К. Роналдо и Меси водат со по седум меча и со по три гола, Гомис е најбрз со осум минути, Раул е најмлад, Пизаро е најстар, седуммина постигнале хет-трик на деби-меч, меѓу стрелците само еден е одбранбен играч…

Кристијано Роналдо и Лионел Меси се израмнети на врвот на листата и далеку пред другите конкуренти со по седум хет-трика (три гола на еден меч) во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Пред почетокот на новата сезона идната недела Европската фудбалска унија (УЕФА) објави анализа и податок дека досега во ЛШ се постигнати 112 хет-трика.
На листата зад Роналдо (постигнувањето го направи како играч на Реал Мадрид) и Меси (Барселона) со по три хет-трика се Филипо Инѕаги (Јувентус, Милан), Марио Гомез (Баерн) и Луис Адриано (Шахтер). Сите хет-трика на Роналдо се постигнати за 18 месеци од декември 2015 до мај 2017 година.

Најмлад стрелец на три гола на еден натпревар е славниот капитен на Реал, Раул Гонзалес, со 18 години и 114 дена на меч со Ференцварош во 1995 година. Најстар стрелец на хет-трик, пак, е Клаудио Пизаро, кој со 34 години и 34 дена постигна три гола за Баерн на дуелот со Лил.
На прв меч хет-трик постигнале седуммина, и тоа Марко ван Бастен (Милан), Фаустино Асприлја (Њукасл), Јакубу Аијегбени (Макаби Хаифа), Вејн Руни (Манчестер јунајтед), Винченцо Јакинта (Удинезе), Графите (Волфсбург) и Јакин Брахими (Порто). Повеќе од хет-трик (четири или пет гола) на еден меч постигнале 13 фудбалери, а најуспешни се Меси и Адриано со по пет гола (против Баер, односно БАТЕ). Најбрз во изведбата на т.н. „покер“ е К. Роналдо, за 21 минута.

Лаивин Курзава (ПСЖ) е единствениот одбранбен фудбалер со постигнат хет-трик (против Андерлехт во 2017 година). Томас Милер, пак, е најдобриот стрелец во ЛШ без постигнат хет-трик, со 42 гола, пред Единсон Кавани со 32, Патрик Клајверт, Арјен Робен и Давид Трезеге со по 29 гола итн.

Од клубовите, водечка е Барселона со 12 хет-трика (од шест играчи), пред Реал Мадрид со 11 (четири), Баерн со седум (пет) итн. Во ЛШ досега хет-трик не постигнале фудбалери на Баер (на 95 меча), Банфика (94), Рома (90)… Најмногу хет-трика примил Андерлехт (шест), а ниту еднаш Јувентус (на 180 меча), Челси (156), Борусија Д. (106 и Ливерпул (101).
Според земјата, најмногу стрелци на по три гола на меч има од Бразил (13 хет-трика од девет играчи), потоа од Аргентина (10/3), Франција (10/9), Англија (9/7), Шпанија (8/7), Португалија (8/2) итн.

Единствени стрелци на хет-трик што со своите тимови го загубиле мечот се Бразилецот Роналдо со Реал Мадрид (3-4 од Манчестер јунајтед, но Реал се пласира понатаму, а Роналдо доби стоечки овации кога излегуваше од теренот) и Велшанецот Герет Бејл со Тотенхем (3-4 од Интер).
Ниту еден хет-трик не е постигнат во финале на ЛШ.


Њувел е стрелец на најбрзиот перфектен хет-трик

Само осум минути му беа доволни на Бафетимби Гомис за хет-трик за Лион на мечот со Динамо Загреб во 2011 година и тоа е рекорд во фудбалската Лига на шампионите. Една минута „задоцни“ Мајк Њувел во дресот на Блекбурн, на мечот со Розенборг, но тој е најбрзиот со т.н. перфектен хет-трик (по еден гол со левата и со десната нога и со глава).