Фото: Игор Бансколиев

Венецијанската комисија работи на мислење на сѐ уште неусвоени закони, бидејќи целта на изработеното мислење од страна на комисијата е квалитетно да се подобри предлог-законот и да се унапреди неговата содржина пред да помине на негово конечно изгласување. Многу се ретки, речиси на ниво на исклучоци, обидите пост фестум по донесен закон да се отвора прашањето за неговото менување, оценување, односно подобрување на квалитетот на законот, тврдат експертите

И покрај забревтаната динамика на случувања на македонската политичка сцена и на домашен и на меѓународен план, Законот за употреба на јазиците и понатаму не престанува да биде важна тема на интерес, пред сѐ поради контроверзноста и небулозите што ги предизвика постапката на неговото носење и изгласување што правните експерти го оценија како противуставно и незаконско. Иако засега стапувањето во сила на законот е оневозможено со непотпишувањето на указот за него од страна на претседателот на државата, Ѓорге Иванов и неможноста да биде објавен во „Службен весник“, во јавноста останува да лебди прашањето што понатаму со овој закон и може ли нешто што е свртено наопаку да се врати во нормала и некаква законска процедура. Владата на Р. Македонија даде јавно ветувања дека ќе го испрати Законот на оцена до Европската комисија за демократија низ правото, во македонската јавност позната како Венецијанска комисија. Но релевантните правници во земјава ценат дека Владата требало да го стори тоа уште на почетокот на дебатата за конкретниот закон (која беше ускратена во случајот со Законот за употреба на јазиците, бидејќи тој беше донесен по кратка постапка), а не сега откако тој е изгласан.
– Членовите на комисијата што се одредени да го пишуваат извештајот за законот обично доаѓаат на терен и вршат разговори со сите релевантни страни. Таква беше постапката за законите за судството, кога членови на Венецијанската комисија беа во Македонија – вели професорката на Правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова, која била членка од Македонија на Венецијанската комисија.

Оттаму ваквите најави за испраќање на Законот на разгледување пред Венецијанската комисија по неговото изгласување му доаѓаат како изреката „по свадба тапани“.
Во моментов не е докрај јасно ниту која е процедурата за поднесување барање до Венецијанската комисија за да разгледа одреден веќе изгласан закон и да даде мислење. Потоа кој може да достави барање, дали покрај Владата тоа треба да го стори и претседателот на државата, кој стави вето и не го потпиша законот? Односно во случајот со Законот за употреба на јазиците дали, на пример, би можеле да побараат мислење и Владата и претседателот на Р. Македонија?
Професорката на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева- Јовановска, која е актуелна членка од Македонија во Венецијанската комисија, ги има одговорите за овие прашања.

– Генерално, барањата за мислење на одреден предлог-закон од државите до Венецијанската комисија ги испраќаат предлагачите на законот, тоа во нашиов случај би било Министерството за правда, но може и Владата. Претседателите на државите можат да испратат одреден предлог-закон на мислење ако претседателот во државата е овластен предлагач за законот, или ако има интерес таквиот закон да го испрати на мислење. И да има два поднесока со барање за мислење на законот, комисијата го разгледува предлог-законот како еден предмет – објаснува Каракамишева.
Вообичаено предлагачите ги испраќаат предлог-законите на мислење до Венецијанската комисија, бидејќи потоа ресорното министерство непосредно комуницира со секретаријатот на комисијата, односно тоа министерство натаму е и домаќин на работната група од номинирани известители што се задолжени да го подготват нацрт-мислењето, а исто така и членови од ресорното министерство се покануваат во работата на поткомитетот каде што е ставено мислењето како точка на дневен ред, каде што може да се интервенира со амандмани на нацрт-мислењето, како и на пленарна сесија, каде што конечно се усвојува мислењето.

– Не случајно велам дека предлагачот го доставува предлог-законот на мислење. Венецијанската комисија работи на мислење на сѐ уште неусвоени закони, бидејќи целта на изработеното мислење од страна на комисијата е квалитетно да се подобри предлог-законот и да се унапреди неговата содржина пред да помине на негово конечно изгласување. Многу се ретки, речиси на ниво на исклучоци, обидите пост фестум по донесен закон да се отвора прашањето за неговото менување, односно подобрување на квалитетот на законот – нагласува Каракамишева.
Инаку, мислењата на Венецијанската комисија не се задолжителни по својот карактер, иако авторитетот што го ужива ова тело е прифатен од ЕУ и од ОБСЕ и од другите меѓународни организации, што упатува на фактот дека мислењата на комисијата, иако не се задолжителни, имаат силно влијание во државите и во меѓународната заедница поради угледот и авторитетот што комисијата ги има изградено во правото и во политиката – вели професорката Каракамишева-Јовановска.

Што се однесува до предлагачите на барањето до Венецијанската комисија, професорката Силјановска-Давкова вели дека тоа не мора секогаш да биде предлагачот на законот, туку тоа може да го стори и опозицијата, парламентарното собрание… и се прашува зошто таквата можност не ја искористила опозицијата. И таа вели дека препораките на Венецијанската комисија не се обврзувачки, но имаат правен и законодавен авторитет.
– Венецијанската комисија не е Уставен суд, таа ги цени правните стандарди што се применуваат во законодавството на земјата – вели професорката Силјановска-Давкова.