Илинденските идеали и аманети

Ако една битка е загубена, војната за Македонија продолжува и ние ќе ја добиеме праведната војна што ја водиме единствени и сплотени во идеалите. Таа војна можеби и ќе потрае, ама истрајноста ќе го донесе вистинскиот резултат; да бидат вратени историското име на државата Македонија, достоинството на македонскиот народ и сѐ што е наше, македонско

Манифестациите и свеченостите посветени на одбележувањето на Илинден, големиот македонски национален, државен и црковен празник, започнаа, а ќе кулминираат на 2 август, на легендарниот Мечкин Камен, во славното Крушево, во Скопје и Пелинце, со што ќе бидат одбележани 116 години од Илинденското востание и 75 години од Првото заседание на АСНОМ. Пред неколку дена коњаниците од скопската општина Аеродром, како и од гостиварското село Зубовце, горнореканското село Врбен и кичевската коњаница, величествено беа испратени кон славното Крушево. Од блиските места на Крушево се очекува да се упатат и неколку пешачки чети. Коњаниците и четите претежно ги сочинуваат млади луѓе, а има и повозрасни, кои со голема љубов и верност го изразуваат македонскиот патриотизам. Со голема почит и силно изразени патриотски чувства, понесени од идеалите на Илинденското востание и на исконските потреби на македонскиот народ, даваат сѐ од себе за да ја продолжат традицијата на вечна борба и непокор, за сопствениот идентитет. Нивната света цел е да не се заборават придобивките од борбата за независна, демократска и слободна Македонија, која вечно живее во нивните срца.

Никој со декрет не може да ни го одземе македонскиот идентитет, да бидеме безимени, со револт говореше крушевчанецот, Јово Мазаревски, војвода на коњаницата „Бигорски манастир – патот на црешовото топче“. Никој, ама никој, не им дал право на неколкумина политичари да ја обезличат Македонија, што го направија на шверцерски начин, не почитувајќи го Уставот и законите. Македонија да биде безимена, без срам и перде, продолжуваат да распродаваат сѐ што е македонско. Токму тоа внесе голем немир и гнев кај нас младите и на ваков начин ги изразуваме нашиот револт и незадоволство од актуелната влада, која државата продолжува да ја уништува со несмален интензитет. Тоа ќе го спречиме по цена на сѐ. Ако една битка е загубена, војната за Македонија продолжува и ние ќе ја добиеме праведната војна што ја водиме единствени и сплотени во идеалите. Таа војна можеби и ќе потрае, ама истрајноста ќе го донесе вистинскиот резултат; да бидат вратени историското име на државата Македонија, достоинството на македонскиот народ и сѐ што е наше македонско.
Благословувајќи ја коњаницата, патот до славното Крушево да го минат беспрекорно и здрави и живи да се вратат во своите домови, се помолија јеромонахот Доситеј и монашкото братство на Бигорскиот манастир. Доситеј им порача да ги чуваат високите морални вредности како луѓе, зашто и тоа е дел од остварувањето и чувањето на илинденските и другите идеали. Војводите, комитите, борците, имале високи морални вредности и затоа успевале во остварување на идеалите. Но, за жал, во нашата историја имавме и предавници што паднале во искушенија и нанесоа голема штета. Токму тие негативни примери треба да ни послужат да не ги повторуваме.

Низ планинските беспаќе, низ ридовите, по долините и речните клисури, низ рамниците и полињата, од грлата на младите и храбри комити и војводи, како во славната илинденска епопеја, ечат македонските патриотски песни, илинденски, песни посветени на славните војводи, кои животите го положија за слободна Македонија, во борбите за слобода од османлиското петвековно ропство и од другите. Низ сите градови и села каде што минуваат коњаниците се поздравувани од месното население, им се приредувани срдечни пречеци и од срце се гостени со домашни специјалитети, како што тоа го правеле нивните предци. Комитите по патот ги посетуваат историските паметници на многуте знајни и незнајни македонски борци. Почит им беше оддадена и на македонските борци што за Македонија ги дадоа животите во поновата македонска историја, во 2001 година, во воениот конфликт и потоа.