Името на нашата држава е – Македонија. Го доби од народот, а не од регионот. Во сега далечната 1944 година беше одржано заседанието на АСНОМ и беше прогласена современата држава на македонскиот народ, заедничка со сите други што живеат со него. Тоа беше практично воскреснување на Македонците, кои главните меѓународни фактори, по геноцидот што беше извршен врз нив по Балканските војни и Букурешкиот мировен договор од 1913 година, ги сметаа веќе за избришани како народ. Мислеа дека „македонското прашање“, кое им беше на маса некаде од средината на 19 век, е дефинитивно затворено.

Современата македонска држава, меѓутоа, не ги спречи Грција и Бугарија да продолжат со своите историски синдроми на негирање на македонскиот народ, јазик, култура, историја… Додека Атина сака монопол на македонскиот бренд и затоа прави сѐ за да нѐ прекрсти, Софија и понатаму ги смета Македонците за „неосвестени Бугари“. За несреќа, не им пречиме само ним. Веќе над 73 години нашата држава се вика – Македонија. Тоа е т.н. „кратко“ или право име, кое и најчесто и најмногу се користи. Името, пак, заедно со политичката определба (Република Македонија) е т.н. „долго“ име, кое многу ретко се користи јавно. Обично, тоа се употребува во меѓународните договори, на официјалните меморандуми и, преку нив, во службените писмени обраќања и слично.

Од 1944 година до денес, покрај постојаната политичка определба „република“, државата се нарекуваше и „федеративна“, „народна“ и „социјалистичка“. Сите тие немаат никаква врска со името, кое беше и останува – Македонија. Секаде каде што се регистрирани државите за каква било потреба, во сите листи (членки на организации…), на сите настани (конференции, сите видови спортски натпреварувања, средби, фестивали…), земјите се споменуваат, наведуваат и редат само според нивните имиња, без никакви политички определби и – по азбучен ред. Така е и кога има самити, и кога има средби на пионерски организации, и кога… Ако ја погледнете листата на членки на ООН, на пример, ќе читате – Авганистан, Албанија, Алжир… Белгија… Камбоџа… Данска… Етиопија… Грција… Италија… Јапонија… Членки на ЕУ се Австрија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Германија, Малта, Полска, Романија, Шведска…

Членки на НАТО се Канада, Унгарија, Исланд, Луксембург, Норвешка, Турска… На следното светско првенство во фудбал, во Русија ова лето, се квалификуваа Египет, Мароко, Саудиска Арабија, Англија, Србија, Коста Рика, Бразил, Перу… Во ОБСЕ, членки се Ерменија, Белорусија, Финска, Франција, Монголија, Украина… Никаде не пишува дали е некоја од нив република, кралство или нешто трето. Тоа е апсолутно нерелевантно. Земјите се разликуваат по своите имиња. Според петте предлози на Нимиц, кои се сега на маса како потесен избор, нашата земја нема да има никаква врска со досегашното име – Македонија. За нашата земја воопшто не е предвидено т.н. „кратко“ име, што е целосно неприфатливо, бидејќи ќе се разликуваме од сите други земји. Ќе бидеме жигосани. Сегашното име, МАКЕДОНИЈА, кое ни е уставно ама и историско, што е најважно, целосно е избришано и такво нешто не постои во предлозите.

Грчките безобразни манипулации дали ќе ни „дозволат“ или не во некаква нова референца да стои и зборот „Македонија“ се невиден апсурд. Нивната „широкоградост“ дека зборот „Македонија“, сепак, може да фигурира во новата референца со која сакаат да нѐ осакатат е тешка и невидена измама. Во сите предлози на Нимиц, зборот „Македонија“ во новата референца, со која сакаат да нѐ обезличат, нема никакво значење, освен како дополнителна географска одредница. Нашето, пак, преговарање за нова референца, со која остануваме безимени, е тешка фарса. „Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“, „Република Нова Македонија“ и „Република Македонија (Скопје)“ не се и не можат да бидат никакво наше ново име, туку само нови референци. Тие се замислени да се користат целосно (сите три збора заедно), што ќе биде невидена бесмислица.

Бидејќи сите три збора ќе одат само заедно и никој од нив нема да може да се користи одвоено, тоа значи дека оваа наша земја нема да има ниту име ниту политичка определба и сѐ ќе се сведе на нова референца, како да нѐ регистрираат и како да ни се обраќаат. Нешто побесмислено и понавредливо – не може да се замисли. Зборот „Македонија“ ќе биде само дел од новата референца и нема повеќе да биде наше име. Одвоено нема да смееме да го користиме. Тоа значи дека НАШАТА ДРЖАВА НЕМА ДА ИМА ИМЕ. ЌЕ ОСТАНЕМЕ БЕЗИМЕНИ, бидејќи спомнатите референци се – бесмислени. Нашето уставно и историско име Македонија ќе биде фрлено на ѓубриштето од историјата заедно со нашиот народ. Нашето универзално право на самоидентификација ќе ни се одземе, и тоа со наша согласност. Самите ќе се откажеме. И, сега, замислете, во гореспоменатите друштва/листи на, демек, рамноправни држави, додека сите ќе бидат со нивните (кратки) имиња, ние би биле со бесмислена референца, добиена според нашиот или грчки избор од предложените пет.

