Коридорите 8 и 10 балкански оски на 21 век (2)
- Постојат периоди во историјата кога географијата повторно станува пресудна. Во такви периоди, старите, проверени и со ефикасен проток
коридори се враќаат во живот, а простори што со децении биле третирани како периферии одеднаш се претвораат во центри на глобалните
судири. Токму тоа денес му се случува на Балканот. И уште поконкретно, на Македонија
Во постстуденовоениот период, Западот веруваше дека геополитичката комбинаторика е надмината категорија. Дека глобалистичките амбиции на либералниот свет се остварени, заокружени и завршени. Европската Унија ја замислуваше Европа како простор на технократско управување, наддржавна креација со глобално влијание и отворен пазар за демонстрација на својата моќ и зафаќање на голем дел од колачот од класичните сфери на влијание. Но ковидот, кризата на глобалните синџири на снабдување, па војната во Украина, енергетската нестабилност, дефицитот на енергентите и трговскиот судирот меѓу САД и Кина го вратија светот во ера на суров геостратегиски реализам.
Во таков контекст Балканот повторно станува раскрсница на поголеми интереси.
Денес коридорот 8 и коридорот 10 не се само транспортни проекти. Тие претставуваат идни линии на економска, енергетска, безбедносна и цивилизациска проекција на моќта во Југоисточна Европа, а со тоа и на самата ЕУ. И токму во нивниот пресек, на раскрсницата на тие коридори, се наоѓа Македонија.
Географијата не можеше да се игнорира вечно
Од римската Виа игнација, преку византиските и османлиските патишта, па сè до модерните железнички и енергетски коридори, Балканот отсекогаш бил управуван од една основна географска логика. Имено, долините на Вардар и Морава се најприродниот копнен премин меѓу Егејот и центарот на Европа. Тоа не е политичка теза. Тоа е геостратегиска константа.
Секоја голема сила што сакала да воспостави доминација над Југоисточна Европа неизбежно морала „да ја контролира“ оваа оска. Токму затоа Македонија, иако мала по територија, секогаш имала значење поголемо од својата демографија или економија.
Во XXI век таа логика се враќа со уште поголем интензитет. Денес „лицитациите“ не се само за територии туку за контрола на логистичките артерии, т.е. таканаречената линиска инфраструктура, како што се железници, енергетски правци, дигитални мрежи, пристаништа и трговски синџири. А во свет на нарушени глобални маршрути, оној што ги контролира копнените премини добива нова форма на геополитичка моќ.
Американскиот Стејт департмент со документ упатен кон Конгресот ја декларираше својата поинаква стратегија за Балканот
Вашингтон одамна сфати дека Западен Балкан повеќе не смее да биде „сива зона“ меѓу НАТО, Европската Унија и „конкурентските сили“. Американската стратегија денес се темели врз неколку паралелни цели и тие нив не ги кријат. Тоа е „во прв ред спречување руско влијание, потоа ограничување на кинеската инфраструктурна пенетрација и создавање стабилен север-југ појас што ќе ги поврзе Балтикот, Црно Море, Јадранот и Егејот“. Тука, Иницијативата на трите мориња добива суштинско значење. Иако формално претставена како инфраструктурна и енергетска рамка, нејзината вистинска природа е геополитичка. Таа претставува обид на САД да изградат нова вертикална архитектура на Европа што ќе ја намали зависноста од традиционалната оска Берлин–Москва, но и ќе создаде алтернативни транспортни и енергетски капацитети под евроатлантска контрола.
Во таа стратегија Македонија не е случајна фигура. Таа е копнената врска меѓу Егејот и Централна Европа. Без стабилна Македонија, вертикалното поврзување на Југоисточна Европа останува нецелосно.
Токму затоа Вашингтон сè почесто зборува за инфраструктурни фондови, транспортна модернизација и нови форми на економско присуство по повлекувањето на класичниот модел на УСАИД. Во суштина, Америка преминува од модел на „либерално ’градење’ демократија“ кон модел на „прагматична геоекономија“.
Кинескиот приод за Балканот
Додека САД се обидуваат да создадат безбедносна „линија на огнот“, Кина ја развива најголемата копнена трговска архитектура во модерната историја.
Иницијативата „Појас и пат“ не е само економски проект. Таа е обид за редефинирање на глобалната трговска географија, која до скоро беше со унилатерално западно тежиште. Токму во таа рамка Балканот има специфична улога. Имено, тој да стане европска влезна врата за кинеската стока и инвестиции.
Пиреја, која практично функционира како медитерански логистички центар за Кина, има вистинска вредност само ако е брзо поврзана со Централна Европа. А најкраткиот правец повторно води преку Македонија и Србија кон Унгарија.
Токму затоа Пекинг полека, интелигентно и систематски инвестира во железници, автопатишта, енергетски проекти и логистички капацитети по должината на оваа оска.
За Кина, Македонија не е мала балканска држава. Ниту го третира народот како мал, ниту пак го преименува, ниту идентитетски го деноминира. Пекинг сите народи ги третира еднакви на својот. Тоа јасно во јавноста се искажа и од страна на претседателот на НР Кина, Си Џинпинг, при посетата на српскиот претседател деновиве во Пекинг. Македонија е третирана со највисок пиетет од официјален Пекинг како клучен дел од т.н. евроазиски копнен мост.
Пресврт и од Германија
Најинтересниот пресврт доаѓа од Берлин. Германија долго време беше главен застапник на постнационалната европска визија. Но економската зависност од Кина, енергетската криза и војната во Украина ја принудија германската елита повторно да размислува во геополитички категории. Најавите на канцеларот Фридрих Мерц за пофлексибилен и фазен пристап кон проширувањето не се израз на европски идеализам. Тие претставуваат признание дека Балканот повеќе не смее да остане вакуум. Берлин разбира дека нестабилен Балкан значи нестабилни европски транспортни коридори, ранливи синџири на снабдување и простор за пробив на конкурентски сили. Во суштина, Европа преку Берлин повторно ја открива географијата како клучен геостратегиски елемент.
Софија и Атина и промашената стратегијата на заобиколување на
Македонија преку линиска инфраструктура
Балканот денес повторно влегува во фаза на „голема игра“. Но за разлика од XIX век, кога империите се бореа за територии, денешната борба е за коридори, инфраструктура и логистичка контрола. Тоа е судир меѓу обидот за воспоставување нова поморска моќ на Западот, копнениот пристап на Кина и обидите на Европа да ја форматира својата стратегиска автономија и да се задржи како „глобален играч“.
Токму во тој судир Македонија престанува да биде периферија. Не затоа што некој го посакува тоа, туку затоа што географијата повторно ја наметнува својата улога.
Во еден ваков контекст треба да се анализира и политиката на Софија.
– Бугарија последните години настојува да изгради алтернативни транспортни и политички оски што би ја намалиле зависноста од македонскиот правец. Брзата железница Солун–Софија–Букурешт е дел од таа стратегија. Но тука се појавува суштинскиот проблем. Ниту една инфраструктурна конструкција не може целосно да ја елиминира географската логика на вардарско-моравскиот коридор. Обидот Македонија да биде долгорочно маргинализирана влегува во директен судир со интересите на големите сили, кои сакаат најкратки, најевтини и најстабилни маршрути.
Со тоа Софија ризикува да се најде во парадоксална позиција – членка на НАТО и ЕУ што преку билатерални блокади ги забавува токму оние процеси што Западот ги смета за стратегиски приоритет, а Вашингтон внимателно го следи тоа, изјави за нашиот весник еден член на Институтот за стратегиски и безбедносни студии-Скопје, од брифинг во аналитички центар на оваа тема, за што ќе следува од нивна страна и во најскоро време интегрална и обемна анализа.
Македонскиот момент
Според нашиот соговорник, за Скопје ова создава редок историски прозорец.
– Малите држави најчесто немаат можност да ја менуваат глобалната политика. Но понекогаш светските тектонски поместувања им овозможуваат да ја зголемат сопствената важност. Тоа е моментот во кој Македонија се наоѓа денес. Доколку успее да ја претвори својата географска позиција во инфраструктурна, политичка и економска предност, и тоа со своите дипломатски повеќеслојни активности, Македонија може да стане клучен транзитен јазол на Југоисточна Европа. Но ако се остават ретроградните сили, и надворешните, а особено внатрешните, да ја држат заробена Македонија како заложник на внатрешни поделби, балкански комплекси и краткорочни политички калкулации, како и извозник на политичка и безбедносна нестабилност (оваа теза е разработена во вчерашниот грчки медиум „Катимерини“, а антитезите ќе бидат разработени во нашиот весник во викенд-бројот), тогаш Македонија ризикува повторно да биде простор низ кој другите сили ќе ги реализираат сопствените стратегии – истакнува нашиот соговорник. Тој напоменува дека „ги разбира соседните центри на моќ да се намали вредноста на Македонија, но, никако не може да ја разбере упорноста на неразумните јавни изјави на поединци од опозицијата, за кои смета дека не се легитимни претставници на членовите и симпатизерите на опозицијата“ бидејќи навистина ѝ прават огромна штета на државата“, а нивните потези наликуваат на „политички садизам над своите сограѓани“ – како што метафорички се изрази нашиот соговорник.
Неколку извадоци од брифингот од Институтот за стратегиски и безбедносни студии
1. Македонија како евроазиски мост
Во 21 век државите повеќе не се мерат само според воената сила или според бројот на жителите. Клучот на моќта сè повеќе лежи во контролата врз транспортните, енергетските и логистичките коридори. Токму затоа Македонија, и покрај својата мала територија, повторно добива значење што ја надминува нејзината формална политичка тежина.
Вардарско-моравската Долина претставува најприродна копнена врска меѓу Егејот и Централна Европа. Истата маршрута денес повторно оживува преку кинеската иницијатива „Појас и пат“, американските инфраструктурни стратегии и европските обиди за ново геоекономско позиционирање.
