Изворно сведоштво за самобитноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти
- Во Ватиканската библиотека во 1940 година, кардиналот Џовани Меркати го забележал ракописот на драгоцениот македонски текст „Македонскиот речник од XVI век“ (изворно: „Un lexique macédonien du XVIe siècle“), скриен во фолиите на постар грчки ракопис, и побарал од професорот Џанели детално да го прегледа и да го анализира. По Втората светска војна, во истражувањето се приклучува и врвниот европски и француски славист Андре Вајан. Џанели и Вајан заеднички пишуваат темелна јазична студија, која е издадена од Институтот за словенски студии при Парискиот универзитет во 1958 година. Вајан и Џанели научно докажуваат дека структурата, лексиката и карактеристиките се изворно сведоштво за самобитноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти уште во 16 век. Тие го потврдуваат тоа и со насловот на нивната студија „Македонскиот речник од XVI век“ („Un lexique macédonien du XVIe siècle“)
- Напишан од непознат автор, ракописот содржи пет листа со 330 зборови, изрази и реченици. Текстот изворно е запишан со грчки букви, но јазикот е чист македонски народен говор. Во поглед на дијалектната припадност, двајцата научници утврдиле дека зборовите потекнуваат од костурскиот крај, поточно од околината на селото Богатско, Југозападна Македонија, денес во Грција
Среде политичка и јазична Европа, во срцето на француската република, во средата се случи „несреќно совпаѓање“ за францускиот претседател Емануел Макрон и бугарскиот премиер Румен Радев: на два дена пред 121-та годишнина од раѓањето на италијанскиот славист Чиро Џанели, двајцата највисоки лидери на две држави членки на ЕУ несвесно „стапнаа“ на „минско поле“, засеано со „Македонскиот речник од 16 век“ токму од Џанели. Реафирмирајќи ги на средбата во Париз своите заеднички ставови за „францускиот предлог“ и „европската преговарачка рамка“, со кои се тврди дека македонскиот јазик е „измислен во 1944/1945 година од Тито“, Макрон и Радев, условно и сликовито кажано, самите го активираа тоа „минско поле“. Тие одново ги негираат преку „преговарачката рамка“ постоењето и корените на македонскиот јазик – темелникот на постоењето на македонскиот народ и идентитет. Но „Македонскиот речник од 16 век“ – пишаниот споменик за многувековната јазична и идентитетска самобитност на македонскиот народ – им го девалвира нивниот политички кредибилитет и во апсолутна смисла им го одзема правото што си го придаваат: да оспоруваат и да фалсификуваат национални, идентитетски и јазични белези на еден самосвесен европски народ со развиена национална самосвест – на Македонците.
Чиро Џанели е роден на 29 мај 1905 година во Рим, а починал на 3 декември 1959 година. Тој бил истакнат италијански византолог, класичен филолог, палеограф и славист. Во текот на својата кариера работел во Ватиканската библиотека како чувар на грчките ракописи и како професор предавал византиска филологија на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Бил и истакнат славист. Неговото научно дело, пред сѐ, „Македонскиот речник од XVI век“, има огромно значење за македонистиката и македонскиот народ. Покрај македонистиката, Џанели оставил длабок белег во филологијата и со објавувањето голем број студии за грчката палеографија и византиската цивилизација и литература.
„Македонскиот речник од XVI век“ (изворно: „Un lexique macédonien du XVIe siècle“) не е директно пронајден од Џанели. Во Ватиканската библиотека во 1940 година кардиналот Џовани Меркати го забележал ракописот на драгоцениот македонски текст, скриен во фолиите на постар грчки ракопис, и побарал од професорот Џанели детално да го прегледа и да го анализира. По Втората светска војна во истражувањето се приклучува и врвниот европски и француски славист Андре Вајан. Џанели и Вајан заеднички пишуваат темелна јазична студија, која е издадена од Институтот за словенски студии при Парискиот универзитет во 1958 година. Андре Вајан (1 јули 1890, Суасон – 23 април 1977 Париз) бил француски славист – македонист, класичен филолог и романист, дописен член на МАНУ (од 25 јули 1969). Бил професор во Националното училиште за ориентални јазици и во Колеџот на Франција.
Лексиката и карактеристиките на „Македонскиот речник“ како изворно сведоштво за самобитноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти уште во 16 век
Напишан од непознат автор, ракописот содржи пет листа со 330 зборови, изрази и реченици. Текстот изворно е запишан со грчки букви, но јазикот е чист македонски народен говор. Во поглед на дијалектната припадност, двајцата научници утврдиле дека зборовите потекнуваат од костурскиот крај, поточно од околината на селото Богатско, Југозападна Македонија, денес во Грција. Тие обезбедиле подробен палеографски опис, фонетска и морфолошка анализа, како и превод и коментари на француски јазик. Иако насловната страница содржи грчки натпис, кој го споменува јазикот како „бугарски“ (вообичаена практика на воената и црковната администрација во тој период за означување на словенското население во Балканот), Вајан и Џанели научно докажуваат дека структурата, лексиката и карактеристиките се изворно сведоштво за самобитноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти уште во 16 век. Тие го потврдуваат тоа и со насловот на нивната студија „Македонскиот речник од XVI век“ („Un lexique macédonien du XVIe siècle“). Нема ниту збор дека се работи за бугарски јазик, ниту збор дека во ракописот има бугарски зборови, односно лексика на бугарски јазик.
