Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (18)

Прашањето за посебноста и историскиот континуитет на македонскиот народ неретко било предмет на политички мотивирани оспорувања од страна на соседните балкански историографии. Честиот селективен пристап кон минатото и тврдењата дека македонскиот идентитет е современ политички конструкт наметнат по Втората светска војна се соочуваат со сериозен демант кога ќе се согледаат независните извори. Иако сложените историски околности, образовните притисоци и црковната пропаганда во минатото влијаеле дел од населението привремено да се идентификува под туѓи имиња, голем број релевантни странски автори, патописци и дипломати јасно ги диференцирале Македонците како посебен етнонационален ентитет на Балканот.
Интересот на западноевропските набљудувачи за етничката слика на Македонија датира со векови. Официјалните белешки на венецијанските воени лица уште во XV век, како и записите на подоцнежните патописци, јасно повлекуваат линија на разграничување меѓу македонското население и неговите соседи, лоцирајќи го неговото присуство во клучните градски и рурални центри во регионот. Овие рани набљудувања укажуваат на фактот дека Словените во Македонија уште тогаш функционирале како засебна целина во рамките на Отоманската Империја.
Во почетокот на XIX век, со интензивирањето на дипломатските и научните мисии, британските и француските истражувачи, меѓу кои и познати воени аналитичари, археолози и конзули, подетално го документираат лингвистичкиот и културниот карактер на регионот. Нивните анализи за градовите како Воден, Костур и Лерин сведочат за доминацијата на словенскиот јазик, кој бил толку длабоко закоренет што дури и претставниците на туѓите верски институции биле принудени да го научат за да остварат комуникација со локалното население.

ДЕ ЛА ТРОКИЕР И АНЃИОЛЕЛО

Извесниот европски патешественик Де ла Трокиер уште во 14 век зборува за Македонци како за главно население на Македонија и реско ги разликува од Грците, Бугарите и од Србите. Исто така и венецијанскиот офицер од морнарицата, Анѓиолело, кој по силата на околностите патувал низ Македонија во правец на Цариград, ги разликува Македонците од Грците. Анѓиолело пишува: „Заминувајќи од Солун на 12 август 1470 година, Големиот господар застана на една планина наречена Богдана. На другиот ден се стационира во близина на еден град, наречен Серес. На 14-ти од месецот застана во близина на Света Гора, планина на која се наоѓаат многу манастири и христијански калуѓери, од кои некои се Грци, а некои Македонци, или Власи…
На 16 август Големиот господар застана на една рамнина во близина на реката наречена Црна Вода, а потоа на другиот ден се стационира близу една тврдина во близина на реката наречена Струма, од пост наречена Борун, сместена во близина на морскиот Залив. Тука живеат Грци и Македонци. На 20 август замина од Ѓумулџина и преноќуваше на билото на една планина наречена Дерио. Тука има две поголеми градчиња населени од Македонци…“

ВИЛИЈАМ МАРТИН ЛИК

Британскиот политички и воен работник, археологот и филолог Вилијам Мартин Лик (William Martin Leake), кој во времето на Наполеоновите војни ја прошетал и цела Македонија, во својот труд „Lord Howich“, Солун, јануари 1807, меѓу другото, осврнувајќи се на населението на Меглен и Воден вели дека „словенските христијани во градот Воден го игнорирале сосема грчкиот јазик…“ Описите на Лик му послужиле и како најверодостојна информација на самиот Бајрон, кој во песната „Чајлд Харолд“ ги спомнува Македонците, и тоа со нивното вистинско име: „Македонец со појас, крвав, сиот блед крај делија што држи јатаган…“

ФОН КНАПИЧ

Кога сме при разните странски статистички податоци за Македонија, да го споменеме и австрискиот конзул во Солун, Фон Кнапич, кој во својот извештај од 1874 година (во „Македонски преглед“, Софија 1925 год. г. I, свеска 5-6 стр. 108, 109, 110), кој се однесува на населението од Солунскиот вилает, пишува:
„Во солунскиот Санџак грчко население има исклучиво во казите на Касандра и Ајонарос – стариот Халкидиски Полуостров, а потоа на спротивниот крај на Полуостровот, односно на западниот брег од Солунскиот Залив. А наспроти тоа, населението од казите: Дојранска, Авретхисарска, Струмичка, Воденска, Ениџе-Вардарска, е исклучиво словенско. Помешано е населението во двете кази – Караферија и Науста, каде грчкиот јазик како и воопшто во поглавните градови е повеќе во употреба“.

