Градот Струга од денеска по 58. пат,до 26 август ќе биде сцена на една од најголемите и најпрочуени светски поетски манифестации, фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Годинава на него ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, фестивалската програма содржи 52 настани, а освен во Струга каде што традиционално ќе се одржат повеќето од нив, во рамките на програмата „Поезија на пат“ поетите од различни земји од светот ќе се претстават и во Калишта, Охрид, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и во Скопје.

Фестивалот од ова свое издание станува четиријазичен и на него, покрај на македонски и на англиски јазик, главните читања ќе бидат и на албански и на француски јазик.
Денеска, со почеток во 10 часот, познатата романска поетеса Ана Бландијана, годинашната добитничка на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ ќе засади дрво во Паркот на поезијата, при што во нејзина чест ќе биде одржано и поетско читање. Два часа подоцна, Бландијана ќе одржи и прес-конференција во конгресната сала на хотелот „Дрим“. Свеченото отворање на фестивалот е во 20.30 часот на платото пред Центарот за култура, кога ќе биде прочитана и годинашната „Поетска порака“ од македонскиот поет Влада Урошевиќ, кому му е посветен и посебен термин за поетски портрет во рамките на програмата. Половина час пак подоцна, поетите под отворено небо ќе започнат со читање поезија на традиционалните и вообичаено незаборавни, „Поетски меридијани“. За утре, во 10 часот, во хотелот „Дрим“ е закажан „Портрет на Зоран Анчевски“. Поетот Зоран Анчевски е добитникот на фестивалската награда „Браќа Миладиновци“ за 2018 година.

Годинашна новина на „Струшките вечери на поезија“ е и најавеното пренесување на најголемиот дел од настаните во живо на официјалниот канал на „Јутјуб“, како и можноста граѓаните да присуствуваат на отворањето и на затворањето на фестивалот преку обезбеден автобуски превоз со одење и враќање во иста вечер, од Скопје до Струга преку Кичево и од Скопје до Струга преку Велес и Битола.