Боите на Македонија на СП за кадети, јуниори и постари јуниори ќе ги бранат седуммина каратисти

Секогаш сум оптимист и пак ќе бидам. На Светското првенство (СП) во Сантијаго, Чиле, ќе освоиме медал и со тоа ќе испишеме нова историја во македонското карате. Сигурен сум и во тоа дека достојно ќе ја претставиме Македонија. Не можам да издвојам никого поединечно оти сите се добро подготвени за настап на татамите, но во спортот е потребна и среќа. Доколку таа нѐ послужи ќе се вратиме со медал. Но тука нема да застанеме оти нѐ очекува и Европското првенство (ЕП) 2020 година во Будимпешта, ни изјави селекторот на македонската кадетска репрезентација Александар Кузмановски.

Боите на Македонија на ова СП (1.557 натпреварувачи од 96 држави во 35 категории) ќе ги бранат Александар Неделковски и Владанка Аврамова (кати), Бојан Костов (до 52 кг) во кадетска конкуренција, Фаик Весели (до 67 кг), Доан Османи, (до 75 кг), Вероника Костовска (до 61 кг) и Ангела Мојсовска (до 68 кг), сите во борби во конкуренција на постари јуниори/ки (до 21 год.).

Вчера попладне од Македонците на татамите требаше да се појават каташите, Неделковски и Аврамова, па потоа ќе настапат и в петок. Македонија во оваа конкуренција од СП има еден медал, бронзен, а го освои Берат Јакупи во Гвадалахара во 2013 година во јуниорска конкуренција.