ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

  • Три репрезентации од четвртфиналистите беа во третиот барабан пред извлекувањето на групите, четири се од првиот, а една од вториот барабан

Фудбалските репрезентации на Франција, Германија, Англија и на Португалија ќе бидат носители, а Белгија, Холандија, Шпанија и Норвешка ќе бидат во вториот барабан, за утрешната (од 12 часот) ждрепка за четврт-финалето на Лигата на нациите. Дуелите, во кои носителите ќе ги играат реваншите на свој терен, се во март в година, а фајналфор-турнирот е предвиден за во јуни.
Селекциите на Англија и на Норвешка претходната сезона, 2024/2025, се натпреваруваа во лигата Б, а во новата сезона играа во лигата А и се пласираа меѓу осумте најдобри во Лигата на нациите. Англија го оствари тоа преку групата во која беше светскиот и европски првак Шпанија, а Норвешка преку групата во која играше актуелниот победник на Лигата на нациите, Португалија.
Три репрезентации од четвртфиналистите беа во третиот барабан пред извлекувањето на групите, и тоа Англија, Норвешка и Белгија. Од првиот барабан во четврт-финалето се пласираа Франција, Германија, Португалија и Шпанија, а од вториот Холандија.
Четвртфинална рунда е воведена од минатата сезона, а и тогаш и сега меѓу осумте најдобри репрезентации се Франција, Германија, Португалија, Холандија и Шпанија.
Англија би можела да биде домаќин на завршниот турнир сезонава во Лигата на нациите, откако претставниците на Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) го пријавија својот интерес, а се најавува дека Шпанија и Франција, исто така, контактирале со Европската фудбалска унија (УЕФА) за да го регистрираат својот интерес за домаќинство, пишува „Би-би-си“.
Од почетокот на Лигата на нациите, во 2019 година, Англија не била домаќин на финалниот турнир, а досега овие турнири се играле во Португалија, Италија, Холандија и во Германија. Само земјите чии репрезентации ќе стигнат до полуфиналето на Лигата на нациите можат да бидат домаќини на подоцнежните фази во трката за трофејот во тоа натпреварување.
Ако кандидатурата на Фудбалската асоцијација на Англија биде успешна, тоа ќе му даде можност на управното фудбалско тело да биде домаќин на мини-турнир пред организацијата на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, кое ќе се одржи во Англија, Шкотска, Велс и во Република Ирска, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ЖДРЕПКА ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕТО НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

Барабан 1
Франција
Германија
Англија
Португалија

Барабан 2
Белгија
Холандија
Шпанија
Норвешка