Зошто не смее да паднат во заборав македонските национални херои

На секоја нација ѝ се потребни хероите, затоа што хероите нѐ учат што значи големото лидерство, нѐ инспирираат да достигнеме поголеми височини како нација, општество или држава, нѐ мотивираат да правиме нешта што никогаш не сме се осмелиле ниту да ги замислиме. Националните херои се и инспиративен пример за човековиот дух, кој триумфира над неволјите и непремостливите пречки, па затоа секоја современа нација има свои херои и ги издигнува на националниот пиедестал

Националниот херој е нераскинлив симбол на секоја современа нација и е вграден во националната меморија преку фолклорот, народните песни и приказни, како и преку уметноста, литературата и филмската уметност. А вредноста на хероите е немерлива! Националните великани како Гоце Делчев или Јане Сандански ни помагаат да го цениме нашето минато и се секојдневни обележја на македонскиот национален идентитет. Не случајно во македонската национална свест се трајно врежани сеќавањата на илјадници херои што ги дадоа своите животи за македонската слобода, а нивната херојска саможртва е симбол на македонската државност. Како симболи, националните херои го оживуваат минатото за новите генерации и создаваат мост меѓу генерациите. Хероите исто така ги олицетворуваат колективните идеали на нацијата и го осуштествуваат заедништвото помеѓу членовите на секоја нација, а не смее да се заборави дека тие се и одредница на националните стремежи.
На секоја нација ѝ се потребни хероите, затоа што хероите нѐ учат што значи големото лидерство, нѐ инспирираат да достигнеме поголеми височини како нација, општество или држава, нѐ мотивираат да правиме нешта што никогаш не сме се осмелиле ниту да ги замислиме. Националните херои се и инспиративен пример за човековиот дух, кој триумфира над неволјите и непремостливите пречки, па затоа секоја современа нација има свои херои и ги издигнува на националниот пиедестал. Следствено, во секоја европска или светска метропола честопати се сретнуваме со хероите на другите нации, како што е споменикот на Мустафа Кемал Ататурк во Анкара, споменикот на Џузепе Гарибалди во Милано, а особен пример во оваа насока е т.н. Дом на инвалидите, кој денес е национално светилиште на Франција, светилиште во кое покрај Наполеон Бонапарта почиваат и повеќе од осумдесет значајни француски личности.
Од светските примери може да се одвои и Јапонија.

Во речиси секој јапонски град има споменик или музеј на некоја значајна национална личност, а спомениците како оној на Ијејасу Токугава (човекот што ја обедини Јапонија по повеќевековната граѓанска војна и ги постави темелите на современата јапонска држава) во Нагоја се култно место за посета на илјадници јапонски граѓани. Јапонското општество е интересен пример и од аспект како преку филмската уметност се негуваат националните херои. НХК, јапонска телевизија што се финансира директно од јапонските граѓани, започнувајќи од 1963 година емитува едногодишна историска драмска телевизиска серија од своја продукција, а досега се продуцирани 64 историски драми. Секоја драма е посветена на одредена историска личност, а честопати неколку историски драми се посветени на иста личност, меѓутоа од друг аспект. Овие драми се многу скапи за производство и се меѓу најпрестижните телевизиски драми во Јапонија, но рејтингот на гледаноста значително им се намали во последниве години. Овој факт не придонесува за прекратување на продукцијата, бидејќи споменатите историски драми на најдиректен начин ги „оживуваат“ хероите што ја обединуваат јапонската нација.
Каде сме ние како нација и држава во овој наратив? Македонија како држава е творба на повеќевековната саможртва на повеќе генерации, борба што ја достигна кулминацијата со херојската илинденска епопеја и Народноослободителната и антифашистичка борба во Втората светска војна. Во изминативе години, како да го заборавивме значењето на македонските херои од Илинден и НОБ, како да ја заборавивме симболиката на чествувањето на илјадниците знајни и незнајни македонски национални херои што се жртвуваа за македонскиот народ и неговата државност. Особен пример дека нештата не се како што треба да бидат е непочитувањето на ликот и делото на Атанас Нивички. Овој македонски херој, еден од најблиските соработници на македонскиот великан Гоце Делчев, од неговите соработници бил запаметен како еден од најголемите борци против врховизмот. Во овој контекст, Михаил Герџиков (основач на Македонскиот таен револуционерен комитет, учесник во македонското револуционерно движење, војвода на Македонската револуционерна организација, подоцна деец на ВМРО-Обединета) запишал: „Атанас Нивички има заслуги затоа што не пропушти ниту еден врховист во својот пункт. Тој имаше силно влијание кај селаните, одеше сам, беше умен човек, прекрасен, итар, но благороден, чесен.“ Но денес, неговиот споменик во родното место Нивичино е заборавен и запуштен, како и спомениците на повеќемина други македонски национални херои.

Во минатото, Македонија како држава и нација се грижеше за своите херои, потврда за ова се многубројните споменици и спомен-обележја на значајни историски личности, како што е споменикот на Гоце Делчев во Струмица, поставен во 1976 година, или „Меморијалниот комплекс на паднатите борци на револуцијата“ во Штип. Во контекст на афирмација на македонските херои треба да се спомене и легендарната телевизиска серија „Тврдокорни“, која за првпат беше емитувана во 1988 година и кога на телевизиските екрани беа „оживеани“ Христо Узунов, Јордан Пиперката, Ѓорѓи Сугарев, Ѓурчин Наумов–Пљакот, Дончо Штипјанчето, Блаже Крстев, Леонид Јанков и Милан Арсов. Во изминативе години не само што ги заборавиме нашите херои во контекст на филмската или телевизиската продукција туку напротив, како да постои и одредена цензура за нивно оживување преку филмската уметност. Како општество, нација и држава мора да преземе нешто во поинаква насока и не смееме да заборавиме дека почитувањето на македонските национални херои е всушност почитување на саможртвата на неколку генерации што ги донесоа илинденската епопеја и Народноослободителната борба од Втората светска војна, односно македонската државност.