Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нови правила за идното проширување на ЕУ

  • Заштитните клаузули треба да спречат враќање назад по членството, но постепената интеграција може да им донесе на кандидатите дел од придобивките и пред полноправното членство

Европската Унија сака да влезе во новото проширување со поинакви правила од оние што важеа во претходните бранови на проширување. Европската комисија предлага идните договори за пристапување да содржат посилни заштитни механизми со кои Брисел би можел да реагира доколку нова членка по влезот во Унијата почне да отстапува од преземените обврски.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги опиша овие механизми како своевидна „полиса за осигурување“. Според неа, земјите што ќе станат членки мора да ги задржат високите стандарди на владеење на правото, демократијата и фундаменталните вредности и по приемот во Унијата.
Во најтешките случаи, новите правила би можеле да овозможат суспендирање или ограничување на финансиската поддршка, а во крајна линија и ограничување на правото на глас во Советот на ЕУ. Комисијата предлага ваквите механизми да можат да се применуваат подолг период по пристапувањето, особено во чувствителните области како економијата, внатрешниот пазар, правосудството и внатрешните работи.

Што е новото „осигурување“

На прв поглед, станува збор за правила што се однесуваат на земји што допрва ќе станат членки. Но за земјите кандидати, меѓу кои и Македонија, тие отвораат многу пошироко прашање околу тоа каква ќе биде самата природа на идното членство.
Брисел практично сака да се осигури дека реформите направени пред пристапувањето нема да бидат поништени откако земјата ќе стане дел од Унијата. Тоа е важна промена во логиката на проширувањето, според која, условите повеќе не би биле само билет за влез туку обврска што продолжува да важи и по влезот.
Набљудувано од македонска перспектива, ова има и позитивна и потенцијално неповолна страна.
Позитивната е што правилата однапред би биле појасни. Ако една земја ги исполни условите, знае дека истите стандарди ќе продолжат да важат и по членството. Тоа може да биде своевидна гаранција дека политичките промени во една земја нема лесно да ги поништат институционалните реформи.
Но другата страна е што идното членство би носело и нов тип условеност. Земјата не би завршила со условите на денот на приемот. Дел од механизмите би можеле да останат активни и по влезот, што значи дека финансиските средства и, во најтешките случаи, одредени институционални права би можеле да бидат предмет на европски мерки.

Македонија би можела да профитира и пред членството

Уште поважен дел од предлогот на Европската комисија за Македонија е постепената интеграција.
Брисел предлага кандидатите што ги исполнуваат условите да можат да учествуваат во одредени политики и делови од европскиот систем уште пред формалното членство. Комисијата посочува области како енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната, а идејата е кандидатите постепено да ги почувствуваат придобивките од поблиската интеграција.
За Македонија ова може да биде значајна можност.
Ако земјата исполнува конкретни услови, пристапот до одредени европски политики, програми и делови од единствениот пазар би можел да донесе практични ефекти и пред формалното членство. Комисијата веќе го користи принципот на постепена интеграција, а како примери наведува области како енергетиката, одбраната, финансиските услуги, СЕПА и роамингот.
Тоа значи дека европската интеграција постепено може да престане да биде само политичко ветување за иднината и да стане процес во кој граѓаните и компаниите добиваат конкретни придобивки уште додека земјата е кандидат.
Македонија веќе има искуство со ваков пристап преку Планот за раст за Западен Балкан. Европската комисија во јули соопшти дека земјата дотогаш добила 142,1 милиони евра преку механизмот за реформи и раст, по исполнување дел од преземените реформи.
Оттука, постепената интеграција може да биде важен инструмент за Македонија, па наместо да се чека последниот ден од долгогодишниот пристапен процес, дел од економските, институционалните и инфраструктурните придобивки би можеле да се почувствуваат порано.

Но што би можела да загуби?

Сепак, не треба да се занемари ниту дилемата што би можела земјава да загуби со ваквиот нов пристап што го обелодени Брисел.
Имено, ако постепената интеграција носи дел од придобивките пред членството, тогаш логично е да носи и услови. Комисијата јасно наведува дека учеството би било условно, засновано врз заслуги и реверзибилно. Со други зборови, она што ќе биде дадено пред членството, под одредени услови би можело и да биде повлечено.
За Македонија тоа значи дека европската интеграција би можела да стане процес со повеќе меѓуфази, но и со повеќе механизми за контрола.
Уште една важна новина се однесува на идните билатерални спорови. Комисијата предлага новите членки во ограничен период да се обврзат дека нема да го блокираат идното проширување поради билатерални спорови. Според Кос, тоа не би било директно внесено во договорот за пристапување, туку би било опфатено со политичка декларација што не мора ништо да значи.
Токму оваа идеја за македонската јавност има посебна тежина.
Македонија веќе помина низ искуство во кое билатералните односи се претворија во европска преговарачка пречка. Затоа секоја иницијатива со која Брисел се обидува однапред да спречи билатералните спорови да го блокираат идното проширување заслужува внимание.
Но, истовремено, останува прашањето дали политичката декларација навистина ќе биде доволна гаранција дека билатералните прашања нема повторно да се претворат во инструмент за блокада.

Прашањето е што ќе добие Македонија

Најважниот заклучок за Македонија е дека новиот концепт може да биде и можност и нова обврска.
Добивката би била порано и постепено вклучување во европските политики, поголем пристап до европските програми и пазари, подобра институционална подготовка и поконкретни економски ефекти пред формалното членство.
Загубата, од друга страна, би можела да биде во тоа што условеноста нема да престане со приемот, туку одредени механизми би продолжиле да функционираат и по членството.
Затоа за Македонија станува особено важно да не го гледа идното пристапување само како прашање „кога ќе станеме членка“ туку и „под кои услови ќе станеме членка и какви обврски ќе преземеме за периодот потоа“.
Европската комисија истовремено испраќа и друга порака. Унијата се подготвува за проширување, но сака и самите идни членки да бидат подготвени за членството.
За Македонија, според тоа, новата европска формула не значи само повеќе услови туку таа може да значи и повеќе можности. Се разбира, наполно ги исклучуваме од игра идентитетските условувања и уцени, туку анализираме принципиелни и рационални услови за напредок, низ диоптријата на Копенхашките критериуми.
Имено, колку порано земјата успее да ги исполни условите за постепена интеграција, толку порано може да ги користи нејзините придобивки. А колку се посигурни европските механизми против идни блокади и назадување, толку поважно ќе биде Македонија внимателно да знае што презема и какви права и обврски произлегуваат од новиот модел.
На крајот, најголемата промена можеби е токму во тоа што Брисел повеќе не го гледа проширувањето како еднократен чин на прием. Се гради модел во кој интеграцијата почнува пред членството, условите продолжуваат и по членството, а Унијата сака однапред да има инструменти за да реагира ако некоја нова членка се оддалечи од преземените стандарди.
За Македонија тоа отвора едно суштинско прашање на кое граѓаните бараат одговор, односно колку побрзо земјата ќе може да ги почувствува тие придобивки и колку внимателно треба да ги договори правилата според кои еден ден ќе стане полноправна членка.