Семето ’ркулец на животот е носечка тема на третиот број на списанието за училишните активности на „Слоу фуд Македонија“ – „Полжавче“.
Станува збор за списание што првпат е објавено во 2020 година, во рамките на програмата „Слоу фуд – училишни градини“, чија цел е издигнување на свеста кај чинителите на образовниот процес за важноста на воведување на градинарството во рамките на образованието и формирање училишни градини. Досега во оваа програма се вклучени дваесет училишта од Македонија.
Воведот во списанието, напишан на македонски, италијански и на англиски јазик, нѐ упатува кон содржините на третиот број на „Полжавче“. Покрај што се опфатени активностите на училиштата во нивните училишни градини, списанието голем простор остава и за детската креативност, но и за стручни текстови што имаат едукативна улога не само за учениците туку и за наставниците и родителите. Така, во овој број на теми поврзани со семето, важноста од зачувувањето на автохтоните и старите сорти, кои се основа за одржување на биодиверзитетот, пишуваат проф. д-р Соња Ивановска и проф. д-р Звезда Богевска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, проф. д-р Билјана Гвероска од Научниот институт за тутун во Прилеп, м-р Билјана Дрвошанова од Земјоделскиот институт во Скопје, нутриционистката Тодорка Наумоска Димески и, секако, со своите видувања и идеи се вклучени голем број наставници без кои не може да се прошири идејата за основање на училишните градини.
– Земјата е најдобра банка. Ставаш семе во неа, а таа бесплатно го размножува. Така рекол и запишал некој мудар човек. Е, сега нам ни останува задачата да избереме добро семе, оти, нели, според старата македонска поговорка: „Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“. Семињата и дечињата имаат поврзаност меѓу себе. Семето е потенцијал за новото растение, а детето е семе од кое се раѓа човекот. Ние водиме грижа и за едните и за другите – вели Филип Димкоски, главен и одговорен уредник на „Полжавче“.
Во списанието се наоѓаат и забавни прилози, занимливости и креативни активности, овој пат благодарение на ликовниот уметник Филип Цакоски, поместен е и стрип, раскажувалка преку илустрации и содржини за дополнување, боење и поврзување. Тука се и гатанките, песните и расказите. Во овој број е поместен и расказот „Градинче“ од еминентната македонска писателка Бистрица Миркуловска, чија книга за деца „Цвеќенца“ е прва книга за деца напишана од жена во македонската литература. Остварена е и меѓународна соработка со САД преку прилогот на Мара Велтон, посветен на американските училишни градини.
Особено внимание е посветено на техничкото уредување и графичкото обликување, кое од првиот број го прави дизајнерот Горан Трсунов, лектурата е на Марина Василевска Геческа, илустратори се Филип Цакоски и Владимир Здравески, а насловната фотографија е на „Концепт продукција“. Фотографиите во списанието се на Андреја Котески и од архивите на „Слоу фуд Македонија“.
Списанието во печатена форма ќе биде достапно на сите настани на „Слоу фуд Македонија“, а електронската верзија наскоро ќе биде достапна на официјалната страница: www.slowfood.mk.