Европската Унија планира да собере 140 милијарди евра со воведување неочекуван данок на вишок приходи за евтините производители на електрична енергија и да ги натера фирмите за фосилни горива да ја делат својата огромна заработка.
Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија, во годишното обраќање пред Европската Унија (ЕУ), порача дека „во овие времиња не е во ред да се остварува рекорден профит од конфликтот и на грбот на потрошувачите“. Таа предложи задолжителен праг од 180 евра за мегават-час за компаниите што произведуваат евтина енергија без гас, како што се нуклеарните и обновливите извори на енергија. Сепак, земјите-членки од ЕУ ќе можат слободно да постават пониски прагови.
ЕУ исто така бара даноци за „придонес за кризи“ од „големите компании за нафта, гас и јаглен што исто така остваруваат огромни профити“ – рече Фон дер Лејен.
Таа истакна дека таквите плаќања и неочекуваниот данок ќе бидат „итни и привремени мерки“, а блокот треба да ја намали побарувачката на електрична енергија, да ги намали цените на бензинот и да обезбеди сигурност во снабдувањето. Предлозите бараат одобрение од земјите-членки. Министрите за енергетика ќе разговараат за планот на 30 септември.
- Европската комисија: Погрешно е да се остварува висока заработка како резултат на конфликтот и на грбот на потрошувачите, смета Урсула фон дер Лејен.
- Задолжителна граница: 180 евра по мегават-час за компаниите што произведуваат евтина енергија, како нуклеарна и обновлива.
- Кризен придонес: Водечките компании за производство на нафта, гас и јаглен ќе треба да ги споделуваат своите високи приходи. Итно воведениот данок ќе биде привремена мерка.
- Германија: 15 милијарди евра помош за увозникот на гас „Унипер“, кој се соочи со проблеми. Пакетот од 65 милијарди евра вклучува итен данок, зголемување на бенефициите и субвенции за јавен превоз.
- Франција: Ограничување на поскапувањето на цените на енергијата и гасот за 15% за домаќинствата следната година. Ограничувањето ќе чини 16 милијарди евра. Грантови во висина од 200 евра за 12 милиони најсиромашни домаќинства.
- Данска: Пакет од 3,1 милијарди дански круни (417 милиони евра) плус 4% ограничување на годишното поскапување на киријата за следните две години.
- Шпанија: Намалување на ДДВ на гасот до 5 од 21%. ДДВ на струјата беше двапати намалуван во текот на минатата година. Владата прераспредели 850 милиони евра за поддршка на индустриите што трошат повеќе гас и струја.
- В. Британија: 150 млд. фунти (173 млд. евра) за ограничување на годишните енергетски сметки на потрошувачите на 2.500 фунти (2.878 евра) на две години. Помош за деловниот сектор за да може да ги плати сметките за гориво во октомври.
Подготвил: Mарјан Велевски