Summer time
Фото: Пиксабеј

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита на здравјето при патување, предупредувајќи дека летниот период носи зголемен ризик од заболувања поврзани со високите температури, инфекции што ги пренесуваат инсекти и здравствени проблеми поврзани со престој на вода.

Од Институтот препорачуваат граѓаните најмалку еден месец пред патувањето да се информираат за здравствената состојба и можните ризици во земјата што ќе ја посетат, како и да проверат дали се препорачува вакцинација или превентивна терапија, како за жолта треска или маларија.

Исто така, се советува да се провери дали сите членови на семејството, особено децата, ги имаат примено редовните вакцини, а за дополнителни информации да се консултираат матичен лекар или Центарот за јавно здравје.

Што треба да понесете?

ИЈЗ препорачува патниците задолжително да ги понесат редовните терапии, комплет за прва помош, лекови против болка и покачена температура, средства за стомачни тегоби, средство за дезинфекција на раце, репелент против инсекти, крем за сончање со заштитен фактор SPF 30 или повисок, како и здравствена документација и патничко здравствено осигурување.

Заштита од комарци

Особено внимание треба да се посвети на заштитата од комарци, особено при патување во тропски и суптропски подрачја.

Се препорачува употреба на репеленти со DEET (30–50%) или икаридин, носење светла облека со долги ракави и ногавици, престој во климатизирани простории или простории со заштитни мрежи, како и користење мрежа за спиење доколку е потребно.

Институтот потсетува дека комарците кои пренесуваат денга, чикунгуња и зика се најактивни преку ден, додека оние што ја пренесуваат маларијата се активни од самрак до изгрејсонце.

Доколку за време на патувањето се појават висока температура, осип, силна главоболка, повраќање или други симптоми, потребно е веднаш да се побара лекарска помош.

Внимавајте при капење

ИЈЗ советува капење само на уредени и контролирани капалишта, избегнување загадени води, како и внимателен надзор на децата покрај вода.

При пловење задолжително треба да се користи спасувачки елек, а во земји каде постои ризик од болести како шистозомијаза и лептоспироза се препорачува да се избегнува капење во реки и езера.

По враќањето дома

Доколку во рок од три недели по враќањето од патување се појават покачена температура или симптоми на заразна болест, патниците треба веднаш да побараат лекарска помош и да го информираат лекарот каде и кога патувале.

Од Институтот потсетуваат и дека по враќање од одредени земји може привремено да биде одложено доброволното дарување крв.