Промените на времето најјасно се изразени во градовите во северна Бугарија и тоа се: Видин, Плевен и Русе

Oд почетокот на векот просечната температура во единаесет бугарски града се зголеми за над еден степен во споредба со просечната температура во текот на дваесеттиот век. Станува збор за Видин, Плевен, Русе, Шумен, Варна, Стара Загора, Сливен, Бургас, Враца, Хасково, Пловдив и Софија. Ова го покажуваат податоците од меѓународно истражување на кое работат осум европски медиуми, обединети во Европската мрежа за новинарство. Во рамките на проектот биле споредувани историските податоци за температурата за 558 европски града. Резултатите за 21 век што се однесуваат за секој поголем град во Европа покажуваат дека се потопли од 20 век. Во некои градови, зголемувањето на просечната температура е близу три степени, пишува „Капитал“.

Во истражувањето се анализираат историските временски записи за 15 бугарски града – Видин, Плевен, Русе, Шумен, Варна, Стара Загора, Сливен, Бургас, Враца, Хасково, Пловдив, Софија, Пазарџик и Благоевград. Во првите 11 града, затоплувањето од почетокот на векот е над еден степен. Просечното затоплување во Европа е 1,2 степен.

Најголемо затоплување во Европа има во градот Кируна, кој се наоѓа во северна Шведска. Таму просечните температури од почетокот на овој век се зголемиле за 3,4 степени во споредба со просекот на податоците за целиот 20 век. Промените на времето најјасно се изразени во градовите во северна Бугарија и тоа се: Видин, Плевен и Русе. Во овие три града температурата се зголемила за повеќе од 1,3 степен, а во Шумен, Варна, Стара Загора и во Сливен – за 1,2 степена. Во следната група бугарски градови, во кои температурата се зголеми за 1,1 степен влегуваат: Бургас, Враца, Хасково и Пловдив. Анализираните податоци покажуваат дека топлите денови (во кои просечната температура за 24 часа е над 29 степени) се зголемуваат. Соодветно деновите во кои просечната температура е под 0 степени се намалуваат.
Фактот дека градовите во северна Бугарија најмногу се погодени од порастот на температурите има свое објаснување, се констатира во текстот на „Капитал“. Георги Стефанов, менаџер за климатските промени и зелената економија во ВВФ вели дека Бугарија припаѓа главно во умереноконтиненталниот појас.

– Овде релјефот е разновиден, но е главно планински или полупланински. Во планинските и во полупланинските региони, поради зеленилото и екосистемите, ефектот од затоплувањето не се чувствува толку многу. Во рамните површини и во северна Бугарија, каде што надморската височина е ниска, е токму спротивното – коментира Георги Стефанов.

Овој релјеф во комбинацијата со недостиг од шуми и на доволно мочуришта предизвикува поголеми темперaтурни екстреми. Ефектот од овие фактори е многу повидлив во посувите области, како што е во североисточна Бугарија.

Зголемувањето на температурата не е само статистика, бидејќи има вистинско влијание врз здравјето, економијата, инфраструктурата, па дури и образованието. Топлотните бранови доведуваат до зголемена смртност. Топлото време привлекува комарци и други инсекти, кои можат да носат болести. Зголемениот број топли денови ги зголемува трошоците за одржување на инфраструктурата (асфалтот и шините се деформираат од повисоките температури).
Една студија од 2018 година покажува дека кога просечната дневна температура ќе се искачи над 22 степени, способностите на учениците се намалуваат, што се гледа, на пример, од резултатите на математичките тестови.

Георги Стефанов дава уште еден пример за ефектот од зголемувањето на температурите, преку поместувањето на сезоната за производство на земјоделските култури. Тоа се гледа од моментот на засејувањето до бербата. Грозјето веќе се бере во август, а не во септември. Земјоделците што порано жнееле во јули или кон крајот на јуни, денес почнуваат со жетварските работи од крајот на мај.