Совршени услови за зимски, рурален, алтернативен, екотуризам Фото: Дарко Андоновски

#РаскажиНиЗаМакедонија

КУРАТИЦА

Спокојот на Македонија живее во селата. Во освежително опкружување, со живописен амбиент. Заробен меѓу прекрасни сцени на природата, бистар воздух, гостопримливи луѓе и моќна тишина. Каде што малку треба за живот, уште помалку за среќа. Едно вакво место засолнето од стресното секојдневие е селото Куратица. Само што Куратица е многу повеќе од село. Ова место живее како жупанија, посебна самовладетелска област. Мало село-држава. Од каде што влече потекло и името Куратица, што значи „жупица“ или „мала жупа“.

Факти
Куратица се наоѓа на надморска висина од 1.080 метри
Бројот на туристи секоја година се зголемува
Се работи на идеја за поставување ски-лифт

Околу 200 жители го живеат спокојот во Куратица. А претседателот на месната заедница, Горан Ангелоски, секој ден се обидува што повеќе луѓе да чујат за Куратица. Сѐ повеќе туристи се заинтригирани да ѕирнат во селото, да пробаат од воздухот на 1.080 метри надморска височина, колбасот што самиот го прави, ѓомлезето на староседелките на селото, фуранџискиот леб на сопругата Сузе, питулиците со вековна традиција, специјалитетите на кујната на ресторанот „Дедо Димо“, виното правено дома, авантуристичкиот ритам на Мазатар, снегот што непоштедно се напластува, скијањето по падините, забавните тури со магариња… Со здружени сили сите помагаат да се зајакне туристичката понуда на Куратица.

СТАРАТА РУСТИЧНА АРХИТЕКТУРА

Селото Куратица се наоѓа на 20 километри североисточно од Охрид, или на пет километри северно од патот Охрид – Ресен. Сместено е во пазувите на планинскиот масив Мазатар (1.635 м) на надморска висина од 1.080 метри. Има околу 200 жители, околу 150 куќи, основно училиште со околу 15 ученици. Наесен Виктор ќе биде единствено прваче. Жителите главно се занимаваат со сточарство. А многумина одат на работа и во Охрид. Во непосредна близина на црквата се наоѓа килимарницата, изградена во текот на 1982 година, каде што своевремено работеле околу 30 жени и се прехранувале 30 семејства. Но барајќи подобра егзистенција, бројот на жители низ годините се намалува.

Зиме е алтернативна дестинација за фрирајд-скијање

Старата рустична архитектура, пејзажите, тивката околина, бавниот амбиент, истражувањата во природата канат туристи во Куратица и лете и зиме.
Сѐ повеќе туристи сакаат да го пробаат воздухот на овој крај. Доаѓаат странци, истражувајќи ја околината на Охрид, но има и такви што прочитале за знаменитостите на Куратица на Интернет и ја вклучиле навигацијата да ги однесе на ова чудесно место.

Секако, како што ни кажа домаќинот Горан, редовни се и нашите туристи. Битолчани, скопјани, прилепчани… доаѓаат од сите краеви. Тој сам прави реклама на селото, најчесто преку социјалните мрежи. А, секако, највлијателна реклама се задоволните туристи, кои ќе ги раскажат своите доживувања во Куратица.

– Некои изнајмуваат автомобил и доаѓаат, некои чуле од пријатели, други виделе на социјалните мрежи. Важно, кој чул задолжително нѐ посетува. А и незадоволни гости не сме испратиле. Единствен хендикеп ми е што немам сопствени соби за издавање, па засега ги каниме на еднодневна екскурзија. Напролет планирам да направам десетина соби, а понатаму и повеќе, за да понудам комплетен пакет задоволство. Да можат гостите да уживаат во благодатите на Куратица, да се опуштат, да имаат левтерен одмор. И сега може да се најде соба скромна за преспивање, но во иднина ќе ја збогатиме понудата. Кога првпат им кажав дека сакам да инвестирам во моето село, да развивам туризам, многумина беа скептици дека воопшто може да се развива туризам овде. Но, еве, по 20 години работа, успеав да ја ставам Куратица на туристичката мапа – вели Горан.

АВАНТУРИСТИЧКИОТ ДУХ

Во магливиот студен ден само што влеговме на територијата на Куратица блесна јануарско сонце. Гостољубивост наѕираше од секоја куќа. И, за разлика од другите села, има раздвиженост. Луѓе што му даваат живост, ведрина и убавина.
Авантуристичкиот дух на Куратица се доживува со џип, како и со безвремената ратрак-машина, која со својот автентичен дизајн му дава посебни спецификации на селото.

Старите куќи, архитектурата, животот на село им се најинтригантни туристите

Горан со своето теренско возило ни приреди една снежна авантура кон врвот Мазатар. И една обиколка низ околните ридови на Куратица. За пејзажите беспредметно е да се дискутира. Обоени се со природна убавина. Снегот се пласти во десетици сантиметри и фрла магија врз покривите. Панорамата кон Охридско Езеро комплетно ја дополнува сликата за овој крај.

