Фото: Маја Јаневска-Илиева

Научниците укажуваат дека со зголемувањето на бројот на населението ќе се зголеми недостигот од храна, а особено ќе бидат зголемени потребите од протеини. Веќе има дебати и низ Европа околу можностите за дозволување нови типови храна, па дури и инсекти, во секојдневната исхрана на населението. Какви се состојбите во Македонија, како претежно земјоделска земја, и кон што треба да се насочиме во иднина

НЕДОСТИГОТ ОД ХРАНА КЛУЧЕН ПРЕДИЗВИК

Светските експерти укажуваат дека со растот на бројноста на населението на Земјата, која се очекува до 2050 година да достигне девет милијарди, ќе се зголеми недостигот од храна, а особено ќе бидат зголемени потребите од протеини. Медиумите веќе пишуваат за обидите на научниците да најдат алтернативи во исхраната што ќе им овозможат поголем пристап на луѓето до протеинска храна.
Деновиве српски „Спутник“ го пренесе ставот на руски научник, професор на институтот „Сколтех“, кој потенцира дека недостигот од протеини е проблем на иднината на кој работат научниците. Се истакнува дека научниците се обидуваат да добијат протеинска храна врз основа на инсекти или со зголемување на продуктивноста на растенијата.
– До 2050 година, човештвото ќе мора да го удвои производството на протеини.
Според прогнозите, бројот на луѓе ќе достигне девет милијарди до 2050 година, што значи дека ќе бидат потребни повеќе протеини за храна – вели Лоран Генцбитељ.
Тој посочува дека во Европа традиционално луѓето јадат пченица и леќа, додека во другите региони, како Јужна Азија или Африка, луѓето најмногу јадат ориз и наут, кои се главен извор на протеини во тие региони.
Домашните земјоделски експерти сметаат дека Македонија засега нема недостиг од протеинска храна, но укажуваат дека може да се соочиме со истиот проблем, но и воопшто со недостиг од храна, бидејќи сѐ повеќе се намалуваат обработливите земјоделски површини.

– Точно е дека во светот веќе се разгледуваат и се бараат алтернативни решенија и извори на протеинска храна. Одамна веќе народите од источните земји користат разни инсекти или, пак, морски алги со кои го дополнуваат внесувањето протеини во организмот. Веќе има дебати и низ Европа околу можностите за дозволување нови типови храна, па дури и инсекти, во секојдневната исхрана на жителите, во насока на дополнување на потребите од протеини, но сѐ уште не е овозможена. Сметам дека кај нас нема да имаме проблем со протеинската храна, има повеќе извори и засега имаме производство на разни продукти од кои се добиваат протеините. Но на долг рок сериозен проблем што би можел да се појави кај нас е намалувањето на домашното производство и на обработливата земјоделска површина.Со намалувањето на земјоделското земјиште, кое често се претвора во градежно, или пак сега во голема мера се прават сончеви централи на такво земјиште, се намалуваат обработливите површини и можностите за производство на храна – објаснува професорот во пензија Илија Каров од Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Каров истакнува дека Македонија има предиспозиции за производство на различни типови храна, но мора да се направи долгорочен концепт за искористување на земјоделските предности, но и стратегија што ќе даде насоки како ќе се развива земјоделството во земјава, во која ќе бидат вклучени и влијанијата на климатските промени.
– Со една долгорочна стратегија треба да се дадат насоки како Македонија да го заштити своето производство, но и да се предложат сорти на семиња што се отпорни на суша и кои ќе може да произведуваат доволно храна и во сушни региони. Ние сме мали производители, но битно е да имаме домашно производство за да ги задоволуваме домашните потреби. Дополнително, со модернизација на производството можеме да го зголемиме производството, но ни недостига поврзаност со големите извозници, или земји што увезуваат храна за да ги пласираме таму нашите продукти. Имавме извоз на ориз на пример кон Русија, но тој веќе е намален и, наместо во Русија, сега извезуваме во Србија. Но треба да целиме кон такви пазари, каде што ќе може да продаваме поголеми количества и да произведуваме поголеми количества. Што се однесува до потребата од протеини, можноста да препознаеме и да реагираме со поголемо производство повторно зависи и од можноста да пронајдеме пазар што ќе го задржиме. За жал, ние не ги задржуваме пазарите на долг рок, и на овој проблем треба посветено да се работи, оти има големи потенцијали во производството на храна. Затоа велам дека ни требаат долгорочни планови и стратегии за развој на земјоделството, за заштита на обработливото земјоделско земјиште на кое ќе произведуваме храна за нас и за извоз – потенцира Каров.
Според Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агрофаланга“, во светот не е проблем доволното производство на квалитетна храна, туку бескрупулозната конкуренција на вештачката и неквалитетна храна.

– Во Македонија постојано се жалиме дека површините под земјоделски култури упорно се намалуваат и дека се зголемува увозот, а со тоа се доведуваат во прашање и нашата стратегиска стабилност и опстанок. Тие површини да се искористат плански, населението во оваа земја би се хранело уште двесте години. Згора на тоа, со ширењето на белата чума (намалување на наталитетот), тоа ќе се продолжи на уште некој век плус, а тука е и главниот проблем со овие студии и анализи. Тие покажуваат тенденција на заменување на вистинската здрава храна, која го подобрува вашето здравје, и ги намалува вашите трошоци за медикаменти и престој во медицински установи, со храна што е крајно вештачка и создадена во лабораториите на развиените и богати држави. Експериментите и нивните профитери со „обезмастена храна“ и „палмината маст“, кои се покажуваат како крајно штетни за секој нормален организам, нема кој да ги казни – укажува Станковски.
Тој вели дека поради нелојалната конкуренција на евтината и вештачка храна, големи обработливи површини на земјата ќе се напуштат и со тоа поборниците ќе нѐ убедат дека е потребно да се храниме со вештачки протеини, изработени во лабораторија и, се разбира, тоа ќе се произведува во индустриските капацитети на развиените богати држави.

– Што е потребно да се преземе? Многупати сум нагласил дека во нашата држава нема стратегија ниту квалитетна анализа за состојбите со храната во светски рамки. Но, сепак, ќе кажам дека е потребно да се свртиме кон нашето производство, без разлика колку е поскапо од увозното. Со тоа ќе се постигне негово одржување и развој, а во исто време ќе го заштити населението од несакани катастрофи, како војни, вируси или енормен недостиг од храна на пазарот. Нашите земјоделски површини можат да обезбедат доволно храна за оваа Македонија уште многу векови, само со правилна и добро скроена стратегија, која ќе се базира на нашите интереси, со цел нашето население да се заштити од евентуални кризи – посочува Станковски.
Неодамнешно истражување на светскиот институт „Мекинси“ открива дека биолошките иновации во земјоделството и производството на храна може да дадат економски принос до 1,2 илјада долари во следните две децении. Најветувачките иновации вклучуваат алтернативни протеини, одгледување со помош на селекција, генетички инженеринг на одгледување растенија и животни, како и мапирање и измена на микробиомите. Интересот на потрошувачите за алтернативни извори на протеини се зголемува на светско ниво поради загриженоста за здравјето, животната средина и благосостојбата на животинскиот свет. Замената за месо од растително потекло веќе е широко пласирана на пазарот. Млекото од растително потекло опфаќа 15 отсто од вкупната продажба на млеко во САД и осум отсто во Велика Британија. Исто така на повидок се култивирано месо и морска храна, при што мускулното ткиво одгледувано од клетки во лабораторија е направено за да го имитира протеинскиот профил на животинското месо.

Автори:Петранка Огнаноска Катерина Михајлова