.
Особено кога станува збор за нашите – „За македонцките работи“. Пресудите на Европскиот суд за човекови права за Македонците од соседството ни помогнаа и нам во Републиката како алатка за заштита од агресија! Иако сите што треба да ги спроведат се обидуваат да ги игнорираат! Но ова не е само неправда кон Македонците. Ова е директен удар врз самиот европски правен систем.
Ако пресудите не важат – тогаш што вреди правото? Тука завршува периодот на илузии, фантазии и фикции!!! Македонија и Македонците повеќе не смеат и не можат да се однесуваат како држава и народ што стојат во ходниците на историјата. Како на Версајската мировна конференција, како на Берлинскиот конгрес, како на Букурешкиот договор – на сите оние места каде што се одлучувало за нас без нас – тоа време заврши! Нема повеќе молење за внимание и испраќање писма што подоцна ќе станат архивски документи.
Денес, Македонија е внатре во системот. Членка е на Обединетите нации. Членка е на Советот на Европа. Седи на масата каде што се носат одлуки. И ако веќе сме на масата – тогаш мора да дејствуваме како рамноправен актер, а не како тивок присутен.
Досегашниот индивидуален пристап – преку поединечни тужби и пресуди – е значаен, но недоволен. Пресудите против Грција и Бугарија, како и последното барање на Советот за човекови права на ОН, со кое ѝ се дава рок од 180 дена на Бугарија да преземе мерки за македонското малцинство, се јасни сигнали.
Но сигналите не се доволна стратегија. Без државна акција, тие остануваат изолирани победи без системски ефект. Затоа, следниот чекор мора да биде одлучен и институционален. Македонија треба да отвори легален фронт во рамките на меѓународното право. Да го активира Комитетот на министри на Советот на Европа и да бара формално утврдување на системското непочитување на пресудите. И уште поважно – да поведе меѓудржавна постапка пред Европскиот суд за човекови права во согласност со членот 33 од конвенцијата.
Не како симболичен чин. Туку како стратегиска офанзива.
Целта не е само нова пресуда – туку создавање правна и политичка одговорност со реални последици. Ако и тогаш нема спроведување, прашањето мора да се постави докрај: може ли држава што системски ја крши Европската конвенција да остане членка на Советот на Европа? Ако правото има тежина – тогаш мора да има и последици.
Ова не е радикализам. Ова е нормализација на правото. Големите сили не чекаат правда – тие ја произведуваат преку институциите што постојат. Правото за нив не е декларација, туку инструмент на моќ.
Македонија мора да ја научи истата лекција. Во спротивно, ќе останеме во апсурдна позиција: ќе имаме пресуди, но не и правда; ќе имаме право, но не и негова примена; ќе имаме држава, но без капацитет да ги заштити своите граѓани и својот идентитет.
Ова е момент на избор. Или ќе продолжиме да чекаме – или ќе почнеме да дејствуваме. Времето на дефанзива заврши. Правото не се моли. Правото се користи. Како што запиша Крсте Петков Мисирков: „Секој народ има право сам да решава за својата судбина“.
Тони Менкиноски

