– Едната тура ја возиме до врвот Мазатар, која е пократка, па затоа и е почест избор на туристите. Другата е до Плакенска Планина, се поминуваат околу 80 километри, потребно е цел ден да се потроши на планината. Многу амбиенти се менуваат. Пред неколку години набавив и ратрак, постар дизајн, па сам му склопив кабина за да можам да возам патници со мене. И кога има убаво навеано снег, возиме со ратракот, го затапкуваме снегот, правиме патека за скијање и возиме до каде што може. Оттука, со скии, со санки, со скиборд, кој како сака се пушта по патеката до селото.

Пристапност
На 20 километри од Охрид
На 5 километри северно од патот Охрид – Ресен
Поврзано со асфалтиран пат, кој секогаш е пристапен

Прекрасна авантура, која на друго место не се нуди. Имаме и една полјана на почетокот на селото, која исто така е идеална за скијање. Многу охриѓани жители на околните села доаѓаат за викенди на лизгање и забава. Некогаш ќе објавиме дека ќе ставиме рефлектори навечер, па се собираме на ноќно скијање. Правиме чајче, се забавуваме. Сакам на истава полјана да ставам ски-лифт, околу 800 метри. Идеја што за малку не ја реализирав, но не губам надеж, секој ден се обидувам да ми успее.

Сакав со општината да направиме јавно-приватно партнерство, но во последно време пропадна проектот. Падината е блага, совршена за почетници и рекреативци и може да донесе профит и бенефиција во зимските месеци и дополнително да привлечеме туристи. Да овозможиме зимски туризам во крајов, барем малку во снежните месеци да се забавуваме – ни раскажа Горан.

ТУРИ СО МАГАРИЊА

Куратица нуди и тура со магариња. Неверојатно доживување за сите желни за необичните тури.

– За турите со магарињата соработуваме со сите што имаат магариња во селото. Магарињата се на селаните, си ги користат за дрва, за транспорт, а кога има интерес за тура низ селото и околината со магариња, собираме колку ни се потребни и се организираме. Едната тура е два часа, се шета околу селото. Интересна е и примамлива, кружиме до Дебарца, Илинска црква. Втората е по сртот на Плакенска Планина, до врвот Сталев Камен. Малку е понапорна, па само најиздржливите се осудуваат да ја јаваат – додава Ангелоски.

Старите куќи, архитектурата, животот на село им се најинтригантни туристите.
– Кога една Холанѓанка ни беше во посета ѝ реков да ми ги прати сликите, да видам што најмногу ја импресионира. И најмногу фотографии имаше од старите куќи, фасадите, стари жени, магариња, стари работи, како разбој, стари предмети и, секако, природата. Нашите планините им се интересни. Туристите сакаат планини. Тоа најмногу ги мами. Има потенцијал крајов. Можеме да им понудиме разновидност на туристите доколку сакаме и соработуваме. Еден ден да го посетат Свиниште, еден ден Куратица, Вевчани, Охрид. Секој ден различен – вели Горан.

ТРАДИЦИОНАЛНА КУЈНА И КАРНЕВАЛ

Тој вели дека како и за сѐ друго, потребно е време да се развие рурален туризам.
– Кога почнав да канам туристи, некако ми фалеше ресторан. Па, со заеднички сили на цела фамилија го отворивме ресторанот „Дедо Димо“. Работи секој ден, од 12 часот. И сакам сите да имаат корист. Кога некој нарачува ѓомлезе, го прави некоја од домаќинките, питулици друга, сирење трет и така за сѐ. Сите да имаат бенефиција. Готвиме традиционална кујна. Користиме органска храна. Сам правам колбаси, приготвувам месо, вино… Се трудам да им понудам поинаков вкус на туристите.

Инаку, дедо Димо ми е прапрадедо. На дедо ми дедо. Комита бил, го штител селото. Многу ми раскажувале за него. Кога Турците биле овде, му ја украле најубавата овца. Заминал за Дебарца да си ја врати овцата. Ги нашол во една ливада. Ги демнел цел ден. И кога ја зготвиле овцата, распукал со пушката, ги фатил Турците неподготвени и се разбегале. Тој им ја зел печена. Ја донел во селото, да се гоштеваат сите. Дури бегал главниот Турчин му паднала табакерата. По неколку дена пуштил абер до дедо Димо за примирје со селото, дека нема да прават веќе бељи, само да му ја врати табакерата. Се сретнале овде и потпишале примирје. Селово има историја.

Пушкарници, амбуланти има во околните пештери, сѐ уште стои сѐ. Сакам документарец да снимам за тоа, една приказна да склопам – додава Горан.
Куратица има и карневал за Василица. Горан веќе 20 години е организатор.

– Карневалот ни е вековна традиција, последниве 20 години само сакаме да го издигнеме на повисоко ниво. На 13 јануари се собираме сите маскирани и тргнуваме од куќа в куќа, нѐ даруваат, нѐ примаат. Го бркаме ѓаволот и носиме среќа во домот. А следниот ден е главното дефиле, со веселба сретсело. Избираме најдобри три возрасни и три детски маски, си правиме забава, приготвуваме храна, пиење. Со карневалот секоја година привлекуваме туристи и сакаме да го направиме препознатлив белег. И на минус 25 степени сме организирале, какви и да се условите не се откажуваме – ни сподели Горан. Куратица нуди шаренолики содржини. Вкусови за сечиј апетит. Увертира за необична авантура.

Наесен Виктор ќе биде единствено прваче