Огромна, меѓутоа неосновано делегирана одговорност во иднина ѝ се дава на заедничката историска комисија, која треба да одлучува за низа суштински прашања од сферата на историјата, образованието итн. Според соговорниците со кои се консултиравме, три битни прашања треба да знаат граѓаните и носителите на државните функции во овој момент, за работите што се однесуваат на заедничката историска комисија:
– заблуда е дека вака поставената историска комисија може да биде независна!;
– второ, членовите од македонската страна во комисија не се добро упатени, ниту, пак, имаат знаење, стручност и познавање за македонско-бугарските односи низ историјата и оттука, тие немаат компетенции да носат одлуки и да препорачуваат за нив;
– и трето, дека во надлежност на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници, при што немаме реципроцитет за историските учебници! На овој начин македонското образование се доведува во потчинета положба, односно измените во учебниците ќе бидат обврска само на македонскиот образовен систем и историјата ќе ни се побугари!

Историјата е веќе внатре, за жал, вградена како интегрален дел од контролниот механизам на нашиот пат кон ЕУ

По неодамнешното обелоденување на содржината на протоколот со Бугарија и обврските што преку него ѝ се наметнуваат на Македонија на патот кон ЕУ, паѓа во очи огромната одговорност на историската комисија меѓу двете земји од чии одлуки во иднина ќе зависат многу суштествени прашања од делот на образованието, историјата итн.

Да нема заблуди во врска со историската комисија

Огромна, меѓутоа неосновано делегирана одговорност во иднина ѝ се дава на заедничката историска комисија, која треба да одлучува за низа суштински прашања од сферата на историјата, образованието итн. Според соговорниците со кои се консултиравме, три битни прашања треба да знаат граѓаните и носителите на државните функции во овој момент, за работите што се однесуваат на заедничката историска комисија:
– заблуда е дека вака поставената историска комисија може да биде независна!;
– второ, членовите од македонската страна во комисија не се добро упатени, ниту, пак, имаат знаење, стручност и познавање за македонско-бугарските односи низ историјата и оттука, тие немаат компетенции да носат одлуки и да препорачуваат за нив;
– и трето, дека во надлежност на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници, при што немаме реципроцитет за историските учебници! На овој начин македонското образование се доведува во потчинета положба, односно измените во учебниците ќе бидат обврска само на македонскиот образовен систем, и историјата ќе ни се побугари!
Понатаму, повеќемина експерти и познавачи на околностите велат дека Бугарија преку своите членови во комисијата и понатаму ќе настојува да го наметне своето видување за историјата, а мултиперспективноста ќе важи само за македонската страна, со што се доведува под прашање постоењето на македонската историографија и мисла. Настојувањето на Софија да ја бугаризира македонската историја и понатаму ќе продолжи. Во тој правец е и протоколот, кој овозможува европската интеграција и зачленувањето на Македонија да зависат од одлуките и препораките на македонско-бугарската историска комисија за историски и образовни прашања до соодветните влади, односно од препораките на македонските членови до нашата влада. Доколку не се решат наметнатите спорни историски личности и настани, а препораките исклучиво ќе зависат од историската комисија, тогаш Софија повторно може да ја блокира Македонија, по која било основа и за кое било прашање што нема да ѝ се допадне.
Нема никакво двоумење, и според досегашното искуство, дека историската комисија ќе работи под диктат на надворешни политички влијанија.
Досега, според нашите информации, македонските членови на комисијата со своите бугарски колеги усогласиле заедничко чествување на пет личности – Свети Кирил и Методиј, Свети Наум и Климент, како и македонскиот средновековен владетел Самуил. Во иднина, македонските историчари во комисијата, заедно со бугарските, ќе треба да одлучат и да препорачаат и други историски личности и настани од македонската историја, како заеднички со бугарската историја.
Неколкупати во медиумите беше истакнато дека историската комисија ќе работи самостојно и без надворешни влијание, врз основа на научно толкување на историските извори и документи, како што е наведено и во самиот протокол. Но со оваа констатација не се согласува ниту Никола Димитров, поранешниот македонски министер за надворешни работи, кој очигледно од прва рака ги знае работите и релациите на Владата со историската комисија. Според него, тврдењето дека историчарите ќе работат без политички притисок е крајно манипулативно и несериозно, бидејќи нивната работа е директно поврзана со формирањето (на комисијата од страна на Владата и со именувањето на членовите во неа).
– На нивните рамена ќе биде целата одговорност и притисокот ќе биде неиздржлив. Бугарија успеа диктатот за историјата да го направи европски услов – смета Димитров.

(Не)компетенција, (не)стручност, (не)упатеност, (не)знаење…

Добро упатени соговорници во врска со капацитетот на членовите на историската комисија ги доведуваат во прашање компетенциите на македонските членови во историската комисија.
Д-р Наташа Котлар вели дека членовите од македонска страна во комисијата не се добро упатени, ниту, пак, имаат знаење, стручност и познавање за македонско-бугарските односи низ историјата. Сегашните македонски членови имаат специјализирано во историски области што не се поврзани со прашања што ги разгледува комисијата, оттука тие немаат компетенции да носат одлуки и да препорачуваат за нив, вели Котлар.
За издвојување е уште еден елемент, а тоа е дека во надлежност на историската комисија се и образовните прашања, односно содржината на историските учебници. Комисијата може да даде препораки врз основа на кои македонската владата ќе изготви методолошки упатства и учебници, како и други учебни материјали. Во овој контекст се наметнува и прашањето за мултиперспективноста, бидејќи во учебниците и другите материјали треба да бидат посочени и оригиналите на соодветните извори и литературни текстови и тие да бидат користени и презентирани од соодветните образовни институции.

Менувањето на учебниците ќе биде обврска само на македонскиот образовен систем!

Тука се наметнува проблемот за двостраниот приод кон историјата, односно македонската и бугарската историографија и соодветните историски извори што се користат од двете страни. Повеќемина познавачи посочуваат дека нема реципроцитет за историските учебници и на овој начин македонското образование се доведува во потчинета положба, бидејќи само во македонските историски учебници ќе бидат посочени историските извори и литература што се користат од бугарската историографија. Додека, пак, во бугарските учебници нема да бидат претставени историските извори, документи и сведоштва на македонската историографија, воопшто видувањата на македонските историчари.
Во однос на ова прашање, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, поранешен член на комисијата, посочува дека концептот за внесување на мултиперспективноста во историските учебници, односно две верзии за историјата, ќе биде обврска само на македонскиот образовен систем! Ѓорѓиев исто така очекува дека другите македонски членови во историската комисија ќе поднесат оставки бидејќи ќе бидат под огромен притисок, односно целата тежина ќе падне врз нив.
За споменување е дека во надлежност на историската комисија не се натписите на таблите, спомениците и постановките во музеите, бидејќи тие се во надлежност на македонската влада. Но индиректно историската комисија може да влијае во нивните измени доколку препорача дека одредени личности и настани од македонската историја се бугарски. Доколку комисијата препорача дека Македонската револуционерна организација (МРО) се борела за припојување на Македонија кон Бугарија, а не за самостојна македонска држава, тогаш тоа ќе се одрази и врз музејските постановки или табли, велат нашите соговорници. Д.Ст.