А, сите тие се полоши од таа што ни ја наметнаа во ООН. Во дадената ситуација, кога сме дотерани до ѕид, единствено решение е нашето име да остане Македонија, по кое би можела да следува додавка – (Скопје), напишана со два-трипати помали букви од името: МАКЕДОНИЈА (Скопје), на пример. Тоа би било само за надворешна употреба, иако истата формулација, заради пасошите и други документи за надворешна употреба, би можела соодветно да се регистрира и во Уставот. Со текот на времето, додавката ќе стане беспредметна за сите, вклучувајќи ги и Грците. Само со такво решение не се доведуваат во прашање идентитетот на народот, јазикот, културата… ПОЛИТИЧКАТА ДОДАВКА „РЕПУБЛИКА“ ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ НЕ СМЕЕ ДА СЕ СПОМНУВА ВО РЕШЕНИЕТО.

Додавката (Скопје), иако воопшто не е потребно, ќе биде дополнителна дистинкција во однос на грчкиот дел од регионот Македонија и нема да навлегува во фундаменталните интереси на нашата земја, какви што се идентитетот, јазикот… Сите други опции се бесмислени, навредливи, понижувачки, беспредметни и – непристојни. Со сите нив, замислени како нови референци, ем се остава државата безимена, ем се разнебитува македонскиот народ. Тој што ќе потпише договор со кој земјата ќе остане безимена, порано или подоцна, ќе мора да ја плати цената на историската грешка, која е рамна на тешко предавство. Факт е дека и досега нашата земја беше – безимена, регистрирана со референца како „поранешна југословенска Република Македонија“. Таа не беше привремено име, иако така ја нарекуваат и некои „наши“ врвни политичари што мораат да ги знаат работите. Малите букви „п“ и „ј“ од „поранешна“ и „југословенска“ го потврдуваат тоа. Мали букви не се дел од име. Таа беше начин, код, како да нѐ регистрираат и распознаваат откако нелегално и силеџиски ни го суспендираа името. На многу настани, на спортски натпревари, на „Евровизија“… ние не бевме рамноправни, бидејќи се користеше референцата од ООН. Меѓутоа, често нѐ претставуваа како fYR MACEDONIA, при што главно беше – нашето име. Ова што ни се подготвува сега е многу полошо и попонижувачко: нашата безименост ќе се манифестира преку нова референца, прифатена од нас. Срамот ќе биде огромен.

Сега, со новите предлози на Нимиц, ние секаде, во секоја пригода, би се разликувале од сите други држави. Би биле посебен случај, нешто инвалидизирано, ама и за потсмев. Тоа би потврдило дека сме држава од привремен карактер. „Идеите“ на Атина, пак, за непреведување на името не заслужуваат внимание. Такво нешто се одбива со индигнација. На Грците може само да им се реплицира – а зошто името да не биде напишано само со кинески карактери? Фактот, пак, што максимално внимаваме како ќе им ставиме до знаење на Грците дека од нас прават недоветни потврдува дека прифаќаме да играме максимално инфериорна улога. Како да носиме некаква непростлива вина или како да сме поразени во војна во која сме биле агресори. Таквото наше однесување неизбежно води во пораз, бидејќи ги стимулира амбициите на другата страна да постигне нелегални, нелегитимни и невозможни цели. Нашата неорганизираност околу името трае 25 години.

Многу наши делегати на разни конференции и слични настани прифаќаа да носат беџови на кои пишуваше „FYROM“ и седеа на маси зад натписи или со оваа бесмислена и навредлива кратенка или зад целата референца, која ние никогаш не ја прифативме и не нѐ обврзуваше. Тоа се непростливи грешки на нашата политика, дипломатија и протокол, бидејќи тоа им се случуваше и на првите луѓе на државата. Наместо во секоја пригода да реагираме дека нашето име е Македонија, ние дозволуваме и дома да нѐ навредуваат со „вашата земја“… Додека нашите врвни политичари, и не само тие, не беа свесни за овие нивни природни, логични и нормални обврски, ангелот Тоше, кога на некој концерт во БиХ го најавиле дека е од „поранешната…“ им рекол дека прво треба да се извинат за грешката, потоа да го најават дека е од Македонија и дека дури потоа тој може да излезе и да пее. Така и било. Не му требало ни протокол, ни инструкции…

Ристо Никовски,
авторот е поранешен дипломат