Фото: Дарио Јанковиќ

Композиторот Роберт Билбилов вели дека успеал да направи посебна песна што одговара на возраста на Тамара и во себе носи порака дека секое дете треба да се бори за остварување на своите соништа

Тамара Грујеска за помладите веќе е добро познат вокал. Тие го знаат дванаесетгодишното надарено девојче преку настапите на детските фестивали тетовскиот „Јаболчиња“, „Златно славејче“, „Езерски бисери“ во Струга, прилепскиот „Ѕвездички“, „Шкољкице“ во Нови Сад, „Голден старс реин“ во Русија… Деновиве таа влезе во музичката работилница на хит-мејкерот Роберт Билбилов, кој за неа напиша одлична нумера наменета за тинејџерите, но и за сите оние што веруваат во љубовта.
– Емоциите кон сѐ што е околу нас ги доживува секој без оглед на возраста – вели познатиот македонски композитор.
Темата носи наслов „Имам сила“ и автор на музиката и аранжманот е Роберт Билбилов, додека текстот, кој во себе носи една убава порака, го потпишува Тања Соколовска. Песната има модерен поп-звук, со малку етноелементи и претставува убав спој на младост и квалитет.

– Текстот е сериозен и има смисла и поента, а во себе носи една убава порака. Срцата на децата се чисти и тие заслужуваат да сонуваат за својата иднина, токму таква е и пораката што е насочена до сите деца, но и до повозрасните бидејќи токму љубовта и емоциите се она што го доживуваме сите. Тамара покажува дека има сила да види и да биде нешто што сега го нема, но има многу нешта што ќе ги даде во иднина, со искрена верба во љубовта на сите околу неа ќе успее во светот на музиката – вели Дејан Грујески, таткото на Тамара.
Тој е презадоволен од соработката со Билбилов.

Роберт вели дека успеал да направи посебна песна што одговара на возраста на Тамара и во себе носи порака дека секое дете треба да се бори за своите соништа.
Јавноста, освен што може да ја чуе „Имам сила“, веќе може да го види и видеото за кое се погрижија Дарио Јанковиќ и неговата продукција „Генерал“. Во спотот, Јанковиќ ја прикажува Тамара во еден посебен магичен свет како од бајка. Тамара со својот посебен стил, дело на дизајнерот Златко Јованоски, е претставена како зрак на надеж и знак за вистинскиот пат на секое дете. Студиото „Бекстејџ“ од Гостивар и Среќко Ѓорѓиевски, кои секогаш се тука за Тамара, и овој пат се погрижија за нејзината коса и а комплетниот изглед.

Тамара инаку е шестоодделенка во основното училиште „Гоце Делчев“ од Гостивар, но, исто така, е и ученичка во основното музичко училиште „Енвер Стафаи“ и свири пијано. Својот глас го усовршува во музичкото училиште на Андријана Јаневска, отсек соло-пеење, каде што исполнува песни од популарни светски жанрови, а посетува и онлајн часови и курсеви кај светски познатата вокална учителка Шерил Портер од САД.

М.Т.