Флавио Болсонаро преку сложена логистичка операција стигна во САД по поразот на претседателските избори во Бразил
- По поразот на претседателските избори во Бразил, Флавио Болсонаро отпатува во Мајами, САД, преку сложена логистичка операција
потпомогната од најблискиот круг на американскиот претседател Трамп и на аргентинскиот лидер Милеи
Помалку од 24 часа по поразот на претседателските избори во Бразил, Флавио Болсонаро исчезна во конвој од четири темни автомобили. Откако возилата се оддалечија од домот на Болсонаро во Бразилија во понеделникот вечерта, тие се разделија во различни насоки, оставајќи ги новинарите и властите да се мачат во обидот да утврдат во кое возило се наоѓа Болсонаро. До следното попладне, сојузниците на поранешниот претседателски кандидат во Бразил им соопштија на новинарите дека Болсонаро веќе стигнал до Флорида, САД.
Кога бразилските и светски медиуми објавија дека Болсонаро ја напуштил земјата, тој сè уште бил во Бразил, додека приватен авион го чекал преку границата во Аргентина. Авионот полетал од Пуерто Игуазу во средата и го однел Болсонаро во Еквадор, а потоа во Мајами, САД, каде што неговиот влез бил олеснет од американски сојузници со кои неговото семејство одржувало односи со години.
Заминувањето, кое во голема мера се потпираше на итрина, предизвика глобално нагаѓање, оставајќи дури и некои од најблиските сојузници на Болсонаро, во Вашингтон и во Бразил, во неизвесност за тоа каде се наоѓа тој.
Откако во средата наутро Болсонаро слезе од авионот во Мајами, облечен во темносина поло-маица и со ранец на грбот, униформирани службеници носеа чадори за да ги заштитат него и неговото семејство од камерите. Нивното пристигнување беше резултат на исклучителни напори на тесен круг влијателни сојузници блиски на американскиот претседател Доналд Трамп, високи американски функционери и на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, кои му помогнаа на Болсонаро да отпатува за САД и да влезе во земјата, и покрај судската наредба во Бразил со која му се забрануваше да ја напушти државата.
Во изјавата дадена во средата од Мајами, Болсонаро, кој себеси се нарече „лидер на Бразил“, му се заблагодари на претседателот Трамп што го пречекал во „земјата на слободи“, а на Милеи му оддаде признание за неговата „храброст“ и „чувство за правда“.
Според извори запознаени со деталите, откако Трамп во вторникот лично одобрил влез за Болсонаро и неговото семејство во САД, државниот секретар Марко Рубио презел чекори за издавањето визи. Сепак, според истите извори, семејството влегло во земјата врз основа на прописот за „хуманитарен престој“, што му овозможува да остане во САД една година.
Операцијата за извлекување на Болсонаро од Бразил во САД се одвиваше во понеделникот, бидејќи неговите сојузници се загрижиле дека тој би можел да се соочи со апсење. Иако кривичните истраги против Болсонаро им претходеа на изборите, наредбата на Врховниот суд со која му се забранува да го напушти Бразил и се бара од него да ги предаде пасошите дојде кратко време по неговиот изборен пораз и ги поттикна обвинувањата дека претседателот Луиз Инасио Лула да Силва е решен да го казни својот политички ривал.
Работејќи со помладиот брат на Флавио Болсонаро, Едуардо, мала група, вклучувајќи го и советникот на Трамп, Џејсон Милер, обезбеди чартер-авион за да го однесе Флавио Болсонаро од Аргентина до Флорида. Одлуката на администрацијата на Трамп да му обезбеди засолниште на Болсонаро ја означува кулминацијата на долгогодишната лобистичка кампања на семејството за вклучување на американскиот претседател и неговиот внатрешен круг во нивните правни и политички битки на домашен терен. Личниот сојуз меѓу двете најмоќни политички семејства на хемисферата ги преобликува односите меѓу САД и Бразил. Минатата година, Трамп воведе високи тарифи на земјата, наведувајќи го нејзиниот третман кон Болсонаро како причина и го санкционираше истиот судија на Врховниот суд што му забрани на Болсонаро да го напушти Бразил.
Она што започна како внатрешна политичка и правна битка во Бразил, сега прераснува во тест за тоа до каде е подготвен Трамп да ја искористи американската моќ во корист на странската политичка династија, што може да има далекосежни последици за втората по големина демократија во Америка.
Болсонаро има намера, од егзил во САД, да организира политичко дејствување, велат лица вклучени во разговорите со него. Сепак, со оглед на тоа што до среднорочните избори во САД остануваат уште само неколку дена, Белата куќа не дава знаци дека планира да направи нешто повеќе во однос на понуденото засолниште на Болсонаро. Исто така, според двајца соговорници запознаени со разговорите, нема индиции дека Трамп ќе го троши својот политички капитал за да ја оспори победата на Да Силва, и покрај притисокот од неговите сојузници во Вашингтон. Трамп одби да коментира кога новинарите го прашаа за изјавата на Болсонаро дека тој е вистинскиот претседател на Бразил.
