Фото: „Нова Македонија“

Доаѓа време за правна разрешница на македонските хашки случаи?

  • Во јавноста веќе се отвораат прашања за предметите што со години останаа заробени меѓу политиката и правото, а меѓу нив повторно се
    споменуваат и т.н. македонски хашки случаи. Независно од тоа дали
    институционално ќе се создадат услови за нивно повторно процесирање,
    самото враќање на темата во јавниот простор повторно ја отвора дилемата што повеќе од една деценија ја следи македонската јавност, а тоа е дали
    политичкиот компромис може трајно да ја замени судската правда

Македонското правосудство повторно се наоѓа пред есен што би можела да остави долгорочни последици врз владеењето на правото. Во јавноста веќе се отвораат прашања за предметите што со години останаа заробени меѓу политиката и правото, а меѓу нив повторно се споменуваат и т.н. македонски хашки случаи. Независно од тоа дали институционално ќе се создадат услови за нивно повторно процесирање, самото враќање на темата во јавниот простор повторно ја отвора дилемата што повеќе од една деценија ја следи македонската јавност – дали политичкиот компромис може трајно да ја замени судската правда.
Овие дилеми не се нови. Напротив, тие претставуваат една од најконтроверзните правно-политички епизоди во поновата македонска историја. Со години весникот „Нова Македонија“ континуирано пишуваше дека затворањето на предметите не претставуваше судска, туку политичка одлука. Во своите анализи весникот укажуваше дека станува збор за прашање што не е затворено во правна смисла, туку само беше изместено од судската во политичката сфера.

Од Хаг назад во Македонија

Во 2008 година Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија донесе одлука четири предмети да врати на натамошно постапување пред македонските институции. Со тоа не беше донесена пресуда, ниту пак беше констатирано дека нема основа за кривична одговорност. Напротив, Трибуналот оцени дека националното правосудство е надлежно да ги води евентуалните постапки. Токму тука започна политичката димензија на случајот. Наместо предметите да продолжат низ редовна обвинителска и судска процедура, во 2011 година Собранието го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија. Таквото толкување практично создаде правна пречка за понатамошно процесирање на предметите, што во јавноста беше оценето како резултат на политички договор меѓу тогашните коалициски партнери.
Оттогаш па наваму, едно прашање останува без конечен одговор: Дали законодавната власт, преку политички компромис, може да стави точка на случаи што се однесуваат на евентуални воени злосторства?

Правото е поинакво од политиката

Политичките договори имаат свој животен век. Правото, особено меѓународното кривично право, функционира врз сосема поинакви принципи. Еден од најцврстите принципи на современото меѓународно право е дека воените злосторства и злосторствата против човештвото не смеат да останат неистражени и не подлежат на застарување.
Во преамбулата на Конвенцијата на Обединетите нации за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото се нагласува дека ефективното гонење и казнување на сторителите претставува суштински елемент за спречување на таквите дела и заштита на човековите права.
Членот I од истата Конвенција е недвосмислен: „Воените злосторства и злосторствата против човештвото не подлежат на никакви рокови на застареност“.
Сличен пристап е содржан и во Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Членот 29 утврдува: „Злосторствата во надлежност на Судот не подлежат на застарување“.
Овој принцип одамна е дел и од современата меѓународна правна доктрина. Антонио Касезе, еден од најпознатите авторитети во областа на меѓународното кривично право, пишува дека должноста на државите да истражуваат сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право претставува темелна обврска што не смее да биде поништена со политички договори или со внатрешни законски механизми.
Во слична насока оди и професорот Вилијам Шабас, кој оценува дека амнестиите можат да имаат место кај одредени политички кривични дела, но не и кога станува збор за најтешките повреди на меѓународното хуманитарно право.

Меѓу помирувањето и правдата

Речиси секое постконфликтно општество се соочува со дилемата дали приоритет треба да има политичката стабилност или судската разрешница. Но искуствата од Балканот, Руанда, Латинска Америка и други постконфликтни средини покажуваат дека трајното помирување ретко се постигнува преку премолчување на можните злосторства. Напротив, правната разрешница најчесто претставува предуслов за историско затворање на конфликтите.
Токму затоа современото меѓународно право сè повеќе ја нагласува обврската на државите да обезбедат ефективна истрага секогаш кога постои основано сомнение за сериозни повреди на хуманитарното право. Тоа не значи однапред утврдена вина. Напротив. Тоа значи право на истрага, право на судење, право на одбрана и, на крајот, независна судска одлука.