За Кина, Македонија е дел од евроазискиот копнен мост што треба да ги поврзе пристаништата Пиреја и Солун со европските пазари. За САД, пак, таа е дел од безбедносниот појас што треба да го стабилизира Балканот и да спречи создавање „сива зона“ меѓу НАТО и конкурентските сили.
Историјата покажува дека просторот низ кој минуваат големите коридори ретко останува геополитички неважен. Прашањето не е дали Македонија ќе биде дел од новите евроазиски текови, туку дали ќе знае да ја претвори својата географија во државна стратегија. П.Р.
2. Судирот меѓу либералниот Брисел и реалполитиката на Вашингтон
Европската Унија долго време веруваше дека Балканот може да се трансформира преку технократија, административни реформи и долги преговарачки процеси. Но светот во меѓувреме драматично се промени.
Војната во Украина, растечкото кинеско влијание и енергетската криза го вратија Западот кон класичната геополитика. Тука се појавува јасна разлика меѓу Брисел и Вашингтон.
Либералниот Брисел сè уште настојува да го третира Балканот како бирократско прашање. Вашингтон, напротив, го гледа регионот како безбедносна и геостратегиска оска.
За САД повеќе не е најважно дали некоја држава совршено ги исполнила европските поглавја, туку дали просторот е стабилен, инфраструктурно функционален и отпорен на за нив т.н. конкурентски влијанија.
Токму затоа американската политика сè повеќе инсистира на коридорите 8 и 10, на регионалното поврзување и на нови безбедносни и енергетски мрежи.
Балканот влегува во ера во која географијата повторно станува поважна од бирократијата. П.Р.
3. Балканот и Трамп: Американската политика кон Балканот веројатно ќе стане многу подиректна, пореалистична и помалку идеолошка
Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, американската политика кон Балканот веројатно ќе стане многу подиректна, пореалистична и помалку идеолошка.
За разлика од либералниот интервенционизам, новата американска стратегија ќе биде фокусирана врз три работи: инфраструктура, безбедност и ограничување на кинеското влијание.
Тоа значи дека Балканот ќе биде третиран не како „проект за демократизација“, туку како „геостратегиски простор што и покрај сите недостатоци, мора здраво да биде интегриран во евроатлантската архитектура“.
Во такви услови Македонија добива ново значење. Не поради романтични идеи за проширување, туку затоа што лежи на клучните транспортни правци меѓу Егејот и Централна Европа. Трампистичката политика не размислува во категории на идеализам, туку во категории на коридори, пристаништа, енергија и воено позиционирање.
Токму затоа идниот американски пристап кон Балканот може да биде многу поагресивен во барањето стабилност и затворање на „геополитичките празнини“. П.Р.
4. Зошто Западот го преферира коридорот 8 наместо коридорот 10?
Најголемиот страв на дел од западните стратези не е кинеската воена моќ, туку кинеската логистика. Имено, доколку коридорот 10 се модернизира во брза железничка и транспортна оска што ги поврзува Пиреја, Солун, Скопје, Белград и Будимпешта, Кина практично би добила директен копнен канал до центарот на ЕУ. Токму затоа Вашингтон и Брисел внимателно ги следат инфраструктурните проекти по должината на Вардарско-моравската Долина.
Во современиот свет, контролата врз синџирите на снабдување станува форма на геополитичка доминација. Оној што ги контролира транспортните артерии, индиректно ја контролира и економската динамика. Македонија тука повторно се појавува како клучен јазол. Но ова носи и свои ризици. Доколку државата не развие сопствена стратегија, таа може да стане само транзитна територија низ која големите сили ќе ги реализираат своите интереси. Затоа вистинското прашање не е дали ќе има инвестиции, туку кој ќе ја контролира инфраструктурната иднина на Балканот. П.Р.
5. Македонската геостратегија во 21 век
На Македонија ѝ е потребна нова државна доктрина заснована врз географијата. Официјално Скопје треба да се ослободи од притисоците на дневната политика чија динамика и пресија, заради омалаксување на силата на движење кон стратегиските цели, ја наметнуваат од познатите центри од соседството, но и поединци и групи што сега се во опозицијата.
Државите што лежат на големи цивилизациски коридори не смеат да размислуваат стеснето, притиснати од „политичките лукративни садисти“.
Македонија денес се наоѓа на пресекот на два клучни правца – коридорот 8 и коридорот 10. Тоа значи дека државата може да стане енергетски, транспортен и логистички центар на Југоисточна Европа. Но таквата позиција бара стратегиско размислување и дејствување. Потребни се долгорочни инфраструктурни политики, стабилни институции, дипломатска предвидливост и национален консензус за геостратегиските приоритети.
Во спротивно, Македонија ризикува да остане простор за туѓи агенди наместо активен фактор во новата европска архитектура.
Историјата не им дава често втора шанса на малите држави. Но кога географијата повторно станува центар на светската политика, токму малите држави на големите коридори можат да добијат улога поголема од сопствената големина. П.Р.

































