Техно

Познат типстер од кинеската социјална мрежа Веибо откри нови интересни детали за претстојниот телефон на преклопување „хуавеи мејт Х3“.
Овој модел ќе се појави на пазарот пред серијата „П60“, што значи дека ќе стане првиот од претстојните предводници на „Хуавеи“ што се очекуваат.
„Мејт Х3“ ќе ја поддржува следната генерација на сателитска комуникација што ќе им овозможи на своите корисници бесплатно да испраќаат и примаат кратки пораки преку директна сателитска мрежа. Ќе поддржува и гласовни пораки, што е подобрување во однос на првите имплементации на оваа функција. Актуелниот „мејт 50“ дозволува само испраќање текстуални пораки и нивно примање.
Можноста за испраќање и примање пораки ќе биде многу корисна во ситуации без мрежна покриеност, но се очекува да се користи и во секојдневниот живот. Сепак, фокусот е на ситуации каде што оваа функција може да спаси човечки животи.