Политиката може да отвори или да затвори дебата, но не и вистината

Денес, повеќе од две децении по конфликтот од 2001 година, прашањето повторно добива актуелност. Доколку институциите повторно ги разгледуваат правните аспекти поврзани со овие предмети, тоа нема да биде враќање во минатото, туку враќање кон принципот дека најтешките можни кривични дела треба да бидат предмет на независна судска оценка.
Во демократските општества токму судот – а не политичките договори – е местото каде што се утврдуваат фактите, се оценуваат доказите и се носи конечната одлука.
Историската правда не значи однапред утврдена вина. Таа подразбира институциите да ја исполнат својата обврска. Имено, секој што евентуално сторил воено злосторство, без оглед на неговата етничка припадност, политичка функција или општествен статус, да биде изведен пред независен суд. Само така може да се затвори едно од најчувствителните поглавја од поновата македонска историја – не со политички договор, туку со владеење на правото.


Претседателот на ДУИ и американската амбасадорка на средба во седиштето на партијата во Тетово

Ахмети инсистира имплементацијата на Охридскиот рамковен договор да продолжи како заедничка определба

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, минатата недела во партиското седиште во Тетово оствари средба со американската амбасадорка Никол Варнс, на која се разговарало за „актуелните политички состојби во земјата, Охридскиот рамковен договор и евроатлантската перспектива на државата“.
По средбата, Ахмети истакна дека „изразил благодарност за континуираната поддршка на САД и нивната улога како стратешки партнер“ на Македонија. Тој нагласи дека „американската поддршка била клучна за постигнувањето на Охридскиот рамковен договор и останува значајна за неговото целосно спроведување, за унапредување на еднаквоста и зајакнување на општествената кохезија“.
Ахмети соопшти дека на средбата било реафирмирано заедничкото определување за натамошно јакнење на стратешкото партнерство со САД, целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор и продолжување на европскиот курс на државата. Според него, континуираниот дијалог со меѓународните партнери е важен за изградба на демократска, стабилна и инклузивна држава со еднакви права и можности за сите граѓани. Д.Ст.


Потсетување на четирите македонски хашки случаи

„Мавровски работници“
Случајот се однесува на киднапирањето и убиството на работници на градежното претпријатие „Маврово“ во текот на конфликтот во 2001 година. Предметот беше вратен од Хашкиот трибунал на домашно постапување.

„Липковска брана“
Овој предмет е поврзан со преземањето на контролата врз Липковската брана и последиците што тоа ги имаше врз снабдувањето со вода и безбедносната состојба во регионот за време на конфликтот.

„Непроштено“
Случајот „Непроштено“ се однесува на основи на сомневање за извршени злосторства врз цивилно население во текот на конфликтот во 2001 година и беше еден од четирите предмети што Хашкиот трибунал им ги врати на домашните институции.

„Раководство на ОНА“
Предмет што се однесува на можна командна одговорност на припадници од тогашното раководство на ОНА за дејства извршени за време на оружениот конфликт. И овој предмет беше вратен од Хаг, со очекување домашните институции да ја преземат натамошната постапка. Д.Ст.


Македонските хашки случаи останаа единствениот нерешен правно-политички јазол од блиската историја во регионот

Балканот одамна ја затвори хашката епоха – Македонија води политичка битка со правдата

Повеќе од две децении по конфликтот во 2001 година, Република Македонија останува единствената држава од поранешна Југославија во која прашањето за дел од предметите вратени од Хашкиот трибунал сè уште предизвикува повеќе политички отколку правни расправи. Во сите други држави од регионот доминантниот принцип беше дека, по затворањето на предметите во Хаг, домашните обвинителства и судови ја преземаат одговорноста за евентуално натамошно гонење. Во Македонија, пак, токму во моментот кога требаше да почне домашната правна разрешница, настапи политичката.
Така, наместо судовите да го добијат последниот збор, одлучувачка улога доби законодавецот. Тоа е особеност што македонскиот случај го прави речиси единствен во постјугословенската правна практика.

Хашкиот трибунал никогаш не кажа дека нема злосторства

Во домашната јавност со години се создаваше впечаток дека враќањето на четирите предмети од Хашкиот трибунал претставувало нивно затворање. Од правен аспект, тоа не е прецизна интерпретација.
Политиката често го претставуваше враќањето на предметите како доказ дека нема простор за понатамошно постапување. Но механизмот на Трибуналот функционираше поинаку. Со стратегијата за завршување на работата (Completion Strategy), Меѓународниот кривичен трибунал постепено им ги препушташе на националните судови предметите што не ги водеше самиот, оценувајќи дека тие имаат надлежност и капацитет да ги процесираат.
Со други зборови, Хаг не пресуди дека нема кривично дело. Тој оцени дека евентуалната кривична одговорност треба да ја оценат домашните институции.
Токму затоа голем број меѓународноправни автори прават јасна разлика меѓу „враќање предмет“ и „отфрлање предмет“. Првото претставува трансфер на надлежноста; второто значи крај на постапката. Кај македонските случаи се случи првото.

