Кризата во самодовербата на Западот

Судбоносна грешка за западните сили ќе биде да ги отфрлат идеите и институциите што овозможија просперитет и стабилност во изминатите децении. Пред сè, САД и Британија, двете држави што се најодговорни за создавање на повоениот меѓународен поредок, не смеат сега да му го свртат грбот

Во ера дефинирана од бесот на американскиот претседател Доналд Трамп, ревизионизмот на рускиот претседател Владими Путин и огромната амбиција на кинескиот претседател Си Џинпинг, меѓународниот поредок станува сè похаотичен, нефункционален и дури опасен. Како дојдовме до оваа состојба? Како можеме да ја надминеме? До неодамна, ерата по Втората светска војна беше период на добронамерен либерален интернационализам. Повоениот поредок почна да добива форма дури во 1941 година, кога американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт и британскиот премиер Винстон Черчил ја подготвија Атлантската повелба на еден брод во заливот Пласентија во Канада.

Иако Хитлер нижеше победи на бојните полиња во Европа, Черчил и Рузвелт беа решени не само да ја запрат нацистичката агресија, туку исто така да ги постават темелите за иднината на мирот и на демократијата. Тие успеаја да направат многу повеќе од она што мислеа дека е можно. По Атлантската повелба се формираа Обединетите нации, институциите од Бретон Вудс, светскиот трговски систем, Универзалната декларација на човекови права и многу други. За време на повоениот период на деколонијализација се појавија многу нови држави, а поранешните непријатели склучија нови сојузи и сеопфатна структура на интеграција. Големото „отворање“ на Кина и распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година го обележаа почетокот на 25-те години на извонреден светски напредок.

Всушност, судејќи по стандардните економски, политички и општествени показатели, ова можеби беа најдобрите 25 години во човечката историја. Не се случија големи војни меѓу суперсилите, светската трговија се ширеше и го поттикнуваше економскиот пораст, сиромаштијата се намали повеќе од двојно, а брзиот напредок во науката и технологијата направи огромен придонес во сите делови од светот. Во изминатите неколку години светот влезе во нова фаза. Политиката на идеализмот и надежта беше замената со политиката на идентитет и страв. Ваквиот тренд постепено почна да пушта корени во западните држави, но најмногу се забележа во две англосаксонски држави, кои првенствено го овозможија неверојатниот напредок од претходниот период. Денес е трагично да се следат збунувачките политички дебати во Велика Британија. По референдумот за брегзит во 2016 година, Велика Британија залудно бараше еден илузорен концепт за суверенитет што може да спречи масовно губење на меѓународната моќ и влијание што ќе ја чека откако ќе замине од ЕУ. Видот на глобална државност што Велика Британија некогаш му го нудеше на светот беше заменет со малограѓански расправии. Но збунувачките политики на Белата куќа на Трамп имаат уште поголеми последици.

Со години Белата куќа беше извор на светското лидерство. Денес, таа е извор на воинствена реторика, која не ја почитува идејата на светскиот поредок. Всушност, официјалната стратегија за национална безбедност на администрацијата на Трамп ги прикажува американските напори за зачувување на светскиот поредок како контрапродуктивни и самоуништувачки. Иднината што таа ја замислува во целост ќе биде дефинирана од конфликтите меѓу суверените држави. Ревизиите на американските стратегиски позиции би биле разумен одговор на руската агресија и кршењето на законите особено во Источна Европа, како и на зголемената наметливост на Кина на светската сцена. Но првиот инстинкт на американскиот претседател треба да биде одбрана на меѓународниот поредок од зголемените закани додека се адаптира на новата реалност. Справувањето со климатските промени, зголемената миграција и револуцијата во информациските и комуникациските технологии (ИКТ) ќе наложуваат нови, сеопфатни меѓународни договори за да се заштитат интересите на суверените држави. За жал, изјавите од Белата куќа како да сакаат да ја поткопаат секоја смисла за поредок, со надеж дека САД во иднина ќе победат во некаква идна Хобсова борба за светска доминација. Со ваквата логика, меѓународната трговија не треба да биде регулирана со закони и институции, туку преку еднострани протекционистички мерки и притисоци. Институциите како ЕУ, чија цел е да обезбедат ред и стабилност преку интеграција, се третираат со рамнодушност, па дури и со презир.

Од гледна точка на Кина, Хобсовата визија на администрацијата на Трамп би можела да биде привлечна ако нејзината економија продолжи да расте и ако избегнува сериозни домашни општествени или политички конфликти. Сепак, со помалку светски играчи, Кина ќе се соочи со помалку пречки кога ќе сака да го наметне зголеменото влијание надвор од своите рамки. Во ова сценарио губитникот несомнено ќе биде поширокиот Запад, што значи не само Европа туку и држави како Индија, кои ќе останат посветени на либералната демократија, економската отвореност и вредностите што ги нагласуваат токму тие 25 години по Студената војна. Дури и да се отфрлат најлошите сценарија, Западот ќе се соочи со нов свет со нови аспиранти, кои ќе постават нови барања за иднината. Судбоносна грешка за западните сили ќе биде да ги отфрлат идеите и институциите што овозможија просперитет и стабилност во изминатите децении. Пред сè, двете држави што се најодговорни за создавање на повоениот меѓународен поредок не смеат сега да му го свртат грбот.

Авторот е поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска