Фото: Маја Јаневска-Илиева

Чествувањето на Блаже Конески е чествување на кодот на нашата држава и нација, кодот на нашиот бит и нашиот идентитет, беше посочено на денешниот свечен собир во МАНУ, по повод 100-годишнината од раѓањето на македонски поет, писател, литературен преведувач и лингвистички научник.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” (УКИМ), Никола Јанкуловски посочи дека ниту еден друг универзитет во светот, освен Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, немал предавач, професор и ректор кој во изминативе децении остварил толкав влог во националната наука, култура и уметност.

– Чествувањето на великанот Блаже Конески е чествување на кодот на нашата држава и нација, кодот на нашиот бит и нашиот идентитет. Нашиот Универзитет ќе немаше таква историја и цврсти темели без Конески – истакна Јанкуловски.

Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев потсети на континуитетот на нашето духовно траење и на нашата состојба во периодот од школата на Климент Охридски до школата на Блаже Конески, што се нераскинлив дел од нашето суштествување.

На свечениот собир беше претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ. Се работи за 12 тома со целокупните дела на Конески, а соодветните томови ги претставија професорите Венко Андоновски, Наташа Аврамовска, Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска. Омаж за Конески читаа академиците Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ.

Беше промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески”, подготвена од Истражувачкиот центар за реална лингвистика при МАНУ.