Причината за високите јануарски сметки енергетичарите ја гледаат во редовното годишно усогласување на годишната потрошувачка на секое домаќинство, но и поради „неправилното“ утврдување на месечната потрошувачка во текот на годината поради паушално читање. Од ЕВН, пак, нагласуваат дека никогаш нема да наплатат повеќе од она што корисникот го има реално потрошено

Деновиве, многумина наши сограѓани реагираат на високите сметки за електрична енергија, кои, според нив, се далеку над рамките на предвиденото поскапување на струјата од 9,48 отсто. Тие велат дека новите повисоки износи во јануарските сметки предизвикале вистински струен удар на семејниот буџет.
Најголеми забелешки се упатени на тоа како се направени пресметките за потрошената струја во најстудениот месец во годината, кога по обичај е најголема и потрошувачката. Граѓаните и енергетичарите причината за високите јануарски сметки ја гледаат во редовното годишно усогласување на годишната потрошувачка на секое домаќинство, но и поради „неправилното“ утврдување на месечната потрошувачка во текот на годината.
– Граѓаните не се доволно упатени во читањето на струјомерите, па да можат сами да ја пријавуваат реалната потрошувачка секој месец. Тука има разни тарифи и лесно може да погрешат и самите граѓани. За да им се издадат реални сметки, ЕВН требаше во рок од два до три дена пред поскапувањето да ги прочита сите струјомери наеднаш. Но не знам колку во тоа успеале, зашто за мене пресметковниот период е од 20-ти во месецот до следниот 15-ти. Кај мене јануарската сметка е коректно пресметана и имам повисок износ за 400 денари. Значи, деновите пред поскапувањето се по старата тарифа, а од први јануари по новата цена на електричната енергија. Но не знам дали тоа е направено и за сите други потрошувачи и можеби има префрлање на потрошените киловати по новата цена – вели наш сограѓанин.
Енергетичарите со кои контактиравме велат дека можноста за паушално определување на месечното потрошувачка на струја дава простор за пресметување нереална потрошувачка токму во периодот пред поскапувањето. Регулаторната комисија за енергетика не треба да дозволи дистрибутерот на електрична енергија, во случајот ЕВН, да пресметува паушални сметки, а читањето на струјомерите треба да се прави секој месец, како што прават од другите комунални претпријатија, коментираат експертите по енергетика.

– Реакциите доаѓаат најверојатно од ненавременото читање на состојбата за потрошена електрична енергија пред периодот на поскапувањето. Проблемот произлегува оттаму што дистрибутерот издејствувал донесување законско решение за обврската еднаш годишно да ги чита струјомерите. Во другите месеци можат да ја одредуваат потрошувачката паушално, според некоја претходна просечна потрошувачка во едно домаќинство. Второ, за потрошувачите не е поволно тоа што сметките за струја им се определуваат во различни „отчетни“ периоди во тековниот месец. На пример, мене ми се дава сметка за потрошена електрична енергија во период од 20-от ден во тековниот месец до 15-от ден следниот месец. Сметам дека граѓаните ќе имаат подобар увид ако сметките се прават од први до први секој месец – вели нашиот соговорник.
Професорот за енергетика Константин Димитров од МАЦЕВ вели дека поскапувањето на електричната енергија беше неминовно, а со тоа и реакциите на граѓаните за високите сметки за електрична енергија.

– На почетокот на секоја година ја имаме истата слика, затоа што дистрибутерот прави годишни усогласувања за потрошените киловати од домаќинствата. Тоа е поради можноста за паушално одредување на месечната потрошувачка. Секој инкасатор од сопствени убедувања прави пресметка за потрошената струја, а прашање е дали и воопшто се читаат броилата пред поскапувањата. Годинава граѓаните се соочија и со повисока цена, така што на сметките се јавуваа двојни разлики во цената што ја плаќаат за испорачаната енергија во јануари. Регулаторната комисија овде не може многу да направи, затоа што не може да исконтролира со која динамика се читаат броилата и дали тоа е направено едновремено пред да важат новите цени – ни изјави Димитров.
Сметките за електрична енергија во зимскиот период вообичаено се повисоки од другите месеци, со оглед на тоа што, за жал, повеќето граѓани немаат друга опција за греење. Дополнително, според ЕВН, во Скопскиот Регион е регистрирана зголемена потрошувачка на електрична енергија поради догревање во деловите што се снабдуваат со топлинска енергија, а според корисниците имаат одреден проблем во снабдувањето и поладни радијатори од вообичаено.

– Во некои од реакциите на граѓаните се утврди дека во најголемиот дел се работи за точно потрошени киловат-часови колку што се во сметката, а во некои случаи стануваше збор за проценета вредност поради непрочитано броило или порамнување од претходно непрочитан период. И покрај тоа што со Законот за енергетика, мрежните правила и правилата за снабдување е пропишано отчитувањето на броилата да се извршува еднаш годишно, екипите на „Електродистрибуција“го прават тоа секој месец. Може броилото да не се отчитува поради различни причини: корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешки временски услови, боледувања, изолации поради коронавирусот итн. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено – велат од компанијата.
Доколку поради горенаведените причини не било можно отчитување на броилото, со наредното отчитување ќе се порамни потрошувачката во зависност од тоа дали корисникот потрошил повеќе или помалку од последната претпоставена фактура. М.Ј.