Фото: ЕПА

Иако настанот во Шамони во 1924 година беше официјално прогласен за „олимписки игри“ од ИОК во 1926 година, тој, сепак, беше клучен момент во историјата на олимпизмот и на Олимписките игри. И, со исклучок на две изданија, настанот е постојан на олимпискиот календар веќе еден век, собирајќи огромна возбуда секогаш, а зимските спортови на снег и на мраз продолжуваат да фасцинираат, рече претседателот на ИОК, Томас Бах

ИОК

Првите зимски олимписки игри почнаа да се одржуваат од пред рамно 100 години. Во 1924 година, 258 спортисти од 16 репрезентации се собраа во алпскиот град Шамони (Франција). Спортскиот фестивал одржан во Шамони во 1924 година се покажа како огромен чекор напред за зимските дисциплини, обезбедувајќи огромен поттик за нивната меѓународна позиција, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Како резултат на тоа, ИОК одлучи на својот конгрес во Прага во мај 1925 година ретроактивно да ја именува „меѓународната недела на зимски спортови“ во Шамони како „први Зимски олимписки игри“ (ЗОИ) и воведе четиригодишен циклус, кој ќе ги вклучува и летните и зимските игри. Повелбата за зимските олимписки игри беше усвоена за време на конгресот, каде што, исто така, беше одлучено должностите за домаќините, секогаш кога е можно, да бидат доделени на земјата домаќин на летните олимписки летни игри. Оттогаш, Игрите еволуираа и станаа најважниот зимски спортски настан во светот, а денес до 3.000 спортисти од над 90 национални олимписки комитети учествуваат во сѐ поголем број дисциплини, вклучувајќи ги и најновите додатоци, како што се скијање во слободен стил и ски-планинарење.
– Иако настанот во Шамони во 1924 година беше официјално прогласен за „олимписки игри“ од ИОК во 1926 година, тој, сепак, беше клучен момент во историјата на олимпизмот и на Олимписките игри. И, со исклучок на две изданија, настанот е постојан на олимпискиот календар веќе еден век, собирајќи огромна возбуда секогаш, а зимските спортови на снег и на мраз продолжуваат да фасцинираат – рече претседателот на ИОК, Томас Бах.
Вклучувајќи го ова прво издание, одржано во Шамони од 25 јануари до 5 февруари 1924 година, 24 ЗОИ беа одржани во 21 регион и во 13 земји. Од 258 спортисти во Шамони, само 13 беа жени. Речиси еден век подоцна, Пекинг во 2022 година пречека 2.871 спортист, од кои 45 отсто жени, сооднос што се очекува да порасне на 47 отсто на ЗОИ во Милано и Кортина д’Ампецо во 2026 година, пишува ИОК.
Игрите помогнаа пошироката публика да се запознае со зимските спортови, како за професионалците така и за аматерите, а тие, исто така, ги придвижија своите домаќини на глобалната мапа на одморалишта и дестинации од светска класа, нудејќи широк спектар зимски, но и активности на топло време, пишува ИОК. Освен економските придобивки, ЗОИ создадоа ефект на бранување инспирирајќи поединци, заедници и цели региони да прифатат поздрав начин на живот, да се вклучат во планински спортови и да ги искористат физичките и менталните придобивки од спортските активности.

Меѓутоа, со еволуцијата дојде до зголемено признавање на кревкоста на околината од која зависат зимските спортови. Денес, климатските промени претставуваат директна закана за луѓето и нивните средства за живот и особено ги загрозуваат спортовите што се потпираат на снег и на студено време, пишува ИОК. Со текот на годините, организаторите на Игрите го користеа настанот за да ја кренат свеста за планинската средина и за важноста на нејзиното зачувување. Наречени први зелени игри, Лилехамер во 1994 година постави конкретни цели за одржливост за планирање и одржување на Игрите. Со текот на времето, со Олимписката агенда 2020 и со Олимписката агенда 2020+5, ИОК ги зајакна барањата за одржливост за Игрите, пишува ИОК.
– Како и со сите сектори, зимските спортови ќе треба да се приспособат на влијанијата на климатските промени и да ги ублажат нивните ефекти. Ова размислување беше во првите редови кога ги усвоивме Олимписката агенда 2020 и Олимписката агенда 2020+5. ИОК и Олимпиското движење се обидуваат да го намалат нашето влијание врз животната средина, не само за да придонесат за поголемото добро на општеството туку и за спортот, а особено зимскиот спорт, да продолжат да придонесуваат кон создавање подобар свет – рече Бах.
Денес, сите потенцијални домаќини мора да покажат проекти одговорни за климата. Од 2030 година, организаторите на Игрите ќе бидат обврзани да ги минимизираат своите емисии, да се стремат да отстранат повеќе јаглерод отколку што испуштаат Игрите и да ги охрабруваат другите да преземат климатски мерки, пишува ИОК.
Со оглед на тоа што 89 отсто од сите постојани места користени на претходните зимски олимписки игри уште се во употреба, ИОК бара ништо да не се гради само за Игрите. Организаторите мора да им дадат приоритет на постојните и на привремените места за натпревар.

Доколку се изгради некоја нова инфраструктура, таа мора да одговори на долгорочните потреби на локалното население, обезбедувајќи употреба во текот на целата година. Денес, настаните може да се одржуваат надвор од главниот регион домаќин, па дури и надвор од земјата домаќин. Бидејќи температурите продолжуваат да растат низ светот, до 2040 година само 10-13 земји ќе можат да бидат домаќини на ЗОИ, пишува ИОК. Ова е една од причините зошто ИОК го одобри принципот на двојно доделување две последователни ЗОИ, тие во 2030 и во 2034 година, доколку постојат соодветни услови. Ова би обезбедило безбедност за спортистите и за Олимпиското движење, за да му овозможи на ИОК да истражува стратегии за да се обезбеди иднината на зимските спортови. Тие би можеле да вклучуваат ротирање на ЗОИ, иновации и нови технологии, кодомаќин на натпревари на мраз и на снег помеѓу различни региони и децентрализација на организацијата на ЗОИ, пишува ИОК.
– Во претходните сто години луѓето зборуваат за магијата на Игрите. Наша должност и одговорност е да обезбедиме тоа да биде исто во следните 100 години. Општеството во целина, а особено спортистите, повикуваат активностите во спортовите, настаните и олимписките игри, да бидат општествено, економски и еколошки одговорни. Ние одговараме на овие повици – рече Кристоф Дуби, извршен директор на ИОК за олимписки игри. Н.М.


Отсуствуваше алпското скијање, Џутро прв шампион…

На првите Зимски олимписки игри (ЗОИ), во 1924 година, во Шамони (Франција), спортистите се натпреваруваа во хокеј на мраз, уметничко лизгање, брзо лизгање, боб, карлинг, нордиско скијање (биатлон, норидска комбинација и крос-кантри) и во скијачки скокови. Немаше натпревари, на пример, во алпско скијање, кое првпат беше воведено на четвртите ЗОИ, во 1936 година. Прв зимски олимписки шампион станал Чарлс Џутро од САД, кој победил во трката на 500 метри во брзо лизгање. Гилис Графстром од Шведска во уметничко лизгање станал првиот спортист што успешно ја одбранил својата летна олимписка титула на Зимски олимписки игри (освои златен медал на Летните олимписки игри во 1920 година, каде што имаше и натпревари во уметничко лизгање и во хокеј на мраз)…