Неговите скромни почетоци се во далечната 1995 година и дошле некако спонтано. Душко Апостолоски постојано ги листал старите семејни албуми, кои како да биле временска машина за него, секоја фотографија го навраќала во времето кога била фотографирана, доловувајќи ги личните моменти низ кои поминувале фотографираните
Душко Апостолоски е ретка личност во Македонија, што е особено забележливо доколку се земе предвид дека повеќе децении се занимава со собирање ретки историски фотографии од нашето македонско минато. Тој вели дека старите фотографии, особеноно оние што се поврзани со македонската револуционерна борба, кај него отсекогаш буделе длабоко чувство за нашата посебна историја, различна од другите балкански држави. Конкретно станува збор за ексклузивни фотографии со автентични носии, автентични комитски чети карактеристични само за македонското поднебје. Како христијанската традиција на фотографирање со покојникот во случај при загинување или погреб на некој војвода или фотографии што јасно ни кажуваат за што се бореле, како што е примерот со Никола Каранџулов на чиј гроб пишува „загина за слободата на Македонија“.
– Во сета нивна кореспонденција, вклучувајќи го и испраќањето сопствени фотографии до роднините и пријателите, тие се изјаснувале како македонски комити или македонски борци, што е јасна потврда за нивната национална свест во тоа време, како што е Шаќир Војвода или Ченто. Тие фотографии го олицетворуваат континуитетот на македонската борба за слобода и сопствена држава – вели Душко Апостолоски.
Неговите скромни почетоци се во далечната 1995 година и дошле некако спонтано. Тој постојано ги листал старите семејни албуми, кои како да биле временска машина за него, секоја фотографија го навраќала во времето кога била фотографирана, доловувајќи ги личните моменти низ кои поминувале фотографираните.
– Фотографиите најчесто ги купувам онлајн од различни аукциски куќи, преку интернет-форуми или соработка со сериозни колекционери од соседството. Од финансиски дел, мојата скромна плата ме ограничува со купување одредени фотографии, како што е примерот со фотографијата на четата на Гоце Делчев, која со наддавање достигна цена од петстотини евра, што за мојот буџет беше премногу, а ја купи колекционер од Бугарија – вели Апостолоски.
Според него, во тој контекст треба да се напомене дека државата во овој момент не е заинтересирана за собирање и зачувување на старите и ретки фотографии, кои во суштина ја оживуваат македонската историја. Апостолоски посочува дека сѐ е сведено на индивидуална работа и без финансиска поддршка од институциите.
– Кога некој ги негира нашиот идентитет, историја, јазик, култура и слично, како држава, општество и нација треба да покажеме грижа за оваа културна граѓа, но и сите други колекционери. Слободно можам да речам дека буквално се води војна на секоја аукција каде што се продава фотографија на македонски револуционер, често купуваат повеќе од 20 купувачи од неколку држави – истакнува Апостолоски.
Бројот на фотографиите во неговата колекција од ден на ден расте. Речиси секоја недела му пристигнуваат фотографии од аукции. Неговиот архив се однесува претежно на периодот на македонската револуционерна борба, период што е поврзан со Македонската револуционерна организација (МРО). Станува збор за студиски фотографии, портрети, разгледници и нивни писма.
– Конечната бројка е околу 300 фотографии, што преставува моја децениска макотрпна работа и една од најексклузивната колекција на темата „Македонска револуционерна организација“ во Македонија од 1944 година – вели Душко Апостолоски.