Фото: ЕПА

Потсетување на македонскиот преседан

Во 2011 година, преку автентично толкување на Законот за амнестија, Собранието создаде правна пречка за понатамошно процесирање на четирите предмети. Во суштина, политичкиот компромис ја презеде улогата што во класичната поделба на власта му припаѓа на судството.
Токму затоа голем број правници тогаш предупредуваа дека се создава опасен преседан. Политичкото мнозинство, посредно, влијаеше врз судската судбина на предмети што се однесуваат на наводни воени злосторства. Прашањето никогаш не беше дали некој е виновен. Прашањето беше дали судот воопшто ќе добие можност да утврдува вина или невиност.

Хрватска: Правдата продолжи по Хаг

Во Хрватска, по завршувањето на хашките процеси против највисоките воени и политички функционери, десетици предмети продолжија пред домашното правосудство.
Државното обвинителство отвораше истраги, поднесуваше обвиненија и во случаи каде што обвинетите беа Хрвати, но и Срби. Не сите постапки завршија со осудителни пресуди, но суштинскиот принцип остана непроменет – судот е местото каде што се утврдуваат фактите.

Србија: Специјализирано обвинителство наместо политички договор

Србија формираше специјализирано обвинителство за воени злосторства и посебни судски одделенија. И покрај големиот број критики за селективност и бавност, институциите никогаш не се откажаа од принципот дека предметите мора да добијат судски епилог.
И таму политичките притисоци беа силни. Но не беше донесен законски механизам со кој однапред би се затвориле сите постапки од ваков вид.

Босна и Херцеговина: Најобемен систем за процесирање

Босна и Херцеговина разви најобемен систем за процесирање воени злосторства во регионот. Судот на БиХ и ентитетските судови водеа стотици предмети, а работата продолжува и денес. Меѓународното право не дозволи најтешките повреди на хуманитарното право да останат надвор од институционалната проверка.
И покрај политичките несогласувања меѓу трите конститутивни народи, никој сериозно не предложи парламентот однапред да стави крај на сите вакви предмети.

Европското право не ја признава политичката амнестија како универзално решение

Во последните две децении Европскиот суд за човекови права изгради богата практика според која државите имаат позитивна обврска ефективно да ги истражуваат сериозните повреди на човековите права, особено кога станува збор за убиства, исчезнувања, тортура и други тешки дела.
Иако секој случај има свои специфики, општата насока на европската јуриспруденција е дека неказнивоста не смее да стане државна политика.
Сличен пристап се развива и во практиката на меѓународното кривично право. Антонио Касезе забележува дека современото меѓународно право постепено го напушта концептот на политички компромиси што водат кон неказнивост за најтешките злосторства. Вилијам Шабас нагласува дека современата тенденција е државите да обезбедат истрага и судска проверка дури и кога политичките околности го прават тоа непопуларно.

Владеење на правото или владеење на компромисот?

Во Македонија денес повторно се отвора оваа дилема не затоа што некој бара однапред осудителни пресуди, туку затоа што повторно се поставува прашањето дали институциите ќе добијат можност да ја извршат својата уставна функција. Судската постапка не е политичка пресуда. Таа е единствениот механизам преку кој може да се утврди дали постои кривична одговорност или, пак, обвинетите немаат никаква вина. Во демократска држава и двата исхода се еднакво легитимни – но само ако до нив се дојде по судски пат.

Сашо Таневски


Редакциски забелешки

Историјата не може да се избрише со закон

  • Правната држава не бара однапред виновници. Таа бара постапка. Историјата не бара одмазда. Таа бара утврдување на фактите. А жртвите, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност, имаат право да знаат дека најтешките наводи за воени злосторства нема да останат заробени во архивите на политичките договори, туку ќе бидат разгледани таму каде што им е местото, пред независен и непристрасен суд, со што ќе се демонстрира дека длабоките реформи во судството не се само декларативна позиција туку дека и решително и без компромис се спроведуваат во праксата

Балканската историја покажува дека конфликтите не завршуваат со потпишување мировен договор. Тие завршуваат тогаш кога институциите ќе ја воспостават довербата дека законот важи еднакво за сите.
Во тој контекст, македонските хашки случаи одамна не се само прашање на кривично право. Тие станаа тест за зрелоста на уставниот поредок, за независноста на институциите и за способноста на државата да направи јасна граница меѓу политичкиот интерес и судската надлежност. Правната држава не бара однапред виновници. Таа бара постапка. Историјата не бара одмазда. Таа бара утврдување на фактите. А жртвите, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност, имаат право да знаат дека најтешките наводи за воени злосторства нема да останат заробени во архивите на политичките договори, туку ќе бидат разгледани таму каде што им е местото, пред независен и непристрасен суд, со што ќе се демонстрира дека длабоките реформи во судството не се само декларативна позиција туку дека се спроведуваат и во праксата.
Затоа, ако Македонија навистина сака да затвори едно од најчувствителните поглавја од својата современа историја, тоа нема да го направи со нов политички компромис, туку со доследна примена на принципите на владеење на правото. Само така историската меморија ќе престане да биде поле за дневнополитички пресметки и ќе стане дел од правниот поредок што почива врз еднаквост, одговорност и правда. П.Р.