ОСУМГОДИШНА ПИЈАНИСТКА ОД ПРИЛЕП НИЖЕ УСПЕСИ

Хана Петреска е млад виртуоз на пијано од Прилеп што не знае за втора награда, туку само за први места на разни локални, републички и меѓународни натпревари. Таа е ученичка во трето одделение во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, во класата на проф. Христина Никоска Тасеска.
Иако е дете на осумгодишна возраст, има постигнато видни резултати. Со пијаното се дружи само две-три години, но сепак одлично го владее. Во штотуку завршената учебна 2022/2023 учествуваше на пет меѓународни натпревари и еден државен. Со специјална награда и освоени максимум бодови (100) се врати од меѓународните натпревари во Врање и во Смедерево, Србија, „Арт-ин“ во Кавадарци и од Државниот натпревар во Битола, каде што беше апсолутна победничка во нејзината категорија. Исто така се закити со прва награда и на меѓународниот натпревар во Загреб, каде што е добитничка на мастерклас кај еминентниот професор Ненад Кацар од Хрватска.
Хана не е успешна само во соло-изведба. Оваа година со својата врсничка Софија Ташкоска ги освоија срцата на жирито на сите натпревари каде што се појавија. За ова четирирачно дуо се доделени две први награди на меѓународно ниво, во Кавадарци и во Смедерево.

Секојдневието на оваа млада пијанистка е вежбање на пијаното по два часа. Музиката ја сака од најмала возраст и често е активна или пасивна учесничка на класични концерти. Најголем стимул и мотив за вежбање добива од нејзината менторка.
Нејзината професорка Христина Никоска Тасеска вели дека Хана сака да свири виртуозни пиеси и дека е задоволство да се работи со неа.

Ка.М.