ВМ Звонко Станојоски

ШАХ – ТИМСКО СП 2026 ЗА ВЕТЕРАНИ

  • Во петтото коло македонскиот шампион ја совлада женската селекција на Казахстан со 3-1 и моментално е на четвртата позиција

Македонскиот машки повеќекратен шаховски првак Алкалоид ја оствари и четвртата победа на тимското Светско првенство (СП) за ветерани над 50 години, кое се одржува во Драч (Албанија), во девет кола, а се игра на четири табли со стандардно време за размислување. Во петтото коло Алкалоид ја совлада женската селекција на Казахстан со 3-1, па фармацевтите, кои пред почетокот беа рангирани шести, моментално со четири победи и еден пораз го делат 3.-4. место на табелата со селекцијата на Унгарија, но според дополнителниот критериум се четврти со осум бода (13,5 поени по табли), во конкуренција на 36 тима од 23 држави, со вкупно 171 шахист (25 ВМ, 4 ЖВМ, 16 ИМ, 4 ЖИМ, 19 ФМ и 12 ЖФМ).
На првата табла, ВМ Звонко Станојоски (рејтинг 2.362 поени) со црни фигури беше поуспешен од ЖВМ Јелена Анкудинова (1.966). На втората табла, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.359) ремизира со ЖИМ Алфија Туребајева (2.020). На третата табла ВМ Роландо Кутиров (2.256) го подели поенот со ЖФМ Ирина Буланова (1.973), додека на четвртата табла за првпат на ова СП настапи и ЖИМ Габриела Коскоска (2.002), која со црни фигури ја совлада Јелена Гаиченија (1.945). Коскоска настапи на местото на ВМ Трајко Недев (2.469), кој во ова коло паузираше на првата табла.
Во следното, шесто коло, кое се игра денеска, по вчерашниот слободен ден, Алкалоид за противник ја има селекцијата на Италија, која е рангирана четврта на ова СП. На четири кола до крајот, во водство се селекцијата на САД 1 и Италија со по девет екипни бода, но САД се први оти имаат 15 поединечни поени по табли, а Италија е 14. На СП за ветерани над 65 години, кое се одржува исто така во Драч, Македонија нема свој тимски претставник. Г.И.