ГИЛАД ШАДМОН, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА НА ИЗРАЕЛ
- Кога станува збор за иновации, размислувам за луѓето, зашто најголемата работа во таа сфера се младите претприемачи што тропаат на вашата врата и ви ги кажуваат идеите. Тие идеи треба да најдат место во индустријата, а тоа е долг и комплициран пат. За секого е различен, но на крајот иновациите зависат од луѓето и пред сѐ тие идеи треба да се препознаат и да се поддржат, истакнува Шадмон
- Ви требаат дата-центри зашто треба да бидете дел од модерниот свет. Тие ќе помогнат и во делот на иновациите
Висока делегација на Министерството за регионална соработка на државата Израел, предводена од нејзиниот генерален секретар Гилад Шадмон, неодамна беше во тридневна посета на Македонија. Посетата се оствари по покана од македонската владина Агенција за иновации и научно-технолошки развој и претприемаштво (ИНОВА) речиси еден месец откако македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Израел потпиша неколку договори за соработка меѓу двете држави. Откако е ставен потпис на билатерална договорна рамка за соработка нештата сега се ставени на побрз колосек и со конкретни проекти за соработка.
Од ИНОВА истакнуваат дека посетата била со цел да се зајакне институционалната соработка меѓу Израел и Македонија, со посебен фокус на иновациите, претприемаштвото, технолошкиот развој и регионалната соработка.
Редакцијата на „Нова Македонија“ имаше ексклузивна можност да разговара со господин Шадмон.
Како дојде до оваа посета и со каква цел ја остварувате?
– Ова е моја прва посета на Македонија, а за првпат сум и во Охрид. Видов прекрасна земја и едно преубаво езеро, кое ме потсети на Галилејско Море. Луѓето се многу пријателски, весели и слични се на Израелците. Тие што ги сретнав слично размислуваат, особено за иновациите, за претприемаштвото, разговарав со луѓе што размислуваат за нови начини на решавање на проблемите.
Кога зборувате за пејзажите, да Ве прашам дали географијата игра некаква улога кога станува збор за иновации, дали некои земји на пример имаат извесна предност? Дали Вашата истражувачка мисија беше насочена и на географијата?
– Не сум сигурен, немав такво истражување. Кога станува збор за иновации, размислувам за луѓето, зашто најголемата работа во таа сфера се младите претприемачи што тропаат на вашата врата и ви ги кажуваат идеите. Тие идеи треба да најдат место во индустријата, а тоа е долг и комплициран пат. За секого е различен, но на крајот иновациите зависат од луѓето и пред сѐ тие идеи треба да се препознаат и да се поддржат.
Дали постои законска рамка за соработка во оваа сфера?
– За нас да, постои таква рамка. Има соработка меѓу нас и ИНОВА, како и меѓу министерствата за надворешни работи, а ние сме тука да продолжиме. Сакаме да препознаеме што навистина ви треба. Иновациите денес ги допираат сите сфери. Ако ги разбереме вашите потреби, ќе постигнеме и подобри односи на соработка.
Како Израел стана држава на иновации?
– Има неколку точки. Една од нив е дека ние сме мала земја, опкружена од непријатели, и не можевме да си дозволиме да загубиме една војна. Поранешната премиерка Голда Меир има кажано дека „ако нашите непријатели ги фрлат пушките ќе има мир, ако ние ги фрлиме нема да постоиме“. Немаме избор и мора да бидеме флексибилни во нашето размислување како да опстанеме. Но, не е само тоа. Израел е демократска и либерална држава, која помага идеите и соништата на луѓето да се реализираат. Имаме многу млади луѓе што ги мотивираме да размислуваат на иновативен начин. Тоа е дел од владиниот приод и тоа нема да се запре. Имаме закони со кои се обидуваме да им помогнеме на луѓето.
Дали сте овде во мисија за собирање податоци или сте за конкретна поддршка?
– Ние сме мало министерство и немаме голем буџет и многу вработени. Нашата цел е да направиме врски меѓу заедниците во Израел и со 24 земји во регионот, меѓу кои и С. Македонија. Тука сме да создадеме врски. Иновациите се само една причина да направиме врски меѓу луѓето. Можете да потпишете договори, но многу се важни врските меѓу луѓето. За таа цел донесовме двајца специјалисти од центарот за иновации „Даром“.
Интересно е што не сме блиску, не сме соседи, но нѐ гледате како земја од регионот.
– Кога зборуваме за регионот, мислиме на земји опфатени со Абрахамските договори, плус земјите од бивша Југославија, земјите што завршуваат на „стан“, дел од Медитеранот. Иако сте во Европа, ве гледаме како наши пријатели од нашиот регион.
Во последниве месци главни теми станаа дата-центрите и вештачката интелигенција. Како да се најде балансот меѓу овие нови сфери со, да речеме, традиционалните индустрии како земјоделството на пример? Постои ли голема разлика меѓу нив? Како да ја најдеме рамнотежата меѓу старите вредности и новите?
– Не е прашање на ова или она. На крајот морате нешто да јадете и да имате околина што ќе ги поддржи вашите деца. Покрај тоа ви требаат дата-центри зашто треба да бидете дел од модерниот свет. Тие ќе помогнат и во делот на иновациите. Луѓето мора да имаат визија, идеи, а секако и да јадат, да спијат, да пијат, да бидат среќни.
Веројатно не постои некоја формула, но како најдобро да се состават тие лего-коцки меѓу индустријата, иновациите, образованието, институциите, факултетите?
– Како и во секоја сфера во вашиот живот, ако имате визија, цел, нешто за што вреди да се живее, тогаш сето тоа треба да се комбинира, тие да не се во спротивност, туку да си помагаат. Но, секако, треба да се одредат приоритетите, она што сакате да го постигнете. Ние сакаме мир, нашите деца и внуци да живеат во мир и хармонија со соседите. Во моментов немаме партнер на другата страна, но мора да се работи на тоа.
Каква порака им испративте на Вашите домаќини?
– Сметам дека ИНОВА работи извонредно и работи многу брзо. Вие сте млада држава и правите многу чекори во една година за кои нам ни требаа десет. Имате голема мотивација и ќе ви помогнеме. Исто така и ние учиме од вас како некои работи да одат побрзо и на професионален начин. Вие сте на вистинскиот пат.
Имате ли порака до нашиот народ?
– Го сакам македонскиот народ. Македонија го помага Израел во повеќе сфери, и ние сакаме да ви помогнеме и сакаме соработката да ја направиме да биде заедничка.
Особено е важно на младите мозоци во Македонија да им се укаже дека ни требаат овде.
– Затоа ги поддржуваме младите, на пример направивме трилатерална програма со Грција и Кипар во областа на кибернетската заштита. Ги поддржуваме универзитетите во Израел да остваруваат соработката со други универзитети и тоа ќе се случи наредниот месец, кога ректорите на македонските универзитети ќе се сретнат со израелските колеги.































