ИМ Никола Николовски

Сѐ уште е почеток и допрва доаѓаат потешките партии на ЕП, но генерално сум задоволен од мојата игра. Најмногу ме импресионира високиот квалитет на партиите, кои се многу интересни за следење, вели ИМ Никола Николовски

Македонските шахисти (вкупно 24), по одиграното 4-то коло (од предвидените 11) на 20-то Европско индивидуално првенство во шах што се игра во хотелот „Хилтон“ во Скопје, засега имаат освоено 22 поена од можни 96 или 25 отсто. Ова и не е изненадување, со оглед на квалитетот на македонските шахисти во однос на многубројноста (вкупно 361 претставник од 42 држави) и квалитетот на шахистите (143 велемајстори), кои настапуваат во Скопје.

Од Македонците, засега најмногу освоени поени, очекувано, има ВМ Кирил Георгиев (2,5), со што моментно е на 139-то место, а по два поена имаат ИМ Никола Николовски (201) и ФМ Тони Лазов (215).

– Сѐ уште е почеток и допрва доаѓаат потешките партии на ЕП, но генерално сум задоволен од мојата игра. Најмногу ме импресионира високиот квалитет на партиите, кои се многу интересни за следење. Салата за играње е добра. Слушнав дека е забрането да се јаде до масата и да се зборува со публиката, но не знам колку засега се почитува тоа. Детекторите при влезот се потребни на секој турнир, оти сепак е некоја мерка на забрана за внесување недозволени електронски уреди во салата за играње – вели ИМ од Скопје, Никола Николовски.

Од Македонците по 1,5 поен имаат впишано ВМ Александар Чоловиќ, ФМ Дејан Динев и Филип Михов, по 1 поен се деветмина, со половина поен се четворица (меѓу кои и единствената македонска шахистка на ова ЕП), Бојана Бејатовиќ), а без поени се петмина.

– Досега не сум задоволен од мојата игра, иако одиграв интересни партии, но се надевам дека во понатамошните кола, ќе играм подобро. Ова ми е прв ваков голем и квалитетен турнир, каде што може да се видат квалитетни партии, па уште се обидувам да се приспособам на него, но се надевам дека до крајот ќе биде подобро.

Организацијата тука е одлична, но сметам дека е престрого што не ни дозволуваат да носиме, како по навика, рачен часовник и што не смее да се јаде за време на партијата. Сметам дека во некои сегменти можело да биде и пофлексибилно – вели ФМ од Неготино,Тони Лазов.


На врвот 19 играчи со по 3,5 поени

По 4-то коло дури 19 шахисти се во водство со по 3,5 поени, предводени од Израелецот Барон Тал, потоа Белорусинот Сергеј Азаров, Грузиецот Иван Чепаринов, Израелецот Борис Гелфанд, Полјакот Бартел Матеуш, Унгарецот Ференц Беркеш, прворангираниот Владислав Артемиев од Русија и други…