Во МКЦ, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, се одржа церемонијата за доделување „златна рамка“, почесни награди за филмски автор, филмски актер и филмски работник на годината.
Наградата за филмски автор на годината му е доделена на дизајнерот на звук Игор Поповски, наградата за филмски работник на годината ѝ е доделена на асистентката костимографка/гардероберка, Ирена Јовчевска, додека наградата за филмски актер на годината ѝ е доделена на Сара Климоска.

Во рамките на фестивалот „Златна рамка“, кој заврши синоќа, беа прикажани 22 филма од минатата година. Второто издание на ревијата на македонски филмови „Златна рамка“ се одржа под мотото „Во наш филм“ во Младинскиот културен центар. Филмовите што беа прикажани се во три програмски целини – долгометражни, краткометражни и документарни. Публиката имаше можност да ги проследи заедно со нивните автори и да учествува во дискусиите по проекциите. Организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) во соработка со Агенцијата за филм и Младинскиот културен центар.

Покрај тридневната ревија на македонскиот филм од изминатата година, на „Златна рамка“ се одржаа и Свечено собрание на ДФРМ, промоција на брошурата „Прирачник за филмаџии“, презентација на МЕДИА Деск Македонија на темата „Како се евалуираат проектите на Медиа?“ и трибина насловена „Жената во македонскиот филм“.