Џанели: „Македонскиот лексикон од 16 век“ е скапоцена реликвија за македонскиот јазик!
Означувајќи го како „Македонски лексикон од 16 век“ ракописот пронајден во Ватиканската библиотека, во воведот на заедничката студија со Вајан, Џанели го нарекува тој пишан документ и „древен документ на словенски дијалект од југозападна Македонија“, но и „скапоцена реликвија“. Потоа италијанскиот лингвист изнесува факт, малку познат во пошироката македонска јавност, дека во работата на таа научна студија од капитално значење за македонската дијалектологија и за самиот македонски јазик, всушност, учествувале не само еден туку двајца врвни француски експерти: покрај Андре Вајан и Андре Мазон! Мазон (7.9.1881, Париз – 13.6.1967, Париз) бил француски лингвист, славист, професор на Универзитетот во Стразбур и потоа на Францускиот универзитет.
– Некое време ги испитував словенско-македонските текстови, кои штотуку беа откриени во Ватикан. Тогаш Андре Мазон, истакнатиот специјалист за македонски дијалекти, ме замоли за дополнителни информации. Следуваше размена на писма и брзо беше изготвен план за соработка. Иако самиот ги изучував словенските јазици, од почетокот инсистирав Мазон да ја преземе задачата за лингвистичкиот коментар на текстовите. Ги резервирав за себе проучувањето на потеклото и староста на ракописот, историјата на неговите патувања и датирањето на словенското писмо со грчки букви што го содржи, колку што е можно поточно. Во 1955 година Андре Мазон, зафатен од друга работа, му ја препушти на Вајан одговорноста за уредување и давање лингвистички коментар на македонските текстови – пишува Чиро Џанели во воведот на нивната студија.
Посебно нагласувајќи за зборовите во речникот дека „овој македонски јазик од 16 век е многу сличен на современиот македонски јазик“, Андре Вајан на страницата 45 на научната студија, во делот на сопствената лингвистичка анализа, истакнува: „Македонскиот лексикон, објавен од Ч. Џанели, е важен, поради својот датум, но и доволно важен од суштински аспект, за да оправда изготвување посебна студија за него. Тој лексикон (речник) претставува дијалектна група на македонскиот јазик од Југозападна Македонија. Овој дијалект очигледно бил од Костурскиот Регион, од селото Богатско. Но ракописот со зборовите зачувува значителен број древни карактеристики и помага да се разјасни еволуцијата на македонскиот јазик и на еден од неговите дијалекти“.
Речнички и лингвистички одлики на ракописот со дијалектните зборови од Костурско – речиси исти со одликите на денешниот битолски дијалект
Текстовите откриваат карактеристични локални обележја што трајно ги преживеале вековите, а сè уште се присутни во голем број денешни говорни македонски дијалекти. Овој факт ја открива извонредната доследност на македонскиот јазик. Во текстовите ги има следниве зборови: мраве (мрави), цурвец (црв), сокол, врапци, голоби (гулаби), кокошки, петел, офци (овци), кози, јагне, мечика (мечка), елен, лисица, кон (коњ), круша, месо, сирени (сирење), јајца, вино, сол, жито, коска, гас (газ)… Во текстовите е наведен и зборот „галухци“ (глувци), а Македонците се единствените што го користат овој збор. Потоа, меѓу другите, се посочува и дијалектниот збор „ранка“, а не како заедничката македонска варијанта „рака“. Во ракописот ги има и следните реченици: „Господине, брате, да си здрав, да си прост, остави ни да спиме, ела да јаме, и да пиеме, дол да појдиме, да работиме“, „Имате хљап да купиме, имате вино да купиме, од која страна да појдиме во Богаско“.
Научниците утврдиле дека костурскиот дијалект од 16 век има голема сличност, а во некои аспекти и речиси речничка и граматичка идентичност со битолскиот дијалект од овој 21 век. Потпирајќи се на студијата на Џанели и Вајан македонските лингвисти, а особено Блаже Конески и Божидар Видоески, прецизно ги проучуваа историските гласовни и граматички промени на костурскиот говор, како што се акцентските модели, чувањето одредени стари вокали и развојот на членот.
Свето Тоевски


































