Ларкин постигна 30 поени и промаши само еднаш

Анадолу Ефес славеше кај Барселона со 34 разлика за највисока гостинска победа на еден тим сезонава, со рекордни 102 гостински поена во плејоф од 2005-та, и изедначи рекорд во тројки. Ларкин и Плеис имаа само по едно промашување од поле, а Данстон ниту едно. Тимот имаше 74,3 отсто шут за два поена, 25 асистенции…

ЦСКА Москва и Анадолу Ефес се доближија до пласман на фајналфор-турнирот во кошаркарската Евролига по победите во средата, во третите дуели од четврт-финалето. Тимот од Москва на гости ја победи Басконија со 84-77 и сега води со 2-1 во серијата што се игра до три победи. Тимот од Истанбул, пак, ја растури Барселона на гости со 102-68 за водство, исто така со 2-1. Четвртите мечеви на програмата се утре, одново на терените на Басконија, односно на Барселона. Ако е потребно, евентуалните мајсторки би се играле во Москва, односно во Истанбул, идната недела.

ЦСКА Москва е единствениот клуб што откако се игра плејофот во Евролигата, секогаш кога настапувал победувал во четврт-финалето и се пласирал на фајналфорот. Од 2002 година до лани се играни 17 сезони во Евролигата, а ЦСКА 15 пати (рекорд во Евролигата) играла во полуфиналето. Од 2012-та клубот има седум учества во низа на фајналфорот и освои една титула (2016 година), а вкупно има седум европски трофеи.
Анадолу Ефес го забележа највисокиот триумф на една екипа сезонава на гости во Евролигата (34 поени разлика). Целиот тим беше разигран, имаше одличен процент на шут за два поена (74,3 насто), ниту едно промашено слободно фрлање и дури 25 асистенции. Поединечно, Американецот Шејн Ларкин постигна 30 поени со само едно промашување (2/2 за еден поен, 5/5 за два и 6/7 за три поена), на што придодаде три скока, две асистенции и една украдена топка, за т.н. индекс на перформанс од 34. Едно промашување имаше и Тибор Плеис (4/4 за еден, 5/5 за два, 0/1 за три), а ниту едно Брајант Данстон (5/5 за два поена), на што додаде и 10 скока. Постигнатите 102 поена се најмногу за еден гостински тим во плејофот од 2005 година, а со 14-те тројки на Анадолу Ефес го изедначи рекордот на гостинска екипа во плејоф-меч во овој век, вели статистиката на Евролигата. Со победата, Анадолу Ефес е на добар пат кон пласман на својот прв фајналфор откако се игра Евролигата (клубот има две учества и трети места кога натпреварувањето го организираше ФИБА Европа, во 2000 и во 2001 година).

Од другите четвртфинални дуели, со 2-1 води и Фенербахче, против Жалгирис, по победата во третиот меч на гости во вторникот. Тимот од Истанбул е учесник на претходните четири фајналфора, од тоа трипати по ред играше во финалето и еднаш ја освои титулата (2017). Реал Мадрид, пак, се пласира на фајналфорот, по победата со 3-0 против Панатинаикос. Тимот од Мадрид шести пат од 2013 година ќе игра во полуфиналето. Реал е актуелен европски првак и има вкупно 10 титули, што е рекорд.
Фајналфорот треба да се игра во Виторија (Шпанија).