КУЗИНЕРИ

Францускиот конзул во Солун, Кузинери, кој тука престојувал кон крајот на XVIII век, за народносниот карактер на Воденско, вели: „Воденската епархија на запад од Солун целата е населена од Словени. Еве зошто сите митрополити, кои доаѓаат во Воден, иако Грци по народност, се принудени да го научат словенскиот јазик. Нивната епархија се состои од повеќе од сто села, чии жители зборуваат само на својот мајчин јазик. Затоа митрополитот, ако не го научи нивниот јазик, би бил примен со помалку почести и неговите приходи би биле многу понезначителни…“

ЛАВ ТОЛСТОЈ

„Малку е срамно, но, должен сум да ви признаам дека имам доста заматени претстави за вашата татковина. Знам само оти се наоѓа во Архипелагот, оти ја владеат Турците и оти животот на христијаните е длабоко несреќен…“ (Од разговорот на Димитар Ризов, публицист и дипломат со големиот руски писател Лав Толстој, кого го наговарал да се заземе пред европското јавно мнение за Македонија).

КАЗИМЕТ

„Јас познавам две историски светски трагедии – ирската и македонската. Тоа се две окрвавени огништа, два измачени народи“, истакнал Казимет, ирски родољуб и револуционер, обесен од англиските колонијални власти поради неговата дејност за национално ослободување на ирскиот народ).
Паралелно со етнографските истражувања, македонското прашање со текот на времето добива и силна политичка димензија на меѓународната сцена. Големите умови на европската литература и општествена мисла ја препознаваат трагедијата на овој народ, често споредувајќи ја неговата судбина со онаа на другите поробени нации што се бореле за слобода под колонијалните империи. Прогресивните мислители, особено оние со македонски корени што дејствувале во западните центри, уште тогаш јасно ја промовирале идејата дека единственото праведно решение за регионот е признавањето на автономијата и суверената независност на Македонија.
Прегледот на независната странска документација јасно покажува дека македонскиот национален идентитет не е вештачки декрет од поновата историја, туку историски континуитет. Иако патот до неговото официјално меѓународно етаблирање бил исполнет со притисоци, фалсификати и занемарувања, сведоштвата на објективните набљудувачи остануваат траен паметник за посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и за неговата земја.
Цитатите се преземени од изданието „Странците за Македонија и Македонците“ од Христо Андоновски, книга објавена во 1978 година. Во истата книга, авторот нагласил: „Повеќе странски автори уште во минатиот и почетокот на овој век, а некои дури и многу поодамна, јасно ги одделуваат Македонците од нивните соседи – Бугарите, Србите, Грците и Албанците и за нив го употребуваат името Македонски Словени, Македонослави, или накратко Македонци, означувајќи ја со тоа име нивната посебна национална припадност. Повод за овој мал труд е честото навраќање на оваа тема на некои грчки или бугарски историчари и публицисти, кои во обидот за да го побијат постоењето на македонската нација, се служат со ’аргументот’ дека ’во минатото никогаш не се споменувале Македонците како одделен народ, и според тоа, македонската нација била производ на политички декрет, донесен во текот на Втората светска војна од раководството на КПЈ‘. Ние ни најмалку не се обидуваме да го скриеме фактот дека во минатото ги наречувале или самите се наречувале себеси некои од нашите предци со името Бугарин, Србин или Грк, што доаѓало како резултат на незнаење и заблуда, или тоа име им се наметнало преку училиштата и црквата, а неретко и преку притисок. Не малку странски помалку или повеќе познати личности, во минатото дошле тука на Балканот на покана од едната или другата заинтересирана страна и по порачка напишале книги со смелоста на ’очевидци’ и со претензиите на ’добри познавачи’ на македонското прашање. И вистина е дека многу од нив подлегнале на искушението на соблазнителните банкети и царските награди, на лукавите љубезности на разузнавачите, на чии интереси требало да послужи добро подготвената покана и тоа што требало да произлезе од неа. И малкумина и ретки беа оние автори кои се најдоа во Македонија и по силата на еден внатрешен нагон и на гласот на својата сопствена совест за откривање на самата вистина, пред сѐ, во полза на самите измачени Македонци и на мирот на Балканот и Европа, несебично и непристрасно се нагрбиле со комплицираната задача – да го осветлат во рамките на сопствените сили и можности македонското прашање“.

м-р Никола Ристевски