Нуров, кој е еден од 12-те македонски спортисти што добиваат стипендија од МОК, е првиот по кајакарот Атанас Николовски од ЛОИ 2008 што на ЛОИ ќе настапи со исполнета олимписка норма

Mакедонскииот борач во слободен стил Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг), со освоениот бронзен медал на Светско првенство (СП) во Нур Сулатан (Казахстан) ја потврди А-нормата за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Тој е првиот македонски спортист што успеа да обезбеди настап на ЛОИ в година.

Во борбата за бронзениот медал Нуров го совлада со 8-5 домашниот натпреварувач Алишер Јергали, откако претходно во репасажната борба ја обезбеди олимписката норма, со победата над Молдавецот Николаи Чебан (2-1). Со овој голем успех тој е првиот по кајакарот Атанас Николовски од ЛОИ 2008 што на ЛОИ ќе настапи со исполнета олимписка норма.

Нуров е квалитетен борач, а тоа го потврди и лани на Медитеранските игри во Тарагона (Шпанија), каде што го освои златниот медал, а годинава на Европските игри (ЕИ) во Минск (Белорусија) заврши на петтата позиција, откако ја загуби борбата за бронзениот медал. Ова е и прв медал за Македонија на СП по првенството во 1998 година во Техеран (Иран), каде што со сребро се закити Могамед Ибрагимов (до 85 кг).

Македонскиот олимписки комитет (МОК) уште во декември 2017 година потпиша стипендиски договори со 12 спортисти, во насока да им помогне за обезбедувањето норма за ЛОИ 2020.

– МОК со децении вложува и го помага македонското борење. Покрај финансиската поддршка за Нуров, се вложува и во другите двајца олимписки стипендисти Владимир Егоров и Елмедин Сејфулау, кои добиваат по 2.100 долари месечно, до ЛОИ во Токио. Исто така, вложуваме и во развојот на стручниот тренерски кадар за потребите на македонското борење. Покрај бугарскиот тренер Кирил Ватев, ангажирани се и многу други странски експерти што во изминатиот период, преку МОК, а во тесна соработка со Интернационалниот олимписки комитет и со Меѓународната боречка федерација, силно работевме со најдобрите македонски борачи и тренери, по што и почнаа големите резултати на најдобрите македонски борачи – велат од МОК.

Досега на ЛОИ во Токио во категорија на Нуров настап обезбедиле уште петмина борачи (сите од ова СП), кои можат да бидат и потенцијални противници на Нуров, кој сигурно на душекот во Токио ќе атакува на еден од медалите. Тоа се Русинот Абдулрашид Садулаев, Азербејџанецот Шариф Шарифов, Американецот Кајл Снајдер, Грузиецот Елизбар Одикадзе и Казахстанецот Алишер Јергали, а можност за пласман ќе имаат уште 10 борачи во неговата категорија. Другите македонски борачи шансата за учество со исполнета олимписка норма во Токио ќе ја бараат на европскиот од вкупно четирите континентални квалификациски турнири, како и на светскиот квалификациски турнир.