Фото: Игор Бансколиев

Градењето непрофесионални спреги помеѓу обвинители, судии и адвокати и недозволивото инволвирање на судската администрација во процесот се проблеми што надлежните конечно ги препознаа како системски, по што најавуваат потемелно следење на работата на секој поединец во судството

СУДСКИОТ СОВЕТ ГИ ИЗВАДИ НА ПОВРШИНА СИТЕ СЛАБОСТИ НА ПРАВОСУДСТВОТО

Случаите во кои во истиот предмет биле осомничени, обвинети, а потоа и осудени судии, адвокати и обвинители, иако ретки, не ѝ се непознати на македонската јавност, но надлежните дури сега го детектираа проблемот како системски и, со „Програма и акционен план за превенција и следење на корупцијата во судството 2022 – 2025“, се обврзаа дека, меѓу другото, ќе работат и на елиминирање на оваа недозволива спрега помеѓу различни актери во правосудството.
Имено, во посочениот документ што неодамна го објави Судскиот совет, како еден од главните фактори на ризик од корупцијата во правосудството беше посочено дека „градењето непрофесионални спреги помеѓу обвинители, судии и адвокати негативно влијае на судските процеси“. Погоре од овој бил само веќе утврдениот проблем во процесот на електронска распределба на судските предмети, кој наместо да обезбеди објективност на процесите, им овозможувал на раководните лица субјективно да ги распределуваат предметите.

Програмата содржи конкретни примери на корупција

Во „Програма и акционен план за превенција и следење на корупцијата во судството 2022 – 2025“ се наведени и конкретни примери на директна корупција.
– Судии што се во блиски односи со адвокати и свесно се доведуваат во состојба да го користат блиското пријателство за да остават впечаток кај странките дека тие имаат врски што можат да им помогнат и да добијат спорови во своја корист. Адвокатите пообемно наплаќаат за оваа поврзаност со судијата при што парите се делат помеѓу адвокатот и судијата или на судијата му се исплаќа некаков надомест за одмор, скапи поклони и слично – се вели во програмата во која се наведени и обратни примери, каде што адвокати ги користат судиите за поголема заработка.
– Во ваквите случаи странката е убедена дека адвокатот ги зема парите по барање на судијата зa да му ги даде, иако тие всушност завршуваат кај адвокатот, а судијата воопшто не ни знае дека неговото име и авторитет се искористени за вакви ниски цели. Крајниот резултат е недоверба во судството и огромна убеденост дека судијата е корумпиран и дека само со пари се завршува предмет во своја корист, иако можеби во тој предмет не ни можело да се донесе поинаква одлука – се додава во текстот.
Во сето тоа и обвинителите имале своја улога.
– Јавните обвинители, навидум исполнувајќи ја својата обврска, свесно поднесуваат обвиненија, за кои гледано од стручна страна, нема можност да се донесат осудителни пресуди – се потенцира во документот.
Но некои од актерите во правосудството, сепак, не ги прифаќаат целосно овие наоди. Актуелниот главен државен обвинител и кандидат за уставен судија Љубомир Јовески смета дека тие се предимензионирани.
– Презентираната анализа на факторите на ризик од корупција детектира дел од можните критични точки за директни коруптивни влијанија во постапувањето на одредени јавни обвинители, односно во креирањето таканаречени спреги на влијание меѓу судии, јавни обвинители и адвокати. Без намера некого да заштитувам, сепак, ваквите ризици не би ги сместил во групата на институционални или организациски. Ова не е тренд или однесување што Јавното обвинителство, а верувам и другите институции од правосудниот сектор го поддржуваат. Повеќе сметам дека станува збор за лична или индивидуална слабост на одредени поединци. Како правосудни институции ние имаме обврска ваквите индивидуални појави да ги идентификуваме и да ги изолираме, да не дозволиме тие да ни ги уриваат угледот и довербата на јавноста – изјави Јовески.

Сите засегнати страни во правосудството се свесни и ги признаваат системските слабости

Што се однесува до одговорноста за наведените злоупотреби за кои речиси сите релевантни фактори се согласни дека постојат, при што разликите се само во оцените во однос на нивниот обем, министерот за правда Никола Тупанчески, пред извесно време, објасни дека преку низа законски решенија се обезбедени формални гаранции за судската независност во смисла на: траен мандат, формирање на Судскиот совет, посебен судски буџет, соодветно уредена дисциплинска постапка и основи за нејзино поведување, доволно широк опсег на оценување и санкции… Во неодамна објавениот Акционен план, пак, е најавено дека ќе се оди и чекор понатаму.
– Потребно е потемелно следење на работата на секој поединец: член на Советот, вработен во Советот, судија и вработен во судовите, редовно реагирање на детектираните слабости и процесирање на случаите што укажуваат на коруптивни дејства. Посебно претседателите на судовите, каде што изостанува реaкција, иако е законска обврска, да покажат јасна определба и видлива активност во врска со нетолеранцијата и несоодветното однесување, можните случаи на корупција и судир на интереси – се вели во планот.
Освен тоа, најавено е и редовно и ажурно постапување по поднесени претставки и барања за утврдување одговорност, следење на почитувањето на законските прописи и кодексите за етичко однесување, следење на резултатите преку доставени квартални и годишни извештаи за работа, редовно известување за секој случај на какво било влијание, притисок, судир на интереси… Д.М.М.


Проблематични се и јавните набавки и вработувањата

Покрај ризикот од корупција што е поврзан со основната дејност, во секторот на судството значајни се и ризиците од корупција во хоризонталните области какви што се јавните набавки и вработувањата.
– Во однос на хоризонталните области мора да се напомене дека ризиците од корупцијата се однесуваат на различни актери во процесите на јавни набавки (раководни лица и јавни службеници задолжени за јавни набавки) и на вработувања во судовите (судии и судски службеници) – пишува во текстот.


И судската администрација фактор во пресудувањето

Кога станува збор за судската администрација, во програмата се констатира дека коруптивните односи функционираат на ист начин како и погореспоменатите.
– Припадниците на судската администрација, кои се претставуваат како фактор во пресудувањето и блиски со одделни судии, за награда за која странката смета дека му се дава на судијата, ветуваат дека ќе се залагаат за решавање на спорот во корист на странката. Има и такви што за ситна награда во пари, храна или мал подарок, влијаат одделни права странките да можат побргу да се остварат, други да не можат да се остварат, некои одлуки иако правосилни да не се извршат, да застарат итн. – се вели во програмата.