Легитимно е Македонија да се грижи за сопствениот економски (и национален) интерес
Во таква, особено хипокризична реалност, која од ЕУ ѝ се наметнува на Македонија, дали е нелојално таа да ги задржи своите европски и евроатлантски амбиции, но и да бара шанса за сопствен економски развој надвор од овој блок?
Во геополитичка смисла, денес практично е толкувано како ерес државите што се определиле и имаат амбиции да бидат дел од евроатлантскиот концепт на глобално политичко дејствување и демократски вредности да размислуваат за поинакви алтернативи на политичко здружување, за кое во западниот дел од светот постојат сомневања дека се затскрива зад економската соработка. Преведено на теренот на македонската економска прагма, но и политички искушенија, како на надворешен, така и на внатрешен план, како предизвик се наметнува прашањето колку е компатибилно за Македонија да биде членка на НАТО и евентуално утре во ЕУ со членство, на пример, во БРИКС? Имено, реално ниту ЕУ ниту НАТО не гледаат со симпатии на растот и проширувањето на БРИКС, но од друга страна ЕУ не дава оптимистички сигнали дека има сериозни намери наскоро да ја прими Македонија (и другите земји од Западен Балкан), како полноправна членка и чинител во политичката, но и економската сфера на европското заедничко функционирање и живеење. Во таква особено хипокризична реалност што од ЕУ ѝ се наметнува на Македонија, дали е легитимно таа да ги задржи своите европски и евроатлантски амбиции, но и да бара шанса за сопствен економски развој надвор од овој блок?
– Пред неколку дена, мојот соименик, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јасно порача дека не може да се биде и во ЕУ и во БРИКС. Но тоа не исклучува сериозна економска соработка со земјите од овој пред сѐ економски, па геополитички, формат. Македонија мора да го бара својот економски интерес и да се пласира на тие пазари.
Иницијативата „Појас и пат“ (новиот Пат на свилата) на Кина добива значајно место и предизвикува интерес во глобалните медиуми, па и во македонските. Но некако малку се зборува за индиско-јапонската иницијатива со исто такви глобални економски претензии, која е практично конкурентска со кинеската. Паметните земји веќе користат погодности и од едната и од другата иницијатива. Актуелната посета на Индија на македонскиот министер за надворешни работи е добра шанса тој да се запознае со можностите за Македонија од оваа иницијатива. Индија својот економски развој го насочува да биде сервисен центар за светот, па Македонија би можела да се заинтересира да биде еден стратегиски јазол за Европа за ваквите економски иницијативи, како што е индиско-јапонската. Секоја земја има право да се бори за својата економска перспектива на големиот светски пазар – вели поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски. Ј.П.