„Фри соло“ го заслужи „оскарот“ за најдобар документарен филм, не само за атлетскиот подвиг и добриот филм туку и за животното достигнување

Алекс Хонолд го искачи сам, без јаже, без никаква осигуреност, вертикалниот ѕид Ел капитан, висок 3.000 метри на Јосемитите, Калифорнија, и направи врвно атлетско достигнување на сите времиња.
Тој е единствената личност што го искачи Ел капитан без заштитна опрема. Која е мотивацијата да се преземе ваков ултимативен ризик?

Алекс е најголемиот качувач на карпи во светот и ги има искачено највисоките карпи.
Алекс го искачи Ел капитан фри-соло, а тоа значи без јаже, без помош. Сам се соочи со ѕидот и направи неверојатен подвиг. Но, како што велат критичарите, тој лесно се движел низ карпата, дури балетски.
Алекс има 33 години и е легенда во овој спорт. Со невина насмевка и лоша фризура, тој се бори против гравитацијата и победува. Еден погрешен потег може да биде фатален за него, но тоа не го засега. Кога, на 3 јуни 2017 година, тој го искачи Ел капитан, „Њујорк тајмс“ го опиша како едно од најголемите спортски достигнувања од секаков вид.

За неговиот подвиг е снимен документарен филм, кој ги следи сите негови движења, и ментални и физички.
„Фри-соло“ е брилијантен филм, во продукција на „Нешнал џиографик“, но не само приказна за физички перформанси туку и приказна за силен и извонреден карактер.
– Израснав слушајќи за невидени соло-качувачи од 1970-тите и 1980-тите. Отсекогаш ми беше интересно и сакав да пробам – вели Алекс.

Хонолд не можеш многу да го задржиш далеку од качувањето, голем дел од своето време поминува качувајќи. Му се посветил на овој спорт оти го обожава и израснал качувајќи се на карпи.
– Ги сакам движењата, кога земам замав на карпата, се чувствувам забавно и радосно – вели Алекс.
Но зошто баш без јажиња, кога ризикот е многу голем, е едно од најпоставуваните прашања.

– Во качувањето сѐ се врти околу забавата, фри-соло е еден вид од екстрем. Кога постојано правите нешто од забава, одвреме-навреме сакате да преземете и некаков ризик – вели тој.
Алекс е опседнат со фри-клајбинг, или качување без јажиња и никаква заштита, а многу малку луѓе се занимаваат со овој екстремен спорт.
– Првпат помислив за соло на Ел капитан во 2009 година, но ми требаа осум години да го направам тоа. Зошто? Затоа што кога ќе ја погледнеш карпата, изгледа застрашувачки – вели Хонолд.

Ел капитан има извонредна митологија во светот на качување. Важеше за навистина значајна работа кога првпат беше лоцирана како карпа за качување во 1959 година и беше претставена за невозможна вертикала за освојување. Во 1980-тите прв пат беше искачена со јаже, што беше огромен чекор. Многу историја е испишана на Ел капетан.
– Стравот не е дел од моите мисли додека сум на карпа. Паѓањето од карпа е дел од секоја акција, од секоја планина. Стравот не треба да нѐ спречува да си ги реализираме замислите, предизвиците. Може да ве удрат со автомобил и да загинете. Ризиците демнат насекаде. И сите преземаме некакви ризици во животот и не знаеме кој ќе ни биде последниот – вели Алекс.
Тој вели дека „оскарот“ му значи, но не премногу.

– Мислам дека ова е одлично признание за филмаџиите. Едно престижно признание за нивната напорна работа. Јас моите заслуги и признанија ги добив кога ја искачив Ел капитан. Без разлика што снимавме филм, јас сепак ова го направив за себе – додава Алекс.
Премиерата на „Фри соло“ е закажана за 3 март, во 20 часот, на „Нешнал џиографик“.