Преку изложени фотографии, реквизити, транспаренти и други елементи, кои биле дел од различните граѓански акции за промени во општеството во земјава во изминатите десетина години, изложбата насловена „Креативен активизам“ го прикажува еволутивниот развој на овој вид активности во земјава.
Изложбата е отворена во мобилната галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Таа на едно место ги собра учесниците и организаторите на креативните граѓански акции, различните граѓански здруженија, но и сите љубопитни граѓани, кои сакаа да ја видат спрегата на уметноста и активизмот и промените што таа ги иницира во општеството.
Изложбата е дел од програмата за одбележување на 25-годишнината од основањето на Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ). Како што истакнуваат организаторите на изложбата, таа го отсликува креативниот активизам во Македонија, кој почна со мали, безопасни, но исклучително креативни акции пред десетина години и кои означија нова ера на граѓанскиот активизам во Македонија.
Во рамките на оваа изложба може да се видат фотографии и реквизити од протестот против изградба на црквата на плоштадот „Македонија“ во Скопје, протестите против полициската бруталност, кои почнаа по убиството на Мартин Нешкоски, акцијата „Го сакам ГТЦ“ насочена против менувањето на ликот на Градскиот трговски центар во Скопје, Шарената револуција и многу други помали и поголеми акции и активности.
– Целта на оваа изложба е да ја прикаже креативната страна на граѓанскиот активизам и неговата еволуција, со која активистите мораа да се служат за да ги анимираат јавноста и медиумите, да ги мобилизираат свесните и да ги освестат неосвестените – велат организаторите на изложбата.