„Желбата за преселба на птиците е генетски вроден нагон, како што е и генетски вродениот нагон за размножувањето во пролет, на ова не е имуно ниту потомството на птиците преселници“ – Хенри Сибом (1888)

Еден од најизвонредните и најфасцинантни факти за птиците е нивната способност да патуваат илјадници километри секоја година за да ја поминат зимата во потопла и попријатна клима. Најинтересно е дека секоја година птиците се собираат во јата и заминуваат заедно.

Најголем број птици се селат (мигрираат) за да најдат храна – во зима во Европа е тешко да се најде летна храна (инсекти, овошје, семчиња), но таа е достапна во други делови од светот, каде што климата е потопла. Преселбата (миграцијата) им го олеснува животот, иако некои птици дури и умираат за време на летот.
За да ја преживеат миграцијата, птиците мора да бидат здрави, да имаат многу маснотии и нови пердуви. Откако ќе заврши периодот на размножување и пред да почнат со миграцијата тие поминуваат низ период на целосно обновување. Маснотиите се собираат низ целото тело на птицата, под кожата. Старите и оштетени летни пердуви за летање паѓаат и на нивно место излегуваат нови.

Птиците собираат информации од нивната околина додека мигрираат. Сепак, постојат три најважни извори на информации – сонцето, ѕвездите и магнетните полиња на Земјата. Птиците ги набљудуваат ѕвездите и сонцето додека летаат и можат да ги почувствуваат магнетните полиња преку посебен рецептор што им се наоѓа над клунот.

Сите сме запознаени со пролетната преселба на птиците кога нашите градови и села се полнат со штркови, ластовички и славејчиња. Знаеме и дека истите овие птици си заминуваат наесен. Овие сезонски движења во двата правца поинаку се нарекуваат годишна преселба. Ова движење се одвива секоја година, во сите места на светот.
За да ја разбереме миграцијата како процес важно е да се напомене дека таа се должи на промените на климата со што условите во животната средина за сите живи организми се менуваат под постојано влијание на два геофизички циклуси. Тоа се дневните и годишните периоди. Овие циклуси се предизвикани од движењето на Земјината топка околу нејзината оска и предизвикуваат промени на климата при што животните мораат да се навикнат за да преживеат и да осигурат потомство за нивниот вид. Накратко, процесот на миграција кај птиците е вродена техника за преживување од променливите временски услови. Но овој процес не е присутен само кај птиците, туку и кај други организми како што се бактериите, алгите, планктоните, рибите и други видови животни сè до крупните цицачи.

Освен долгите миграции, постојат и таканаречени кратки миграции или дневни миграции во потрага по храна. Ваков миграциски процес се вертикалните движења, карактеристични за некои шумски видови птици, кои мигрираат во долините во потрага по храна или при многу ниски температури во зима. На планините овој вид миграција е прикажан од жолтоклуната галица (Pyrrhocorax graculus). Овој вид птици можат да патуваат на височина од 500 м и 2.000 м за да пронајдат храна.


Интересни факти

1. Колибрито е најмалата мигрирачка птица
2. Миграциските птици можат да патуваат илјадници километри
3. Некои птици мигрираат на големи надморски височини
4. Птиците што мигрираат секогаш знаат во која насока треба да летаат и каде треба да стигнат
5. Птиците мигрираат во различни периоди
6. Висконсин е популарна миграциска дестинација
7. Миграциските птици се соочуваат со многу ризици за време на патувањето
8. Кога ќе стигнат на целта, на птиците им се потребни храна и вода за да ја нaдоместат загубената енергија