* Фото од новата преодна влада без министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со 65 гласа „за“ и три „против“, македонското собрание вчера на 141. седница ја избра третата преодна влада на Република Македонија, која има задача да подготви амбиент за одржување фер и демократски избори.
Премиерот Талат Џафери, претставувајќи ја владината програма пред пратениците во македонското собрание, најави дека составот на техничката влада го предлага во согласност со законот и роковите за изборите, нагласувајќи дека и пред претседателот Стево Пендаровски соопштил дека ќе работи одговорно и во согласност со законите.

Во пресрет на претседателските и парламентарните избори

Со 65 гласа „за“ и три „против“, македонското собрание вчера на 141. седница ја избра третата преодна влада на Република Македонија, која има задача да подготви амбиент за одржување фер и демократски избори.
Премиерот Талат Џафери, претставувајќи ја владината програма пред пратениците во македонското собрание, најави дека составот на техничката влада го предлага во согласност со законот и роковите за изборите, нагласувајќи дека и пред претседателот Стево Пендаровски соопштил дека ќе работи одговорно и во согласност со законите.
– Не е битно дали се работи за техничка влада со рок од еден или 100 дена работа, ќе работам наполно професионално и нема да дозволам какви било манипулации во однос на демократскиот процес. Јас и Владата што ќе ја предводам ќе работиме на спроведување на успешните досегашни политики, како и во согласност со стратегиските определби за интеграција на земјата во ЕУ до 2030 година – порача Џафери.
Понатаму тој уште рече дека ќе се залага и за спроведување на економските, здравствените, образовните и социјалните потреби на граѓаните, како и за поголем економски раст на државата.
Џафери вети отворен дијалог со политичките партии, со институциите и граѓаните, како и транспарентност во работењето.
– Не помалку важно е да споменам дека доследно ќе се залагам за етничка усогласеност и слога меѓу заедниците – истакна Џафери во обраќањето, најавувајќи дека ќе ја продолжи реализацијата на програмата на претходната влада, како и проектите во делот на реформите во јавната администрација и продолжување на заложбите и преговорите за кластерите од преговарачкиот процес со ЕУ.
Тој се осврна и во делот на заложбите за Планот на економски раст на ЕК, во кој е склучена Македонија во рамките на европскиот план за развој на земјите од Западен Балкан.
– Со заокружување на политиките за раст на минималната плата и на пензиите, ќе се залагам и за ценовна стабилизација, како и за финансиска дисциплина и исполнување на целите со буџетот за годинава. Зацртаниот план на досегашната влада нема да се менува во ниту еден дел – порача Џафери.
На крајот на обраќањето, Џафери најпрво им се заблагодари на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за укажаната доверба, како и на претседателот Стево Пендаровски, досегашниот премиер Димитар Ковачевски и на пратениците во Собранието.


Во Собранието реплики со исклучителна острина

Милошоски: Еден дезертер даде оставка, друг дезертер ќе стане премиер

Со мошне остра реторика, пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, се обрати од собраниската говорница, искажувајќи го ставот зошто е против Талат Џафери да биде премиер.
– Еден дезертер поднесе оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја – започна Милошоски, алудирајќи на Димитар Ковачевски, кој, според ВМРО-ДПМНЕ, избегнал служење воен рок, додека Талат Џафери ја напуштил армијата за да ѝ се приклучи во ОНА во 2001 година.
Тој истакна дека постои прекршување на законот бидејќи се случува партија со помал број пратеници да има технички премиер.
– СДСМ, ЛДП и НСДП како верни слуги на ДУИ го направија македонскиот народ кираџија во својата држава. Тие приредија дуизација на Македонија. Затоа, ова е историски ден затоа што Македонија има историски највисок долг, најлошо здравство, влада со историски највисока корупција во регионот. Дваесет отсто од жителите на Гостивар, местото на Џафери, се иселија благодарение на „европската политика“ на ДУИ. Талат им ги завери во Собранието сите коруптивни договори – рече Милошоски, наведувајќи повеќе договори, кои, според него, се неуспешни, но коруптивни.
Потсети на, како што рече, коруптивните договори за изградба на фабрика за електрични возила во Тетово, која ја нема, исплатените стотици милиони евра на „Бехтел и Енка“ без да се изгради ниту километар автопат, скандалите со Законот за игри за среќа, набавката на коцкарски апарати, корупциските афери на Клиниката за онкологија, жртвите во тетовската модуларна болница и во сообраќајката на „Беса транс“ во Бугарија.
Како една од причините зошто се противи на изборот на Џафери, Милошоски ја наведе и опструкцијата од поранешниот спикер при изборот на еден член во Државната изборна комисија, каде што, според него, мора член да биде од редовите на опозициската Беса.
– Тие што очекуваат Џафери да се заложи за фер и демократски избори добро да се замислат, бидејќи ДИК ја остава без еден член – рече тој.
На крајот, Милошоски се обрати до министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат внимателни бидејќи ги чекаат многу предизвици и стапици, појаснувајќи дека неговата партија нема да гласа за новата влада.


Каевски: Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес

СДСМ и коалицијата ќе ја поддржат техничката влада, ставајќи го интересот на државата на прво место, порача пратеникот на СДСМ и портпарол, Дарко Каевски, од собраниската говорница при изборот на техничката влада.
– Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес, а со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат. Во изминатите години СДСМ покажа дека е демократска партија што знае да ги штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновено право за слободно изразување на нивната волја. Така и ќе продолжиме – рече Каевски.
Според него, нервозата во ВМРО-ДПМНЕ постои бидејќи се свесни дека ги очекува изборен пораз.
– Токму затоа од самиот почеток, законската обврска за техничка влада, која единствена цел има да организира фер и демократски избори, бараше начин да ја проблематизира, да ја опструира, целосно непотребно и без каква било основа – порача Каевски.
Тој се осврна и на постигнувањата на досегашната влада, особено во делот на помош на граѓаните за време на пандемијата и енергетската криза, а потсети и дека благодарение на досегашната владејачка коалиција, платите и пензиите нараснале, инфлацијата се стабилизирала, а преговорите со ЕУ почнале.


Ахмети: Ако сме патриоти треба да ја зачлениме нашата земја во ЕУ

Последен од собраниската говорница пред гласањето за составот на новата преодна влада се обрати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој порача дека во оваа земја не смее да има кираџии и господари.
– Ниту вие кираџии, ниту моите колеги не се кираџии. Една работа е вистина – Охридскиот мировен договор му ја даде тапијата да биде господин во неговата куќа, мировниот договор не го измени само карактерот на државата, не го измени само статусот на Албанците во државата, добивка имаа Ромите, Србите, Власите, сите победија. Овој договор нас нѐ направи господари во нашата куќа. За овие 22 години работевме заедно. Јас и мојата партија се обидовме да имаме вистински партнерски однос и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ – рече меѓу другото Али Ахмети во своето обраќање на 141-та седница за избор на техничка влада во Собранието.
Тој уште додаде дека пред земјата претстојат големи проблеми, а идната влада треба да се ангажира за избори и за да бидат креативни во градењето на политиките во иднина.
– Железната војна е завршена, но сега има една жестока војна, се зборува за употреба на нуклеарно оружје, ова не треба да се потценува. Москва го згази идентитетот на Украина, затоа треба да сме внимателни какви политики ќе водиме. Треба да се подигне гласот, рековте дека бега младината, земјите членки на ЕУ целата младина ја вратија назад. Ако сме патриоти треба нашата земја да ја зачлениме во ЕУ ако сакаме нашата младина да остане во државата каде што живее – истакна Ахмети.