– Сметам дека кон нив се постапи многу неправедно. Но јас нема да се мешам. Тоа беа навистина чудни избори, тоа е сигурно – изјави американскиот претседател во средата, мислејќи на семејството Болсонаро, кое претходно истиот ден го опиша со зборовите „многу добри луѓе“.
Победата на Да Силва во вториот круг од изборите во неделата, против Болсонаро, беше признаена од повеќе од 50 земји, вклучително и од лидери од Латинска Америка од целиот политички спектар. Тој го победи Болсонаро со разлика од над 4,4 милиони гласа, која, според меѓународните набљудувачи, не остава никаков сомнеж во однос на веродостојноста на изборните податоци во земјата. Трамп, сепак, досега одбива официјално да ја признае победата на Да Силва.
Долгиот пат до Мајами
Во вторникот, конзервативниот политичар и неговото семејство се упатија кон аргентинската граница, оддалечена стотици километри. Таа вечер, во 22.50 часот по локално време, Болсонаро, неговата сопруга и нивните две ќерки го преминаа меѓународниот мост „Танкредо Невес“ и влегоа во Пуерто Игуазу, Аргентина, место во близината на тромеѓата меѓу Бразил, Аргентина и Парагвај, соопштија аргентинските власти. Откако ја преминало границата, возилото на Болсонаро било придружувано од аргентинската аеродромска полиција до имиграцискиот пункт на меѓународниот аеродром „Водопади Игуазу“. Според поранешен шеф на аргентинската разузнавачка служба, операцијата од Пуерто Игуазу ја надгледувал Сантијаго Капуто, еден од главните соработници на претседателот Милеи. Според лице вклучено во операцијата, Капуто бил во директен контакт со Едуардо Болсонаро за да ја координира акцијата. Милеи е близок сојузник и на администрацијата на Трамп и на семејството Болсонаро. Во јули, тој присуствуваше на предизборен собир на Флавио Болсонаро во Бразил, при што го нарече да Силва „крадец“, што доведе до тоа Бразил да го повлече својот амбасадор од Аргентина.
Според податоците за следење летови, приватен авион го чекал семејството Болсонаро на аеродромот. Во 23.30 часот, Болсонаро се качил во авионот „Галфстрим“, што полетал кон Гвајакил, Еквадор, за да наполни гориво на патот кон САД. Аргентинскиот манифест на летот, во кој увид имаше „Волстрит џурнал“, како патници ги наведува Болсонаро, кој патува со италијански пасош, неговата сопруга и двете ќерки. Авионот полетал нешто по полноќ, со двајца пилоти и еден член на кабинскиот екипаж. Авионот слетал на аеродромот „Мајами-Опа Лока“ во средата, околу 9.30 часот наутро. При напуштањето на аеродромот, Болсонаро и неговото семејство брзо биле сместени во возило што ги чекало таму.
Пристигнувањето на Болсонаро во САД наликува на потегот на неговиот татко. Во декември 2022 година, Жаир Болсонаро слета на Меѓународниот аеродром во Орландо, откако ги загуби изборите од Да Силва и одби да го признае поразот. Постариот Болсонаро остана таму околу три месеци, престојувајќи во домот на еден пријател, пред да се врати во Бразил. Подоцна тој беше осуден за планирање државен удар со цел да остане на власт, што кулминираше со бунт во Бразилија.
Долгогодишни тврдења за политички прогон
Одлуката на Врховниот суд, со која на Болсонаро му се забранува да ја напушти земјата, му даде нов аргумент на семејството Болсонаро за нивните долгогодишни тврдења дека се жртви на политички прогон. Со помош на влијателни сојузници, меѓу кои се Милер и поранешниот стратег на Трамп, Стив Бенон, семејството Болсонаро ги претстави своите правни битки во татковината како дел од поширока кампања на политички прогон – наратив што наиде на разбирање кај Трамп.
Предводена од Едуардо Болсонаро, кампањата за градење блиски односи со Трамп и неговиот најтесен круг соработници се прошири од вечери во „Мар-а-Лаго“ и политички конференции, па сè до средби во Белата куќа. Бенон, поранешниот стратег на Трамп, кој претходно го советуваше семејството Болсонаро, истакна дека односот на левицата кон семејството Болсонаро претставува предупредување за американските конзервативци.
Трамп, исто така, повлече паралели помеѓу изборите во Бразил и судските постапки против семејството Болсонаро, претставувајќи ги како дел од истата борба против „ловот на вештерки“ спроведен од страна на левицата. На предизборен собир во Тексас во вторникот, Трамп ги обвини демократите дека се „најголемите измамници на избори во историјата“, а потоа додаде: „Иако и Бразил мошне добро се снаоѓа во тоа, зарем не?“
































